Хуманитарен концерт на неколку штипски здруженија

Здружението на слeпи лица-Штип заедно со фолклорниот ансамбл „Ветерани“ и здружението на пензионери организираат хуманитарен концерт, кој  вечер ќе се реализира на сцената на Центар на култура „Ацо Шопов“ Штип со почеток од 18 часот. 

Претседателот на Здружението на слепи лица, Драги Витанов вели влезот е слободен, но со можност граѓаните, љубителите на народната музика да донираат средства, кои ќе се искористат за голем број активности на здружението на слепи лица, кои догодина слават 70 годишен јубилеј.

-Собраните средства ќе бидат наменти за активности на здружението на слепи лица на град Штип. Планираме да организираме меѓународни шаховски турнири, концерт, ќе имаме гости од Бугарија и Сребија и слично, изјави Витанов.

Овој концерт се реализира за првпат годинава, со тенденција да прерасне во традиција. Концертот ќе се одвива во неколку делови, а ќе има гости од повеќе градови од државата.

-Од нашиот град ќе бидат група „Бекрии“, оркестарот при здружение на пензионери Штип, пеачката група „Орнаменти“, народниот оркестар, гости ќе имаме од Кочани, пријатели од Пробиштип, Штип и солисти од слепите лица од Кочани и Штип, вели Ванчо Ристов претседател на Фолклорен ансамбл на ветерани-Штип.

Македонија стана членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје

За време на 29-та сесија на Конференцијата, Македонија, денеска успешно е реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) за периодот 2025–2027 година.

На гласањето, кое се одржа денес во Хаг, нашата кандидатура освои 86 гласови, во конкуренција со три држави за две слободни места.

Министерот Муцунски на својата фејсбук страна истакна дека овој реизбор е потврда за нашата посветеност кон глобалните напори за разоружување и уништување на хемиското оружје, како и за нашата активна улога во поддршката на целите и принципите на Организацијата.

„Во следниот период, остануваме целосно посветени на зајакнувањето на меѓународната безбедност и примената на Конвенцијата за забрана на хемиското оружје.“, заклучи министерот Муцуски во својата објава.

Кац: Израел нема да покаже толеранција за какво било прекршување на примирјето во Либан

Израел бара од ОН ефикасно спроведување на договорот за прекин на огнот во Либан и ќе покаже „нула толеранција“ за секое негово прекршување, изјави денеска министерот за одбрана Израел Кац, пренесен од британските медиуми.

-Секоја куќа во јужен Либан што ќе биде обновена и каде што ќе се формира терористичка база, ќе биде уништена, секое вооружување или прегрупирање на терористите ќе биде погодено, секој обид за шверц на оружје ќе биде спречен и секоја закана за нашите сили или за израелските граѓани веднаш ќе бидат уништена, му рече Кац на специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашарт.

Во сличен императивен дух беше и изјавата на портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер, кој рече дека договорот со Либан ќе го остави Израел слободно да дејствува во самоодбрана за да ја елиминира заканата од шиитското движење Хезболах и за да може безбедно да ги врати дома жителите на северните израелски заедници.

Шефот на либанската дипломатија, Абдала Бу Хабиб, од своја страна, изрази надеж дека договорот за примирје меѓу Израел и Либан ќе биде потпишан до крајот на денот. Тој додаде дека либанската армија ќе биде подготвена да распореди најмалку 5.000 војници на југот на земјата кога израелските борци ќе се повлечат од областа и дека САД ќе играат клучна улога во обновата на инфраструктурата уништена од израелските напади.

Во последните часови се почесто се зборува за можен прекин на огнот во Либан. Договорот бара во следните 60 дена израелските единици да се повлечат од јужниот дел на земјата, што се смета за упориште на Хезболах, а на нивно место да бидат распоредени либанските вооружени сили. Самиот Хезболах ќе го прекине своето вооружено присуство во близина на границата јужно од реката Литани.

Предлогот веќе доби одобрување во Бејрут, каде заменик-претседателот на либанскиот парламент Елиас Бу Сааб вчера за Ројтерс изјави дека нема сериозни пречки за неговото спроведување доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се премисли.

Знаците за дипломатски пробив беа придружени со воена ескалација. Денешните израелски воздушни напади предизвикаа дополнително уништување во јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, додека милитантната група продолжи да истрелува ракети кон Израел./МИА

Шестмина загинати во демонстрациите во Исламабад

Шестмина загинати во демонстрациите во Исламабад за поддршка на поранешниот пакистански премиер Имран Кан

Приврзаниците на поранешниот пакистански премиер Имран Кан, кој моментално е во затвор, денеска ги пробија блокадите на демонстрациите во Исламабад и се судрија со полицијата, а во немирите загинаа шест лица, јави Бета.

Демонстрациите траат од неделата, а илјадници полицајци се присутни центарот на Исламабад во обид да ги задушат протестите за поддршка на Кан.

Кан е во затвор повеќе од една година и во моментов се соочува со повеќе од 150 кривични пријави, кои според неговата партија се политички мотивирани.

Властите наведуваат дека само судовите можат да наредат ослободување на Кан, кој се соочи со гласање за недоверба во парламентот во 2022 година.

Кан е во затвор од првата пресуда за корупција, во август минатата година.

Пакистанската армија денеска ја презеде контролата врз големиот плоштад во центарот на Исламабад, каде се наоѓаат владините згради и каде во моментов престојува белорускиот претседател Александар Лукашенко, кој е во посета на Пакистан.

Во центарот на градот се присутни и паравојска и полицајци, при што некои полицајци испукаа предупредувачки истрели во воздух.

Протестите ги предводи сопругата на Кан, Бушра Биби.

Министерот за внатрешни работи Мошин Накви се закани дека доколку демонстрантите пукаат, безбедносните сили ќе одговорат.

-Сега и дозволивме на полицијата да донесе каква било одлука според ситуацијата“, рече Накви.

Засега полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.

Меѓу загинатите има четворица полицајци и еден цивил кои загинаа кога на нив синоќа налета возило.

Премиерот Шехбаз Шариф го осуди нападот, велејќи дека „анархистичка група“ намерно ја гаѓала полицијата.

Десетици луѓе се повредени, меѓу кои и новинари кои беа нападнати од демонстранти.

притисни ентер