Протест на опозицијата во Tиранa, полицијата употреби солзавец и водени топови (ВИДЕО)

Протестот под мотото „Или денес или никогаш“ организиран од опозициската Демократска партија, на Сали Бериша, поддржан од Партијата на слободата, на Илир Мета, од 17 до 19:30 часот целосно ја блокира Тирана.

Колони автомобили беа заглавени со неможност да се движат, а поради насилното однесување на учесниците во кое предничеа пратеници и партиски функционери, полицијата беше принудена да употреби солзавец и водени топови.

Дел од нив меѓу кои и Теди Блуши, генерален секретар на Партијата на слободата (ПС) и Бледион Налбати, демократски пратеник, се качија на хаубите на цистерни обидувајќи се да го спречат испуштање на водените млазеви.

Полицијата ги принуди да слезат, дојде до судир, по што приведени се повеќе учесници.

Протестот започна со тензии од првите минути, бидејќи полицијата се противеше на блокирање на улиците во главниот град, повторувајќи го преку мегафон предупредувањето дека блокирањето на слободното движење е казниво со закон.

Пратениците беа распореди во неколку групи на клучни точки на Тирана, како што се Градското собрание, неколку плоштади, кружни текови и мостови.

Координаторот на пратеничката група на ДП, Газмент Барди обвини дека полицијата покажала дека е „против граѓаните и на услуга на бандите“.

-Полицијата, наместо да ја уапси бандата на нарко државата, беше мобилизирана да ги навредува чесните граѓани. Се разбира, имаме работа со полицаец кој раководи политички, рече Барди, додавајќи дека продолжуваат со протестите на граѓанска непослушност се до " ослободување на Албанија и Албанците од криминалната влада“.

Генералниот секретар на ДП и поранешен министер за внатрешни работи, Фљамур Нока, порача дека нема да биде задушен духот на револтот и граѓанска непослушност.

-Нека прават што сакаат, народот ќе им го даде она што го заслужуваат. Крајот на диктатурата се знае. Власт не се држи со сила. Никогаш еден народ не се чува со сила, рече Нока.

Речиси идентичен, со насилно однесување, протест опозицијата одржа и на 29 минатиот месец. На протестите се бара формирање техничка влада, која ќе спроведе слободни избори и оставка на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, заради корупција.


Итно предупредување до британските туристи: Не одете во овие 17 земји, има смртоносен вирус

Британските туристи се предупредени на „тројна закана“ од смртоносните вируси што предизвикуваат крварење од очите, што се прошириле во повеќе од 17 земји.

Видовите на мајмунски сипаници, Марбург и Оропус вируси сега се забележани во 17 земји, вклучително и една примамлива дестинација на Карибите. Официјалните лица се особено вознемирени од порастот на случаите на вирусот Марбург, еден од најсмртоносните патогени откриени досега.

Овој вирус веќе усмртил 15 луѓе во Руанда, а стотици се под надзор на лекари бидејќи се сомневаат дека се заразени. Се стравува дека вирусот, кој предизвикува крварење од очите, може да се прошири и во други африкански земји.

Оропус вирусот, познат и како „мрзлива треска“, оттогаш се проширил надвор од вообичаениот јужноамерикански опсег до зимската дестинација на Карибите, Доминиканската Република.

Мутираниот вид на мајмунска сипаница брзо се шири во Африка, а случаи на болеста се забележани и во Канада, Велика Британија и Шведска.

Предупредувањето до туристите доаѓа од Travel Health Pro, веб-страница нарачана од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (UKHSA) за да ги информира Британците за најновите совети за патување.

На веб-страницата се наведува дека Марбург е пријавен во Руанда, додека мајмунски сипаници и вирусот Орупуш се пријавени во неколку земји.

Марбург е хеморагична треска - каде што органите и крвните садови се оштетени, што доведува до внатрешно крварење или крварење од очите, устата и ушите. Вирусот, за кој не постои официјална вакцина, може да се шири со допирање или ракување со телесни течности на заразено лице, контаминирани предмети или заразени диви животни.

Инфицираните пациенти стануваат „како духови“, често со вдлабнати очи и безизразни лица.

Светската здравствена организација (СЗО) вели дека има стапка на смртност (CFR) до 88 проценти, што значи дека може да убие скоро 9 од 10 луѓе што се инфицирани. Патниците во Руанда треба да „закажат состанок со својот лекар по избор најмалку четири до шест недели пред патувањето“, според Travel Health Pro, пишува DailyMail.

Додека се во странство, туристите треба да избегнуваат да одат на погреби, да ги посетуваат традиционалните исцелители, да се ракуваат, да готват и јадат месо од диви животни.

Тие исто така треба да избегнуваат посета на рудници или пештери каде што има лилјаци. Им се советува да немаат контакт со диви животни; мртви или живи, особено лилјаци.

„Ако одлучите да посетите рудници или пештери населени со колонии на лилјаци, носете ракавици и друга соодветна заштитна облека, вклучително и маски“, се додава.

Вирусот Оропус, пак, предизвика тревога со повеќе од 10.000 потврдени случаи само оваа година. Во 2024 година, специфични епидемии биле забележани во Бразил, Боливија, Колумбија, Куба, Еквадор, Доминиканската Република, Гвајана, Перу и Панама. Вирусот - именуван по животното кај кое првично бил забележан - нема вакцина или специфична терапија.

Овој вирус предизвикува главоболки, болки во мускулите, вкочанети зглобови, гадење, тремор, преосетливост на светлина... Овој вирус може брзо да ја премине и крвно-мозочната бариера и да влезе во централниот нервен систем, каде што може да предизвика менингитис, а во екстремни случаи, смрт.

Travel Health Pro ги советува оние во овие области да носат кошули со долги ракави и долги панталони за да го намалат ризикот од каснувања.

„Поради неодамнешното откритие на овој вирус во спермата, патниците и нивните партнери загрижени за можното ширење на Оропус преку секс треба да размислат за користење кондоми или воздржување од односи за време на патувањето и шест недели по враќањето од патување.“

Анализата на сегашниот вид на вирусот Оропус сугерира дека тој станал поефикасен во инфицирањето на луѓето и тоа би можело да биде причина за зголемување на случаите во области каде што претходно не бил регистриран.

Новиот вид на мајмунска сипаница е забележан и во Руанда, Бурунди, Централноафриканската Република, Конго, Демократска Република Конго, Габон, Кенија и Уганда. Во август, СЗО го прогласи видот за вонредна состојба за јавно здравје од меѓународен интерес. Mpox предизвикува карактеристични грутки лезии, како и треска, болки и замор.

Меѓутоа, во мал број случаи, може да навлезе во крвта и белите дробови, како и во други делови од телото, кога станува опасно по живот.

Сегашните вакцини против вирусот mpox, кои се дизајнирани да делуваат против сипаници, близок роднина на вирусот mpox, се користени за време на избувнувањето во 2022 година против поблаг сој. Но, тие допрва треба да бидат нашироко тестирани против помоќниот вид 1б.

Неодамна беше пријавен потврден случај на сој 1б во Британија, откако неидентификувано лице посетило земја каде што бил пријавен овој вид на mpox.

Оттогаш, откриени се уште три случаи, во кои се вклучени членови на домаќинството на првиот пациент.

Новата Мис Универзум јавно пее расистичка песна: Одземете ѝ ја круната (ВИДЕО)

Викторија Кјаер Теилвиг, новата најубава жена на светот, се најде на удар на критиките за едно од најновите видеа што ги објави на социјалните мрежи.

21-годишната девојка се снимила како ги движи усните како да ја пее Empire State of Mind на раперот Џеј Зи. Многумина напишаа дека песната содржи расистички навреди и дека не им се верува дека данската манекенка го „синхронизирала“ текстот. Нејзиното видео набрзо се прошири на социјалните мрежи и наиде на бројни негативни коментари.

„Ова е лудо“, „Не ми се верува дека сум сведок на ова во реално време“, „Одземете ѝ ја круната“, „Извинувањето не е доволно, ако воопшто ќе се извини“, „Тргнете ѝ ја круната“, се дел од коментарите.

Но, имало и такви кои застанаа во одбрана на Викторија и напишаа дека таа само се забавува. „Бела жена пее песна што вообичаено ја пее црнец и оваа разбудена толпа ја нарекува расист. Таа нема за што да се извинува“, напишал еден во коментарите. По критиките и прозивките, Викторија не се огласи, како и организацијата Мис Универзум.

Многумина сметаат дека е проблематично што зборот „нига“ се појавува во стиховите.

За потсетување, Викторија неодамна беше крунисана на изборот за Мис Универзум во главниот град на Мексико. Таа влезе во историјата како првата Данка која стана Мис Универзум. Таа пораснала во мирно предградие на Копенхаген, а подоцна се преселила во урбаното јадро на градот и дипломирала бизнис и маркетинг.

Викторија објави дека нејзиното владеење како Мис Универзум ќе се фокусира на нејзината страст за благосостојба на животните, со цел да го привлече вниманието на прашања како што се зачувување на дивиот свет, хуманиот третман на животните и важноста на одржливите практики во индустриите кои влијаат на животинските живеалишта.

Бајден објави дека Израел ги прекина борбите со Хезболах, израелски министер гласаше против

Израел и Либан го прифатија договорот за прекин на огнот за ставање крај на борбите на Израел со Хезболах, објави американскиот претседател Џо Бајден.

Тој рече дека „Израел не ја започна оваа војна“, а исто така и либанскиот народ. „Од почетокот на војната со Хезболах, повеќе од 70.000 Израелци и над 300.000 Либанци беа принудени да живеат како бегалци“, рече тој, пренесе CNBC.

Тој објасни дека договорот стапува на сила во 4 часот наутро по локално време. „Борбите преку израелско-либанската граница ќе престанат. Ова е дизајнирано да биде траен прекин на непријателствата. Она што останува од Хезболах и другите терористички организации повеќе нема да смее да ја загрозува безбедноста“, истакна Бајден.

Изнесувајќи го планот, американскиот лидер најави дека во текот на следните 60 дена, либанската армија и државните безбедносни сили ќе се распоредат и повторно ќе ја преземат контролата врз нивната територија. „Нема да се дозволи обнова на инфраструктурата на Хезболах во јужен Либан“, додаде тој.

„И во следните 60 дена Израел постепено ќе ги повлече своите сили“, посочи тој. Бајден рече дека Соединетите Држави, со поддршка на Франција и другите сојузници, „се обврзаа да соработуваат со Израел и Либан за да обезбедат спроведување на договорот“.

„Како што либанскиот народ заслужува иднина на безбедност и просперитет, така и луѓето од Газа. Народот на Газа помина низ пекол. Нивниот свет се распадна. Премногу цивили во Газа претрпеа премногу. Хамас одби да преговара прекин на огнот со месеци и месеци И така сега Хамас има избор е да ги ослободи заложниците, вклучително и американските граѓани што ги држат.“

Вечерва на владина седница израелската влада официјално гласаше за примирје со исламистичката група Хезболах со која е во војна повеќе од една година. Ова го потврди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќање до јавноста.

Тој рече дека тоа не е крај на војната, додавајќи дека нема крај на војната додека сите Израелци кои избегаа од ракетниот оган на Хезболах во изминатата година не се вратат во своите домови на северот на земјата.

Тој исто така рече дека Израел сега ќе се фокусира на заканата од Иран, но и дека ќе го зголеми притисокот врз Хамас, исламистичката група која го нападна Израел на 7 октомври минатата година, масакрираше жители и киднапираше повеќе од 200 Израелци и ги одведе во Газа. .

Нетанјаху го започна својот говор обраќајќи им се на жителите бегалци од северен Израел, велејќи дека е горд на нивната истрајност и издржливост. Тој вели дека благодарение на храброста на израелските одбранбени сили се постигнати големи успеси. Тој тврди дека акцијата на ИД ја одразува моќта на Израел на Блискиот Исток.

„Во Либан, Хезболах повеќе не е истиот“, рече Нетанјаху, додавајќи дека израелската војска убила високи команданти и Насрала, поранешниот лидер на Хезболах.

Крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел Итамар Бен-Гвир се спротивстави на договорот за прекин на огнот со Хезболах. Тој го опиша договорот како „историска грешка“. „Тоа е враќање на концептот на тишина заради тишината, и веќе видовме каде води тоа“, напиша тој на X. Тој беше единствениот што гласаше против договорот на владината седница.

Тој е убеден дека договорот за прекин на огнот нема да ја исполни целта на Израел неговите жители на северот безбедно да се вратат дома. „Либанската армија воопшто нема авторитет, а особено не способност да го победи Хезболах. За да го напуштиме Либан, мора да имаме свој безбедносен појас. “, нагласи тој.

притисни ентер