Гершкович поднесе жалба до судот во Москва за продолжувањето на притворот

Американскиот репортер Еван Гершкович денеска поднесе жалба до московскиот суд во врска со последната одлука за продолжување на притворот за обвинение за шпионажа, која тој ја негира.

Гершкович, репортер на „Волстрит Џурнал“, беше уапсен на 29 март во градот Екатеринбург во регионот Свердловск, во централна Русија, за наводна шпионажа, што во Русија е кривично дело казниво до 20 години затвор, пренесуваат британските медиуми.

Не е одреден датум за судење, но минатиот месец притворот на Гершкович беше продолжен до 30 ноември. Тој е во притвор во московскиот затвор Лефортово.

Неговите две претходни жалби поднесени до руските судски власти во април и јуни не вродија плод.

САД тврдат дека Русија го користи Гершкович за да ја спроведе, како што велат, „заложничката дипломатија“ во време кога односите меѓу двете земји паднаа на најниско ниво во последните 60 години поради конфликтот во Украина, наведуваат британските медиуми.

Борел: Загрижува трупањето на српска војска во близина на границата со Косово

Со партнерите и сојузниците разговараме за актуелната ситуација на северот на Косово, која пред се бара деескалација и стабилизација на безбедносната ситуација. 

За ова прашање сме во близок и редовен контакт со САД, изјави за странските медиуми шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, јави дописникот на МИА од Белград.

Борел истакна дека минатонеделното запленување на оружје и опрема кај група Срби било „многу сериозно“.

-Истовремено, трупањето на српската војска во близина на административната линија е многу загрижувачко и мора веднаш да се запре. На европскиот континент нема место за вооружување и трупање безбедносни сили. Силите треба да бидат веднаш повлечени, рече тој.

Шефот на европската дипломатија посочи дека се очекува казнување на сторителите на настаните во Бањска и порача дека „тие мора да се соочат со правдата“.

-Треба да се вратиме во ситуација кога двете страни разговараат и да се вратиме на Дијалогот со поддршка на ЕУ, која е единствената платформа за нормализација на нивните односи, заклучи Борел.

Меџити: Додека сум јас министер нема да се случи да доцни тендер или јавна набавка за лекови

Ви тврдам дека додека сум министер, отсега натаму нема да се случи да доцни тендерирање или јавни набавки за лекови, освен во случај ако нема некоја компонента или материја, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Ви тврдам дека додека сум министер, отсега натаму нема да се случи да доцни тендерирање или јавни набавки за лекови, освен во случај ако нема некоја компонента или материја, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити, во врска со набавката на глукомерите и лентите за дијабетичарите.

Тој изрази жалење за задоцнувањето на тендерот и посочи дека, заедно со Здружението на дијабетичари го правеле невозможното овие неколку месеци за да може тој тендер побрзо да се објави.

- Но, знаете, од моментот кога се објавува тендерот компанијата што ги носи глукомерите и лентите има рок од три до шест месеци, што во овој случај не беше пракса. Ги замоливме претставниците од компанијата, беа во два наврати кај мене за да можеме што побрзо да ги набавиме овие глукомери и лентите за да можат дијабетичарите нормално да го добијат тоа што им е свето право, што им е загарантирано и со закон, рече министерот.

На новинарско прашање дека има поплаки за добиените глукомери дека дошле во несоодветно пакување и без упатство за употреба, министерот одговори дека ја замолиле компанијата во иднина тоа да не се случи.

- Ние направивме напори и ја замоливме компанијата тие да се стават во кутија и да имаат упатства, во иднина да не се носат така. Нормално дека дијабетичарите во овој случај имаат право, но законите се тие во државата за јавни набавки и ние мораме да ги испочитуваме. Јас како министер и Министерството за здравство ви гарантираме дека се квалитетни, ефективни и добри, рече министерот.

Меџити ги негираше шпекулациите дека глукомерите биле во некој магацин.

- Тоа не е вистина, може да го проверите во Царина. Од 14 септември 2023 тие се поминати, царинети, стандардизирани со сите протоколи, со сите документи, посочи министерот.

Во однос на прашањето кога конечно ќе се стави ред со дијабетичарите, министерот изјави дека не можат преку ноќ да ги сменат работите.

- Доколку дијабетичарите имаат шест месеци проблеми за кој јас навистина жалам, има 15 години проблеми со ажурирање на позитивна листа. Го немаше тоа, сега го има. Навистина, за седум месеци толку можевме. Преку ноќ нема да ги смениме работите, рече министерот Меџити.

Според него, за ова е потребно систематско решение.

- Најдобро можно решение е да биде со референтни цени. Тоа подразбира дека ќе одите во аптека и ќе имате една квота, одредена сума на финансиски средства до која ќе ја покрива Фондот за здравствено осигурување, а тоа кој каков бренд ќе сака, таков ќе земе, рече тој.

Министерот сподели дека неделава се стигнати пет илјади глукомери, а се очекува следниот месец да пристигат уште 17 илјади.

Град Скопје прв во Македонија со рециклажа и на градежниот шут за справување со загадувањето

Град Скопје прв во Македонија со рециклажа и реупотреба на градежниот шут со цел справување со загадувањето и намалување на отпадот.

Новите иновативни модели за рециклирање и реупотреба на градежен отпад и шут, поттикнување на кохерентност на политиките, интеграцијата и долгорочната визија на постојните иницијативи поврзани со циркуларната економија беа само дел од темите на кои се дискутираше на форумот со цел презентација на активностите од проектот Re-Construct, кој е поддржан од Европската Унија.

На форумот учествуваа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, претставници на општина Нова Горица од Словенија, Само Турел, претставникот на Европската делегација Александру Албу, директорот Александaр Кузинаков и претседателот на УО на ЈП Дрисла Даме Димитровски, директорот на ЈП Улици и патишта Ќамил Ковачи, претставници на државни институции, универзитетски професори, експерти од областа на животната средина, како и претставници на невладиниот сектор.

Град Скопје е единствена единица на локална самоуправа во Македонија која работи на иновативно третирање на градежниот отпад и шут, преку изнаоѓање начини за негова пренамена и повторна употреба. Со реализацијата на овој проект се отпочнува со примена на рециклирањето на градежниот отпад на територијата на градот, ќе биде поставена оперативна механизација за преработка на градежниот отпад, обучени се 30 технички лица за управување со механизација за преработка на градежен отпад и 20 градежници за реупотреба на градежен отпад и изготвен прирачник за реупотреба на материјали и градежен шут. – истакна градоначалничката Арсовска.

Таа додаде дека овој форум претставува одлична можност за размена на знаења со општината Нова Горица, искуства и позитивни примери што влијае на зголемување на подготвеноста на градската администрација и на јавните претпријатија за имплементирање на овие нови решенија за третман на отпадот.

Град Скопје

притисни ентер