Индексот на квалитетот на воздухот во Индија надмина 1.000, во Пенџаб воведен и полициски час

 Новиот бран загадување во Њу Делхи утринава достигна алармантни нивоа со индексот на квалитетот на воздухот над 1.000, соопшти швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот IQAir.

Загадувањето ја намали видливоста во многу делови од градот, додека ситуацијата на аеродромите стана критична, со можни доцнења на летовите.

Според IQAir, концентрацијата на PM2.5 честичките, кои се толку мали што можат да навлезат во човечките бели дробови и да предизвикаат сериозни болести, е 120 пати поголема од препорачаните нивоа на Светската здравствена организација.

Индиската метеоролошка служба соопшти дека загадувањето и маглата ја намалиле видливоста во некои делови на Њу Делхи.

Метеоролозите сметаат дека смогот најверојатно ќе продолжи да ја влошува состојбата, бидејќи сончевите зраци нема да можат да се пробијат низ густата магла.

Во пакистанската провинција Пенџаб, која граничи со Индија, властите ги затворија училиштата, воведоа полициски час и наредија некои продавници и трговски центри да се затворат порано за да се намали влијанието на загадувањето.

Ангеловска-Бежоска на Конференција во Тирана

Банкарските системи во регионот имаат капацитет да поддржат забрзана конвергенција.

Во изминативе неколку години имаше доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан, но таа се одвиваше побавно. За нејзиното забрзување од особена важност е справувањето со структурните пречки, за што е важна и поддршката од финансискиот систем. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите од регионот којашто се одржа во Тирана, Албанија, во организација на Централната банка на Албанија и Асоцијацијата на финансиски институции на Албанија, а на којашто присуствуваше и вицегувернерот Фадил Бајрами. Панел-дискусијата на која учествуваа и гувернерот на Албанија, гувернерот на Косово и вицегувернерот од Црна Гора, ја водеше Пол Томсен, поранешен директор на Одделот за Европа на Меѓународниот монетарен фонд.

Доходовната конвергенција во регионот, од 2019 година па досега, забрза просечно за околу 2,6 п.п., што е значително побавно во споредба со периодот пред глобалната финансиска криза. Сегашното нивото на доходот во регионот и натаму е ниско и изнесува околу 42% од доходот во ЕУ. Причините за бавната конвергенција се главно структурни и можат да се поврзат со трите долгорочни фактори за раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. Оттаму, забрзувањето на конвергенцијата наметнува потреба од забрзување на структурните реформи, процес којшто е скап и за кој се потребни соодветни извори на финансирање.

Во овој контекст, од голема важност е што банкарскиот систем добро се справи со претходните шокови и успеа да го зајакне својот капацитет за обезбедување соодветна финансиска поддршка за раст на економијата. Кај нас адекватноста на капиталот оствари највисок раст во регионот и е највисока во последните две декади, ликвидноста традиционално е на високо ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е значително подобар во однос на претпандемичниот период. Сепак, се очекува натамошно зголемување на степенот на финансиско посредување, но и негово унапредување преку поголема дигитализација. Значаен исчекор кон оваа цел може да биде и членството во Единствената област за плаќање во евра СЕПА, со што нашиот систем ќе биде поинтегриран во европскиот платежен систем, обезбедувајќи бројни придобивки за граѓаните и компаниите.

Кабинет на гувернерот

„Жените на Пучини“ на 19 ноември, 20.00 ч. во фоајето на Националната опера и балет

На 19 ноември со почеток во 20.00 часот во фоајето на Националната опера и балет ќе се одржи ексклузивен гала настан, насловен како „Жените на Пучини“, во рамките на проектот „Месец на Пучини“.  

Публиката ќе има единствена можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии од големиот италијански композитор Џакомо Пучини. На ексклузивниот гала настан ќе настапат нашите оперски солистки: Весна Ѓиновска Илкова , Сандра Митровска, Павлина Новакова Георгиев, Злата Тошевска, Александра Лазаревска Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, со пијано придружба: Андреј Наунов, режисер на настанот е Дејан Прошев.

Во исто време во фоајето е поставена изложба од богатата архива на Националната опера и балет, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“.

Како институција, имаме одговорност да ја негуваме уметноста и да ја пренесеме на идните генерации. Посветени сме да ја збогатиме културната сцена во земјата преку репертоар и настани прилагодени за сите возрасти.

Овој настан претставува кулминација на нашата годишна културна понуда и можност за дружење со уметниците и креативниот тим на Националната опера во извонредна атмосфера.

Бројот на билетите е ограничен!

Изложбата „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена вечерва по десетти пат

- Биеналната изложба на графики „Кумановски графичари 2024“ ќе биде отворена вечерва по десетти пат. Кумановци ќе имаат можност да разгледаат 22 графики, изработени во последните неколку години од десет автори. 

Станува збор за изложба на графики на која учествуваат локални уметници последниве дваесет години.

-Се работи за неизложувани дела работени во различни временски периоди на коишто се воочува силен авторски печат и желба за остварување на авторска слобода во изразот. Тоа, пак, ќе резултира во креации со повеќеслојна ликовна естетика, карактеристична за експресивно-апстрактниот израз на современата графика. Во техничка смисла следиме и сè поголемо присуство на дигиталната графика како и обидите за експериментирање коишто често пати излегуваат од дефиницијата на графичко дело или ако сакате разбирањето на графиката како уметност на мултиоригиналот. Севкупно гледано, пред нас имаме една интересна колекција на графички листови којашто, се надеваме, ќе предизвика интерес кај пошироката публика, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметноста, од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

На изложбата учество зедоа следниве академски графичари: Александар Стефановски, Валентина Илијевска, Зоран Јакимовски, Милена Арсовска, Мирослава Цветковиќ, Симона Јакимовска, Стефан Анчевски, Стефан Јакимовски, Тања Соларска-Темелковски и Ханифе Ислами.

Изложбата предизвикува интерес и кај локалната и кај македонската публика и континуирано ја следи кумановската графичка сцена. „Кумановски графичари“ е поддржана од Министерството за култура. За јавноста ќе биде отворена до 28 ноември.

притисни ентер