Излезни анкети: Сигурна победа на Борисов - ГЕРБ освојува 26,4%, Продолжуваме со промените 15%

Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ е убедлив победник на денешните избори во Бугарија, но далеку од можност самостојно да формира влада, покажуваат повеќе излезни анкети.

Анкетата на агенцијата „Алфа Рисрч“ покажува дека ГЕРБ освоил 26,4 проценти од гласовите, пред Продолжуваме со промените на Петков со 14,9 проценти.. На третото место е проруската „Преродба“ на Костадин Костадинов со 12,9. Следуваат ДПС - нов почеток на Дељан Пеевски и Алијансата за права и слободи со по близу девет проценти, бугарските социјалисти се на шестото место со 7,8 и Има таков народ со 6,2 проценти.. Останатите партии се под цензусот од четири проценти..

Изразено во мандати, тоа би значело дека ГЕРБ добива 74, партијата на Петков 42, а на Костадинов 36 мандати.. За формирање мнозинство, потребни се 121 пратеник во 250-члениот парламент.

Шарл Мишел ја повика Грузија да спроведе истрага за наводните нерегуларности на изборите

Европската унија продолжува да го повикува раководството на Грузија да покаже силна посветеност на патот на земјата кон Европската унија. 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска повика на итна и транспарентна истрага за наводните нерегуларности за време на парламентарните избори во Грузија и најави дека ова прашање ќе го вклучи во агендата на самитот на ЕУ во ноември.

- Ја добивме прелиминарната оценка на ОБСЕ/ОДИХР и ја повикуваме Централната изборна комисија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност и брзо, транспарентно и независно да ги истражат и разгледаат изборните прекршувања и наводи. Овие наводни прекршувања мора сериозно да се истражат и отстранат, изјави Мишел.

Според него, Европската унија продолжува да го повикува раководството на Грузија да покаже силна посветеност на патот на земјата кон Европската унија. /МИА

Грузиската претседателка повика на протести, тврди дека изборите се украдени со помош на Русија

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, денеска изјави дека нејзината земја е жртва на руска „специјална операција“ и ја поддржа грузиската опозиција, која не ги признава резултатите од гласањето.

Таа ги повика Грузијците утре да излезат на главната улица во главниот град Тбилиси за да протестираат против резултатот, кој според неа е „тотален фалсификат, целосна кражба на гласови“.

Централната изборна комисија денеска соопшти дека владејачката партија Грузиски сон добила речиси 55 отсто од гласовите, според речиси 100 отсто преброени гласачки ливчиња.

Европските набљудувачи на изборите соопштија дека гласањето се одржало во средина обележана со заплашување и случаи на физичко насилство што го загрозило исходот од гласањето. /МИА

Сијарто: Грузиски сон постигна убедлива победа и покрај обидите за мешање во изборите

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и честиташе на грузиската владејачка партија Грузиски сон за победата на парламентарните избори, велејќи дека партијата постигнала победа и покрај обидите за мешање.

- И покрај обидите за мешање, народот на Грузија ја изрази својата волја, а патриотската и просемејната владејачка партија постигна убедлива победа на парламентарните избори во земјата, рече тој по објавувањето на резултатите од вчерашните избори.

Сијарто посочи дека Унгарија, за време на остатокот од претседавањето со ЕУ, но и по завршувањето на мандатот во јануари, ќе продолжи да му дава поддршка на Тбилиси на патот кон евроинтеграциите./МИА

притисни ентер