Изложба на дела од Хенри Мур во Музејот на современа уметност

Осумдесет графики (бакрописи и литографии) и шест бронзени скулптури-минијатури на големиот англиски уметник на 20 век Хенри Мур ќе бидат шест недели во Музејот на современа уметност во Скопје на изложба што ја организира Британскиот совет во Македонија.

Изложбата „Хенри Мур: Графичарот“ ќе биде отворена вечер и посетителите ќе може да ја видат до крајот на мај. Делата доаѓаат директно од Лондон, од централата на Британскиот совет, која поседува збирка од над 200 уметнички трудови на познатиот графичар и вајар кој на Советот му ги донирал во 1984 по повод половина век од неговото постоење.

Изложбата прво ќе гостува во Скопје, а потоа ќе патува во околните земји - Црна Гора, Албанија, Србија. Иницијативата произлегла во јуни минатата година, кога Британскиот совет во Скопје, во соработка со Музејот на современата уметност (МСУ), беше организатор и на изложбата „Прагови“, на која беа претставени 80 дела од 34 британски автори по повод дијамантскиот јубилеј од владеењето на кралицата Елизабета Втора.

Мур, кој правел големи скулптури за отворени простори, во МСУ ќе биде претставен со дела во помали димензии што ќе се вклопат во затворен амбиент, од кои две минијатури се макети што ги направил за своите големи скулптури „Мајка со дете“ и скулптурата „Knife Edge“.

Почесен гостин на вечерашното отворање на изложбата ќе биде Дејвид Мичинсон, куратор на изложбата на Мур и поранешен раководител на фондацијата „Хенри Мур“, кој долго соработувал со уметникот. Во МСУ тој утре ќе одржи предавање „Работејќи со Хенри Мур“. На отворањето ќе присуствува и директорот на Британскиот совет за Западен Балкан Тони О’Брајан.

Музејот на современата уметност очекува голем интерес од јавноста и од тоа ќе зависи дали ќе го продолжи вообичаеното работно време по 17 часот, како што практикуваше за претставувањето на делата на Вазарели и на Дали.

Покрај изложбата, за која фондацијата „Хенри Мур“ подготви каталог, до 31 мај ќе има и придружна програма во МСУ - работилници за млади кои ќе творат инспирирани од делата на Мур, како и едночасовен филм „Уметноста на Хенри Мур“.

Делата на Мур се дел од богатата јавна збирка од 9.000 творби на британски уметници што ги има централата на Британскиот совет во Лондон. Таа се нарекува „Музеј без ѕидови“ зашто не е постојана поставка туку се претставува на патувачки изложби низ светот, во соработка со локалните канцеларии на Британскиот совет.

Хенри Спенсер Мур (1898-1986) е најпознат по монументалните апстрактни бронзени скулптури, кои се изложени на јавни места низ светот. Правел апстракни претстави на човечко тело, а најчести мотиви му се мајка со дете и фигури во легната положба. Иницирал нов облик на модернизмот во Обединетото Кралство и влијаел на творештвото на многу англиски и светски скулптори. Имал многу нарачки на вајарски дела, меѓу кои се скулптурите пред седиштето на УНЕСКО во Париз и во близината на Вестминстер во Лондон.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер