Филипче: Не е точно дека унгарскиот кредит е со најниска камата, сме имале и 1,6% камати

За кредитот од Унгарија сè уште има многу отворени прашања и не е точно дека е со историски најниска камата, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче.

За кредитот од Унгарија сè уште има многу отворени прашања и не е точно дека е со историски најниска камата, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање по завршување на средбата со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Филипче изјави дека Владата на СДСМ има давано кредити кон стопанството со многу пониски каматни стапки.

„Ние дававме кредити во стопанството со многу помали каматни стапки од 1,6%. Но има многу отворени прашања. Зошто целокупната сума е повлечена веднаш и веќе сега граѓаните плаќаат камати на пари кои не се поделени, а прашање кога и за кој временски период ќе се поделат до компаниите и кои се критериумите врз основа на кои компаниите ќе ги добијат“, рече Филипче.

При тоа, Филипче потенцираше дека спорно е и тоа што сè уште не е објавена компанијата посредничка која ја наплати провизијата.

„Никогаш не се објави која е таа компанија посредничка којашто ја наплати провизијата којашто требаше наводно да биде 70.000 евра, меѓутоа ние тоа не го видовме. Многу спорни прашања има во делот на тој кредит, посебно начинот на којшто е договорен, зошто толкава сума одеднаш, да се плаќаат камати непотребно за каматна стапка за којашто нашата Влада дала многу помала камата кон компаниите“, рече Филипче, се наведува во партиското соопштение.

Шефот на Тојота потврди: Се враќа легендарната Celica

Шефот на Toyota, Јуки Накаџима, викендов на рели во Јапонија откри дека компанијата работи на новата генерација на легендарната Toyota Celica.

Според првите информации, новата Celica ќе биде електричен автомобил. „Работиме на Celica. Има многу луѓе во компанијата кои со нетрпение ја очекуваат Toyota Celica. Се прашувам дали е во ред ова да се каже на јавен состанок, но ние конструираме нова Toyota Celica“, рече Накаџима.

Накаџима не даде никакви технички информации за новиот модел, но сè укажува дека новата Toyota Celica ќе се базира на Toyota FT-Se Concept.

Единствено што се знае за овој прототип, за кој се шпекулираше дека ќе стане новата електрична Toyota MR2, е дека ќе има електрични батерии од трета генерација, за кои Toyota истакнуваат дека ќе бидат многу полесни од сегашните.

Покрај тоа, се шпекулира и дека серискиот електричен автомобил изведен од Toyota FT-Se Concept би можел да има револуционерен мануелен менувач до 14 степени на пренос, кој јапонскиот производител моментално го развива.

Првото спортско купе Toyota Celica се појави во 1970 година, а последната генерација се продаваше до 2006 година.

Протест на опозицијата во Tиранa, полицијата употреби солзавец и водени топови (ВИДЕО)

Протестот под мотото „Или денес или никогаш“ организиран од опозициската Демократска партија, на Сали Бериша, поддржан од Партијата на слободата, на Илир Мета, од 17 до 19:30 часот целосно ја блокира Тирана.

Колони автомобили беа заглавени со неможност да се движат, а поради насилното однесување на учесниците во кое предничеа пратеници и партиски функционери, полицијата беше принудена да употреби солзавец и водени топови.

Дел од нив меѓу кои и Теди Блуши, генерален секретар на Партијата на слободата (ПС) и Бледион Налбати, демократски пратеник, се качија на хаубите на цистерни обидувајќи се да го спречат испуштање на водените млазеви.

Полицијата ги принуди да слезат, дојде до судир, по што приведени се повеќе учесници.

Протестот започна со тензии од првите минути, бидејќи полицијата се противеше на блокирање на улиците во главниот град, повторувајќи го преку мегафон предупредувањето дека блокирањето на слободното движење е казниво со закон.

Пратениците беа распореди во неколку групи на клучни точки на Тирана, како што се Градското собрание, неколку плоштади, кружни текови и мостови.

Координаторот на пратеничката група на ДП, Газмент Барди обвини дека полицијата покажала дека е „против граѓаните и на услуга на бандите“.

-Полицијата, наместо да ја уапси бандата на нарко државата, беше мобилизирана да ги навредува чесните граѓани. Се разбира, имаме работа со полицаец кој раководи политички, рече Барди, додавајќи дека продолжуваат со протестите на граѓанска непослушност се до " ослободување на Албанија и Албанците од криминалната влада“.

Генералниот секретар на ДП и поранешен министер за внатрешни работи, Фљамур Нока, порача дека нема да биде задушен духот на револтот и граѓанска непослушност.

-Нека прават што сакаат, народот ќе им го даде она што го заслужуваат. Крајот на диктатурата се знае. Власт не се држи со сила. Никогаш еден народ не се чува со сила, рече Нока.

Речиси идентичен, со насилно однесување, протест опозицијата одржа и на 29 минатиот месец. На протестите се бара формирање техничка влада, која ќе спроведе слободни избори и оставка на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, заради корупција.


На Украинците на фронтот масовно им откажуваат минофрлачките гранати, отворена истрага

Министерството за одбрана на Украина активно ги истражува извештаите дека домашно произведените минофрлачки гранати од 120 мм не функционирале на фронтот во последните три недели, соопшти денеска Министерството.

„Прелиминарните резултати од истрагата укажуваат на можни прашоци со низок квалитет или прекршување на условите за складирање муниција, што доведе до оштетување на минофрлачки гранати“, соопшти Министерството, одговарајќи на серијата критики во украинските медиуми и јавноста.

Една од најефективните воени тактики на Москва за освојување на теренот во Украина се немилосрдните пешадиски напади со цел да ги истрошат Украинците и нивното оружје без оглед на тоа колку руски војници ќе загинат во тој процес. Минофрлачките гранати од 120 мм треба да го запрат напредувањето на руската пешадија.

Сепак, една од 10 гранати од 120 милиметри произведени во Украина од последната серија експлодирала пред да биде истрелана на фронтот, објавија украинските новинари претходно овој месец, наведувајќи бројни поплаки од војниците.

Министерството за одбрана тврдеше дека тајно истражувало што ги предизвикало масовните неуспеси и ја суспендирало употребата на минофрлачки гранати од украинско производство од споменатата серија. „Наместо тоа ќе бидат доставени увезени гранати“, соопшти Министерството.

Државното биро за истраги покрена кривична постапка поради неисправност на минофрлачки гранати. Министерството вети и санкции за одговорните службеници врз основа на резултатите од истрагата. Во исто време, е ветено подобрување на мерките за контрола на квалитетот и зајакнување на следењето на условите за складирање.

притисни ентер