ИЈЗ: Зголемен бројот на заболени од грип

Во текот на првата недела од 2024 година, од 1 до 7 јануари, во земјава се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип. 

Тоа е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со прва недела од минатата сезона, е зголемен за 24,8 проценти, а во споредба со бројот за прва недела од типичната епидемиска крива - моделирана од последните 13 сезони, зголемен е за 68,8 отсто, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

- Во текот на првата извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ на РСМ, пристигнаа 37 материјали од рутинскиот надзор за лабораториско тестирање, паралелно тестирани за грип и Ковид-19 (SARS-CoV-2). Притоа, детектиран е 21 позитивен случај на Influenza, 19 А(H1)pdm09 и по еден Influenza А(H3) и Influenza А - несубтипизиран. Регистриран е и по еден пациент со респираторен синцицијален вирус (RSV) и SARS-CoV-2. Пријавената инциденца за првпат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип, наведуваат од ИЈЗ.

Во однос на возрасната дистрибуција, 544 лица се на возраст од 15-64 години, 233 кај деца на возраст од 5-14 години, 185 кај деца на возраст од 0-4 години и 63 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

- Заболените се пријавени од 18 ЦЈЗ/ПЕ, во Скопје – 269, Дебар – 188, Гостивар – 114, Штип – 107, Битола – 104, а во останатите, бројот на пријавени е ≤100. Во осум извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во шест сезонска, во три средна, а во една, Дебар, висока активност на вирусот на грип. Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово, кои биле хоспитализирано во УК за пулмологија и алергологија. Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети - кардиоваскуларни и белодробни и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09, додаваат од ИЈЗ.

Од Институтот повторуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО, односно постарите лица - над 65 години, деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени, како и здравствени работници.

- За сезоната 2023/2024, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 60.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 15.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction). На 25.10.2023 година започна вакцинацијата против сезонски грип. Вакцинацијата се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните подрачни единици и-или здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб-страницата www.vakcinacija.mk, истакнуваат од ИЈЗ.

Заклучно со првата недела од оваа година, во Република Македонија, вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Силна соларна бура ја погоди Земјата, за утре се најавува уште една експлозија

Сончева бура ја погоди Земјата порано од очекуваното и сега се засилува. Ова го објави Центарот за следење на вселенското време при рускиот институт за применета геофизика.

Според податоците, геомагнетната бура се очекувало да биде од категоријата Г2, која е со умерен интензитет, но утрово таа се засилила до категорија Г3, што е силен интензитет.

На 30 април и 1 мај биле регистрирани моќни соларни изливи.

Сончевите блесоци се поделени во пет класи според јачината на рендгенското зрачење - најслаби се класата А, а потоа следат B, C, M и X.

Сончевите блесоци се моќни експлозии во сончевата атмосфера кои испраќаат соларна плазма во вселената. Облаците од оваа плазма можат да предизвикаат геомагнетни бури кога ќе стигнат до Земјата.

- Две коронални експлозии го погодија магнетното поле на Земјата на 2 мај. Поединечно, ударот беше мал, но предизвика силна геомагнетна бура од класата Г3 со поларници далеку на југ. Се очекува уште една коронална експлозија да го погоди магнетното поле на Земјата на 4 мај, објави порталот Space Weather.

Репортери без граници: Македонија со најголема медиумска слобода во регионот

Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, се наведува во извештајот на организацијата „Репортери без граници“.

Медиумски пејзаж

Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои вршат плагијат и копираат содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

Политички контекст

Целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади. Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност.

Правна рамка

Додека уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи. Процедурите на SLAPP служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот IRL за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание.

Економски контекст

Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Социокултурен контекст

Иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија.

Безбедност

Новинарите често се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја.

ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК да покрене постапка против Битиќи

ДКСК да покрене постапка против Битиќи, бара од фирмите на кои им исплаќал државна помош да гласаат за него, им сугерира и број на гласачко ливче.

По објавениот документ од кој се гледа како Битиќи бара од компании да го поддржат затоа што им исплаќал државна помош тој требаше да се повлече од политиката.

Фактот што Битиќи не само што не се повлече, туку и не се извини, говори како СДС и ДУИ ја заробија државата и како 100тина функционери управуваат со државата како да е нивен личен имот.

ДКСК не смее да чека, да отвори случај и да се отвори постапка и пред другите институции.

Злоупотребите на институциите мора да запрат. По 8ми мај ќе се стави крај ма ваквите практики, а таквите како Битиќи ќе се соочат со одговорност.

Време е да ја вратиме државата на народот. Македонија повторно твоја,се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер