Гонзалес: Кога грешиш во нападот, високо ја плаќаш сметката

Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес по поразот од Монпелје во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн, изјави дека францускиот тим бил подобар во клучните моменти и дека грешките во нападот на „црвено-црните“ ги чинеле премногу.

- Монпелје одиграа перфектен и фантастичен ракомет против нас. Цел меч ние правевме грешки, а кога грешиш во нападот, високо ја плаќаш сметката. Во второто полувреме бевме подобри, имавме шанса да победиме, но Монпелје едноставно беше подобар од нас во клучните моменти. Честитки за играчите, горд сум на нив. Четири години минавме заедно, немам лоши зборови, изјави Раул на пресот по мечот вчера.

Бекот на македонскиот тим, Иван Чупиќ ја потврди супериорноста на противникот и додаде дека Монпелје заслужено е во финалето.

- Монпелје беше подобар од нас за тој еден гол. Ние почнавме со многу проблеми, примивме голови преку контра, најмалку седум до осум гола. Тоа не смее да се случува на вакви мечеви. Се вративме некако во мечот, но Монпелје заслужи да биде во финале. Треба да се одмориме и да се обидеме да се оддолжиме на нашите навивачи за овој пораз со позитивен резултат на мечот против ПСЖ, изјави Хрватот. /МИА

Фото: Дебитираше новиот спортски кабриолет „Mercedes“ со 442 „коњи“

„Mercedes“ го претстави „AMG CLE53 Cabrio“.

Станува збор за кабриолет со средна големина со четири седишта и шестцилиндричен бензински мотор поддржан од „лесен“ хибрид од 48 волти.

Моторот инаку е ажурирана верзија на 3.0-литарскиот шестцилиндричен мотор од моделот „CLE 450“.

Вкупната моќност на погонскиот систем е 442 КС, а максималниот вртежен момент е 560 Nm (600 Nm во кратки интервали).

„Благиот“ хибриден систем може да додаде 22 КС и 200 Nm вртежен момент на погонот, но тие му помагаат на моторот само при мали брзини.

Во комбинација со „AMG“ деветстепен менувач и погон на четири тркала, „CLE53 Cabrio“ може да забрза од 0 до 100 km/h за 4,4 секунди (или 4,2 секунди со опционалниот пакет „Dynamic Plus“).

Максималната брзина е 250 km/h (280 km/h со гореспоменатиот пакет).

Исто како и „Mercedes-AMG CLE53 Coupe“, „Cabriolet“ се одликува со сопствена каросерија која нуди значително поширока патека на тркалата.

Разликата е 58 mm напред и 75 mm назад, а тркалата се стандардни со дијаметар од 19 инчи, додека како опција се достапни 20-ки.

Зголемени се и сопирачките на дискови од 370 mm на предната оска и 360 mm на задната оска.

Елементите специфични за кабриолетот го вклучуваат паметниот систем „AirScarf“ на „Mercedes“ интегриран во предните седишта, додека самиот покрив е акустички слоевита ткаенина што може да се подига и спушта при брзина до 48 km/h.

Волуменот на багажникот зависи од тоа дали механизмот на покривот е складиран, при што стандардниот багажник од 385 литри е намален на 295 литри.

Извор: Б92

Инфлацијата во април зголемена за 0,7 проценти во однос на март

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март изнесува 0,7 проценти, а цените на мало се зголемени за 1,1 процент, објави денеска Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во транспортот за 2,8 проценти, комуникации за 1,6 проценти, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки за 0,9 проценти, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,6 проценти, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти и здравје за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележано во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5 проценти и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 проценти.

На исто ниво останале трошоците на животот во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и образование.

Цените на мало во април во однос на март се зголемени за 1,1 процент.

Во однос на април лани, трошоците на живот се зголемени за четири проценти, а цените на мало за 3,5 проценти.

Барселона не може да го купи Феликс од Атлетико Мадрид

Напаѓачот на Барселона, Жоао Феликс може да го напушти каталонскиот клуб, пренесува „Cadena SER“. Правата над фудбалерот му припаѓаат на Атлетико Мадрид.

Раководството на каталонскиот тим поради финансиски проблеми не може да си дозволи да купи играч за 60-70 милиони евра.

Инаку, самиот Феликс сака да остане во Барселона.

Дваесет и четиригодишниот Феликс оваа сезона во Ла Лига постигна седум гола и три асистенции.

Феликс кариерата ја почна во Бенфика од каде направи трансфер во Атлетико Мадрид. Во 2023 најпрво замина на позајмица во Челзи, па во Барселона. /МИА

притисни ентер