ИОК се извини за погрешното име на делегацијата на Јужна Кореја на отворањето на Олимпијадата

 Прес-службата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави извинување за погрешното име на Јужна Кореја на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз.

За време на парадата, спортистите од Јужна Кореја синоќа по грешка беа претставени како Северна Кореја.

- Би сакале длабоко да се извиниме за грешката што се случи при претставувањето на делегацијата на Јужна Кореја за време на церемонијата на отворањето, се вели во соопштението на ИОК на официјалните социјални медиуми на корејски јазик.

Олимписките игри се одржуваат во Париз од 26 јули до 11 август.

Шестмина загинати во демонстрациите во Исламабад

Шестмина загинати во демонстрациите во Исламабад за поддршка на поранешниот пакистански премиер Имран Кан

Приврзаниците на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кој моментално е во затвор, денеска ги пробија блокадите на демонстрациите во Исламабад и се судрија со полицијата, а во немирите загинаа шест лица, јави Бета.

Демонстрациите траат од неделата, а илјадници полицајци се присутни центарот на Исламабад во обид да ги задушат протестите за поддршка на Кан.

Кан е во затвор повеќе од една година и во моментов се соочува со повеќе од 150 кривични пријави, кои според неговата партија се политички мотивирани.

Властите наведуваат дека само судовите можат да наредат ослободување на Кан, кој се соочи со гласање за недоверба во парламентот во 2022 година.

Кан е во затвор од првата пресуда за корупција, во август минатата година.

Пакистанската армија денеска ја презеде контролата врз големиот плоштад во центарот на Исламабад, каде се наоѓаат владините згради и каде во моментов престојува белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој е во посета на Пакистан.

Во центарот на градот се присутни и паравојска и полицајци, при што некои полицајци испукаа предупредувачки истрели во воздух.

Протестите ги предводи сопругата на Кан, Бушра Биби.

Министерот за внатрешни работи Мошин Накви се закани дека доколку демонстрантите пукаат, безбедносните сили ќе одговорат.

-Сега и дозволивме на полицијата да донесе каква било одлука според ситуацијата“, рече Накви.

Засега полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.

Меѓу загинатите има четворица полицајци и еден цивил кои загинаа кога на нив синоќа налета возило.

Премиерот Шехбаз Шариф го осуди нападот, велејќи дека „анархистичка група“ намерно ја гаѓала полицијата.

Десетици луѓе се повредени, меѓу кои и новинари кои беа нападнати од демонстранти.

Многу силен земјотрес ја погоди Јапонија: Земјата се тресеше речиси една минута

Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погоди Јапонија.

Епицентарот бил на длабочина од 8 километри, а на 20 километри северозападно од Хакуи. Земјотресот бил почувствуван низ цела Јапонија.

„Креветот се тресеше добри пет секунди“, „Мислам дека ова траеше околу една минута, некако бавно лулање“, „Завесите и креветот се лулаа добри 30 секунди, ако не и цела минута“, велат луѓето во коментарите.

Засега нема информации за материјална штета и повредени.

Според податоците на Јапонскиот сеизмолошки институт, земјотресот бил со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала.

Германската ЦСУ не е веќе против постизборна коалиција со Зелените

Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените.

Три месеци пред предвремените парламентарни избори во Германија, претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Содер повеќе не ја исклучува можноста за коалиција на ЦДУ/ЦСУ со Зелените, но наведе промена на миграциската политика на Зелените како услов за соработка, објавија денеска германските медиуми.

-Одлучувачко прашање е ставот на Зелените. Кога станува збор за миграциската политика, оваа партија е на сосема погрешен пат, вели претседателот на ЦСУ, помала, сестринска партија во Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ, во интервју за неделникот „Стерн“.

Досега Содер експлицитно одбиваше да соработува со Зелените, пред се поради миграциската политика и неговото инсистирање за најбрза можна зелена трансформација на општеството.

ЦСУ, која е на власт во Баварија, се залага за максимално ограничување на миграцијата и отфрлање на потенцијалните баратели на азил на самата граница, што Зелените го отфрлаат.

Содер, кој е и баварски премиер, во исто време рече дека Унијата не треба да се врзува за една партија во изборната кампања.

- Силната врска со Зелените би ги оддалечила гласачите од конзервативното граѓанско милје, рече Содер.

Според последните истражувања на јавното мислење, убедливо на прво место е Унијата ЦДУ/ЦСУ, со поддршка од 32 до 37 отсто од гласачите. На второ место е десничарската АфД, со околу 17 до 19 отсто. На трето место е моментално владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) со околу 15 отсто и Зелените со околу 12 отсто поддршка.

Либерално-демократската партија (ФДП) се движи околу изборниот праг од пет проценти. /МИА

притисни ентер