И без пропустите оградата на автопатот не би го задржала автобусот, тврди вештак на судењето за несреќата кај Ласкарци

Оградата е поставена во 2000 година, а проектот е направен во 1998 година.

Заштитната ограда на автопатот Скопје – Тетово на делницата на местото на несреќата на автобусот на „Дурмо турс" била во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет, изјави вештак од областа на градежништвото на денешното рочиште за сообраќајката кај Ласкарци.

Оградата е поставена во 2000 година, а проектот е направен во 1998 година.

Генерално пропустите, рече вештакот, се при проектирањето што нема детали за столпчето, дистанцерот и поставеноста на оградата во однос на автопатот, додека при изведувањето, е тоа што има недоволна притегнатост на оградата и нејзините делови. Тој посочи дека пропусти има и при одржувањето каде е дозволена корозија и не е држена во кондиција.

– Од сите анализи и доколку немало вакви пропусти таа не би успеала да го задржи автобусот, рече вештакот.

Испитувањата за квалитетот и издржливоста на оградата, посочи вештото лице, биле направени во Машинскиот факултет во Скопје.

– Хемискиот состав на заштитната ограда бил во согласност со тогашните стандарди, освен навртката која служи за спојување на деловите, која е со нешто послаб квалитет, изјави вештакот.

Тој посочи дека тогашните стандарди за градење, во најголем дел ги имаат ЈУ стандадите.

– Од проектната документација има многу малку податоци за заштитната ограда, освен дека е избрана еднострана заштитна ограда. Во прилог има уште еден документ дека е избрана еластична заштитна ограда тип „Слобода", изјави вештакот.

Во текот на градбата, рече тој, извршени се измени на целокупната основа, во смисла на сите конструктивни елементи на патот – насип и заштитна ограда.

– Оградата на автопатот е почната да се гради согласно стандардите и проектот. Во еден момент во текот на градбата доаѓа до прекин на снабдување на огради од фабриката „Слобода" – Охрид, чиј тип е избран. Промената се состои во самите елементи на оградата, од замена на формата на столпчето, на дистанцерот или одбојникот. Врз основа на А тестовите од лабораторијата на добавувачот на таа ограда, квалитетот одговара на европските норми 13/17, кои кај нас тогаш се уште не важеле, изјави вештакот.

Денеска, посочи вештакот, работиме по тие стандарди и се применуваат во цела Европа.

– Производителот ги има атестирано во сопствена лабораторија. Испитувањата ги прави фирмата од Перник, во Бугарија, а кај нас во тоа време немало таква лабораторија и прифатени се тие од производителот, изјави вештакот.

Испитувањето, рече тој, е во хемиските карактеристики на материјалот и геометријата на деловите, со што во нив нема податоци за одбојникот.

– Не е испитувано до кој степен на сила и под кој агол може да прими удар оградата, изјави вештакот.

Значењето на овој податок, посочи тој, доколку би го имале, е битен фактор во самото димензионирање и поставување на опасните места.

– Во тоа време не постоела обврска за мерења на колкава би била издржливоста при удар, изјави вештакот.

Според него, при увид на лице место е утврдено дека нема пропусти во изведбата на оградата и отстапувања од тоа што е предложено од изведувачот.

– Има отстапување во однос на геометријата на патот. Да биде подалеку од коловозот, да биде пониско или повисоко поставена, изјави вештакот.

На прашање од одбраната дали на делот на несреќата, со оглед дека има провалија, требало да се стави бетонска ограда „Џерси”, вештакот рече дека нема провалија, туку потпорен ѕид што е дел од промената на проектот.

– Не, зошто таму нема провалија, туку потпорен ѕид на оддалеченост од 2.5 метри. Не е одма провалија како на мост, туку има површина зелен појас меѓу оградата и потпорниот ѕид, изјави вештакот.

На прашање од одбраната, вештакот објасни дека висината на столбчињата кои се нарачани од Бугарија е 1.900 милиметри, а вградените на конкретниот дел на оградата се 1.600 милиметри.

– Вкопувањето на столбчето на лице место е околу 1.000 милиметри, рече вештакот. На прашање за стандардната јачина на навртките, вештакот рече дека е околу 8,9 единици, додека цврстината на вградените на оградата на спорната делница била 5,6 единици.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, се обвинети шест лица.

Сопственикот на „Дурмо турс", Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело. /МИА

За Велигден претежно сончево и потопло време

Во недела и понеделник времето во земјава за најголемиот хртистикански празник Велигден ќе биде претежно сончево и потопло, соопшти Управата за хидро - метеоролошки работи.

Во вторник локално ќе има изолирана појава на пороен дожд и ретки грмежи. Под влијание на нов влажен бран во среда и четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме.

Утре времето ќе биде променливо облачно, наместа со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец. Утринската температурата ќе се движи од 1 до 11 степени Целзиусови, а максималната дневна од 9 до 21 степени. Во Скопје слично време со температура до 19 степени.

Марио Гомез за изгледот на Озил: Не знам која му е целта

Поранешниот германски репрезентативец Месут Озил (35) се повлече од играњето на почетокот на 2023 година и оттогаш работи на трансформирање на своето тело.

Озил низ кариерата беше слаб, лесен напаѓачки играч за врска, но во последно време тренира со тегови во теретана. Резултатите се видливи, а снимките и фотографиите ги објавува на Инстаграм.

Озил ја помина својата кариера играјќи на врвно ниво. Започна во Германија, играше за Шалке и Вердер, а потоа се пресели во Реал Мадрид и Арсенал. Кариерата ја заврши во Турција. Освои десет клупски трофеи, а со германската репрезентација беше светски првак во 2014 година.

Сонародникот на Озил и пензиониран напаѓач на Баерн, Марио Гомез (38) зборуваше за физичката промена на Озил во подкастот на Билд: „Се восхитувам како се справува со тоа. Но, јас сум поддржувач на средината бидејќи доживеав осцилации во двете насоки и знам дека екстремите не водат кон ништо добро не знам која му е целта.

Не е за мене, но не е тоа поентата. Кога ќе ја завршите кариера во која сте фалени и охрабрувани со години, природно е да го барате она што ве исполнува. Месут изгледа го нашол во теретана. Играше со Роналдо и можеби помислил: „Сега имам време да станам мал Кристијано“.

Гомез зборуваше и за Кристијано Роналдо, еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, кој освои сѐ што можеше и кој е познат по својата неверојатна индивидуална работа, поради што и на 39 години се уште игра за Саудиска Ал Наср.

„Можете да мислите што сакате за Роналдо, но кога зборуваме за инфлуенсери, тој имаше позитивно влијание на цела генерација. Секој ден покажува колку труд треба да се вложите за да имате такво тело, а младите играчи го следат Веќе не пијат алкохол, во слободно време се во теретана, имаат приватен физиотерапевт и сите пијат филтрирана вода.

Посветеноста и професионалноста се многу повисоки денес и тоа има многу врска со Кристијано. Дури и Лионел Меси е на пат да стане Роналдо. Одеднаш и тој виси во теретана затоа што знае дека треба да удри гас. Тоа е моќта што социјалните мрежи можат да ја имаат“, рече Гомез.

Гомез во текот на својата професионална кариера играше за Штутгарт, Баерн, Фиорентина, Бешикташ и Волфсбург. Шест пати беше најдобар стрелец во различни натпреварувања, освои осум клупски трофеи и ја заврши својата играчка кариера во 2020 година. Денес работи како технички директор на РБ Лајпциг.

Трудница е убиена во својот дом во Лос Анџелес, требало да роди близнаци

Во Лос Анџелес е во тек истрага откако бремена жена била пронајдена избодена до смрт во нејзиниот дом, соопштија локалните власти.

Замениците на шерифот на округот Лос Анџелес одговорија на повикот во Палмдејл пред два дена.

„По пристигнувањето на местото на настанот, полицајците насилно влегле во домот каде забележале крв на подот од дневната соба“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Жртвата била пронајдена со убодни рани и била констатирана смрт на местото на настанот, известија од кабинетот на шерифот.

Според информациите кои за ABC News ги потврди шерифот Мајк Гомез, жртвата била бремена околу шест до седми месец и носела близнаци. За убиството се уште нема уапсен.

"Светот е суров. Не можам да го разберам ова. Таа беше добра личност", изјави за KABC Лос Анџелес Алексис Армстронг, пријателка на несреќната трудница.

притисни ентер