Германската полиција денеска приведе 15-годишно момче најверојатно поврзано со нападот што се случи синоќа во Солинген, Западна Германија, а државното обвинителство не ја исклучува можноста дека станува збор за терористички напад, соопштено е на прес конференција.
„Приведениот 15-годишник во моментов е на сослушување за да се утврди неговата поврзаност со масакрот во Солинген“, рече државниот обвинител Маркус Касперс на прес-конференција.
Касперс рече дека е приведен врз основа на исказот на сведок кој го слушнал разговорот меѓу приведениот и непознато лице како го најавува вчерашниот напад во кој тројца беа убиени со нож, а осуммина се повредени, од кои четворица се во критична состојба.
Полицијата смета дека сторителот би можело да биде лицето со кое комуницирал 15-годишникот.
Во близина на нападот во центарот на градот Солинген, каде што се прославуваше 650-годишнината на градот, полицијата пронашла два ножа со кои што можеби е извршен масакрот.
Портпаролот на полициската управа, која ја презеде истрагата, Торстен Флеис, изјави дека од видео материјалот со кој располага полицијата се гледа дека напаѓачот со нож ги бодел жртвите во врат.
И државниот обвинител Касперс изјави дека засега не е познат мотивот за нападот, но дека не може да се исклучи можноста за терористички напад со политичко-идеолошка позадина.
Во истрагата се вклучени и вработени од канцеларијата на главниот државен обвинител во Карлсруе, кои дејствуваат во случај на терористички напади и кои, како што беше речено, во секое време можат да ја преземат истрагата.
Во меѓувреме, полицијата соопшти дека трага по помлад маж со брада, облечен во црно.
Германските медиуми јавуваат дека полицијата во меѓувреме привела уште едно лице кое можеби е поврзано со нападот во Солинген, но полицијата одбила да ги потврди овие наводи.