ИФФК „Браќа Манаки“ од 13 до 19 септември, премиери на два македонски филма

Седумдесет и шест филмови од кои 11 во главната програма во трка за наградите „Камера 300“ ќе бидат прикажани на 35. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, кој со мото „Кон ѕвездите“ годинава ќе се одржува од 13-ти до 19 септември.

На програмата на фестивалот се и премиерите на два македонски филма - „До балчак“ на режисерот Столе Попов, кој ќе биде прикажан на вториот ден од фестивалот и „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески - за затворањето на годинашниот ИФФК.

Официјалната програма, селектирана од Благоја Куновски-Доре донесува најнови филмови прикажани на престижните светски фестивали во Берлин, Кан, Венеција, Карлови Вари, некои од нив наградени. Според селекторот, со изборот на проверени уметнички креации, во силната конкуренција на главната програма сите кинематографери се потенцијални кандидати за наградите, за кои ќе одлучува интернационално жири.

Во натпреварувачката програма на кратки филмови се девет остварувања (меѓу кои две македонски), програмата „Нови визии“ донесува пет наслови, а девет (сите премиерни) се во селекцијата документарен филм. Во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија ќе бидат прикажани 15 кратки филмови. И оваа година, официјалниот партнер на фестивалот ВИП организира детска програма со пет филма како и четиридневна работилница за правење филм, наменета за деца од 11 до 16 години.

Во специјалните проекции ќе бидат филмовите на годинашните лауреати-оскаровци: филмот „Големата убавина“ на директорот на фотографија Лука Бигаци, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“, и „Читачот“ на кинематограферот Крис Менџис, годинашниот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело.

Наградата „Златна ѕвезда“ која лани ја воведе Друштвото на филмски професионалци на Македонија ќе му биде доделена на Милчо Манчевски, кој пред 20 години со „Пред дождот“ освои „Златен лав“ во Венеција. Во чест на Манчевски ќе бидат прикажани и „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“.

Филмот што ќе биде прикажан на отворањето на „Браќа Манаки“, како и ѕвездата на фестивалот оваа година, ќе бидат дополнително соопштени.

Директорката на ИФФК Лабина Митевска на прес-конференција рече дека е горда на постигнатото во изминатите години. - Македонија преку „Браќа Манаки“ и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо, рече Митевска.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференцијата истакна дека во изминатите години ИФФК имал исклучителни изданија и дека е меѓу ретките фестивали во светот кој ја вреднува естетиката на филмската камера.

Таа посочи и на големиот подем на филмската дејност што се должи на заложбите на Владата на РМ, Министерството за култура и Агенцијата за филм. - Во последните седум години се поддржани 156 филмски проекти, копродукции со странски партнери, 616 учества на меѓународните фестивали, на кои се освоени 113 награди, импозантен број што е валоризација на уметничкиот труд, рече Канческа-Милевска. Таа ги наведе и воведените мерки кои на долг рок овозможуваат поволен амбиент за домашното филмско творештво. Меѓу нив е новиот Закон за филмска дејност од минатата година кој има многу бенефиции за домашните и странските продуценти, зашто обезбедува поголем фонд средства за финансирање на филмската дејност и продукција на повеќе филмови.

- Законот овозможи за средствата вложени во реализација на филмски проекти на територијата на Република Македонија, право на поврат на дел од вложениот капитал. Оваа поволност во значителна мерка ја зголеми атрактивноста на РМ како земја која поседува голем потенцијал и инфраструктурен капацитет за реализација на филмски проекти, рече министерката за култура.

Во однос на постигнувањата во филмската дејност се надоврза и директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески, кој истакна дека околу 120 освоени награди на над 600 учества на фестивали се потврда дека покрај квантитет, се продуцира и квалитет.

До крајот на годинава се очекуваат премиерите на уште три македонски играни филма: „Мојот брат Лазар“ на Светозар Ристовски, „Враќање“ на Кастриот Абдили и „Медена ноќ“ на Иво Трајков. Башески информираше дека пет нови филмови почнале да се снимаат или се во подготовка: „Чекајќи ги парите“ на Слободан Деспотовски, „Ослободување на Скопје“ на Роберт Насков и „Чекај ме/ Сведок“ на Митко Панов и дебитантските долгометражни филмови на Даријан Пејовски (Три дена во септември) и на Вардан Тозија (Безимени).

Филмот „До балчак“ на Столе Попов, по сценарио на Горан Стефановски, поради должината (2 часа и 45 минути) ќе биде прикажан на втората фестивалска вечер (14 септември од 20 часот). Попов рече дека сценариото е старо 27 години, но фасцинира со актуелноста на идејата што ја носи: исконското чувство за слобода и за свој идентитет.

- Актуелноста е во повторувањето на историјата - како ништо да не се менува, можеби само империите и малите народи кои повторно се будат, рече Попов. Тој потсети на неуспешните два претходни обида филмот да се реализира (првиот во СФРЈ и вториот на почетокот на независна Македонија) и дека по толку години сегашната политика имала разбирање за неговиот филм со национална тема.

На затворањето на ИФФК, на 19 септември, премиерно ќе биде прикажан филмот на Антонио Митрикески „Деца на сонцето“, по сценарио на Гордан Михиќ. Продукцијата денеска соопшти дека светската премиера на филмот ќе биде на 22. филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон, на 25 септември.

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

Иранската државна телевизија објави дека хеликоптерот, со кој се превезувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“.

Телевизијата не соопшти детали за инцидентот, само дека спасувачи се обидуваат да стигнат до хеликоптерот со кој се превезуваа Раиси и други функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

Сафади: Јордан бара меѓународна истрага за можни воени злосторства во Газа

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади денеска соопшти дека неговата земја бара меѓународна истрага за наводните бројни воени злосторства извршени за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Сафади, кој денеска во Аман се сретна со шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини, на заедничката прес-конференција рече дека одговорните за документираните злосторства треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

Минатиот месец, Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест гласаа против резолуцијата, вклучително и САД и Германија.

Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за заштита на човековите права со цел да се стави крај на неказнивоста“. /МИА

притисни ентер