Ердоган: Турција ќе воведе 5Г мрежа во 2026 година

Турција планира воведување на 5Г мобилна мрежа до 2026 година, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган по владина седница.

- Ќе организираме тендер за создавање на национална 5G комуникациска мрежа во 2025 година, со план да го добиеме првиот сигнал во 2026 година, изјави Ердоган.

Министерот за транспорт и инфраструктура, Абдулкадир Уралооглу, најави тестирање на 5G мрежи во Турција, соопштувајќи дека 30 организации веќе добиле дозволи за употреба, вклучувајќи го и Истанбулскиот аеродром.

Турција моментално има 87 милиони корисници на мобилни услуги, од кои речиси 81 милион користат 4,5G мрежа.

5G мрежата е најнова генерација на мобилна технологија која овозможува многу побрз интернет, подобра поврзаност и поддршка за напредни технологии како паметни уреди и автономни возила. /МИА

Прв случај на метапневмовирус во Грција

Пет години по избувнувањето на Ковид -19 пандемијата во Кина, во земјата циркулира ХМПВ или т.н човечкиот метапневмовирус.

Бројни видеа објавени низ социјалните мрежи на кои можат да се забележат болници во Кина преплавени со луѓе, отворија дилема меѓу граѓаните дали на светот му се заканува уште една пандемија? Потврден е и првиот случај во Грција - објавија тамошните медиуми. Станува збор за 71 годишен маж од Солун кој бил хоспитализиран, а најверојатно се заразил од неговата ќерка која била на одмор во Кина.

Но позначавите смируваат, велат оти станува збор за респираторен вирус најчесто со полесни симптоми слични на настинка, кој во медицината постои со години и кој типично циркулира токму во зимскиот период во годината...Д-р Никола Пановски објаснува дека веројатноста секој од нас до 5 годишна возраст се сретнал со овој вирус е голема, а со тоа постои голема стапка на стекнат имунитет поради претходна изложеност.

- Од прилика до 5 годишна возраст сите ние сме биле во контакт со тој вирус, значи толку е многу проширен и затоа заболуваат пред се деца до 5 години, но и тие што биле во контакт со вирусот, значи вирусот дава потешки симптоми па можеби и хоспитализаија кај деца до 5 години кои прв пат се среќаваат со овој вирус и кај возрасни особено постари луѓе кои имаат други заболувања.

Сепак, Пановски вели дека состојбата во Кина треба да се следи од страна на експертите, поради можност од појава на повирулентен сој, во кој повторно во најголем ризик објаснува дека би биле најранливите категории. Потсетува дека тие секако треба да се особено внимателни во сезоните на вируси и грипови и да избегнуваат поголеми собирања во затворен простор.

- Посебна загришеност не треба да има, но треба да се внимава дали овој сој како што се гледа во Кина е нешто повирулентен од останатите. Ако е така да се заштитат помалите деца значи тие што воопшто не одат на училиште, постарите лица особено оние кои имаат астма кои секако треба да се заштитат кога има вакво аерозагадување.

Истражувањата покажуваат дека ХМПВ е втор најчест вирус меѓу децата до 5 годишна возраст и дека околу 12% од респираторните болести кај децата се предизвикани токму од овој вирус.

Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење на пиротехнички материјали, лекови и фалсификати

Мобилен тим спречи обиди за криумчарење и заплени 2.108 парчиња пиротехнички материјали што требало нелегално да се продаваат на македонскиот пазар.

Пиротехничките материјали се пронајдени во автомобил со македонски регистарски таблички со кој двајца македонски државјани се пријавиле за влез во државата на граничниот премин Белановце. До надлежното Основно јавно обвинителство ќе бидат поднесени кривични пријави до сторителите заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

- Мобилен тим спречи обиди за криумчарење на 1.100 таблети (REQUIP XL од 2mg, NEXIUM од 40mg, GALVUS Met од 50 mg, JARDIANCE од 25 mg), 149 парчиња инсулин Sanofi Lantus Solostar 100 u/ml, како и 10 креми BACODERM од 15 mg и четири инјекции DEPOSELIN од 2.400.000 IU. Истите се пронајдени замотани во завесите, како и во вентилацијата на автобус со турски регистарски таблички, кој сообраќал на релација Турција – Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

- Запленети се 9.296 таблети и 3.850 парчиња гел од 100 мг за потенција со вкупна вредност од 1,4 милиони денари откако истите се пронајдени при контрола на автомобил на граничен премин Богородица. Лековите се пронајдени во багажникот на автомобилот, инаку со германски регистарски таблички, со кое за влез во државата се пријавиле двајца турски државјани.

- Во царинската испостава Скопје 1, царинските службеници запленија 754 парчиња очила за сонце, фалсификати со потпис на познати брендови со потекло од Кина. Декларираната вредност од едно парче очила изнесувала 1,14 долари и истите требале да се продаваат на македонскиот пазар како оригинали. Очилата се пронајдени при контрола на стока наменета за увозник од Кавадарци, пријавена за увозно царинење. Поради сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост истите се запленети, а против сторителот ќе биде поднесена соодветна пријава.

- Мобилен тим на граничен премин Блаце спречи криумчарење на 560 килограми маслиново масло пронајдено во багажниот простор на автобус со албански регистарски таблички, кој сообраќал на релација Тирана – Брисел.

- 29 парфеми, 48 паричници, 17 комплети тренерки и 30 пара обувки, со ознаки на познати светски марки се пронајдени во просторот за багаж и во просторот за одмор на возачи на автобус со македонски регистарски таблички пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.

- Три ловечки пушки и 324 патрони ловечка муниција се откриени на излез од државата на граничен премин Табановце при контрола на возило извршена од мобилен царински тим. Оружјето е пронајдено под душекот на импровизиран кревет во патничко комбе со грчки регистарски таблички со кое патувал грчки државјанин во придружба на неговото семејство.

- Непријавени автоделови со вредност од над 200 илјади денари се откриени од Службата за мобилни скенери на влез во државата на граничен премин Табановце при контрола на камион со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. Непријавените производи се пронајдени во просторот за палети на камионот и истите се запленети.

- Мобилен тим заплени употребувани гуми, по извршена контрола на камион натоварен со стока од Швајцарија, наменета за увозник од Скопје. Камионот бил пријавен за увозно царинење во царинска испостава Скопје 2, каде е утврдено дека дел од стоката не е опфатена со царинската декларација.

- На влез во државата на граничен премин Табановце е спречено криумчарење на 275 парчиња ножици за кроење, како и делови за ножици. Истите се пронајдени во кутии коишто биле скриени помеѓу седиштата на возилото.

- Мобилен царински тим и Службата за мобилни скенери на наплатна станица Росоман сопреа автобус за контрола во којшто открија поголема количина производи за кои не се платени увозни давачки. Станува збор за 50 литри масло од црно семе, шампони, над 120 парчиња облека, 25 женски чанти и 49 штеки цигари без акцизни маркички кои се откриени во каналите за вентилација на автобусот, под седиштата и во багажниот простор во автобусот. Возачот, македонски државјанин кој се пријавил како сопственик на производите, не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки за истите.

- Осцилациона и вибрирачка опрема што се користи во индустријата со вкупна вредност од 357 илјади денари е откриена од страна на Службата за мобилни скенери при контрола на автобус на влез во државата на граничен премин Табановце. Непријавената опрема е пронајдена во приколката наменета за багажот на автобусот, инаку со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин.

- Два лед телевизори се пронајдени во товарниот дел на комбе со белгиски регистарски таблички, управувано од белгиски државјанин, кое што се пријавило како празно на влез во државата на граничниот премин Блаце.

Малолетник осомничен за тешки кражби во Скопје

Јавниот обвинител од судот побара да определи притворска мерка за малолетникот.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за поведување подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор за малолетник во судир со законот за кого постои основано сомнение дека е извршител на шест различни кривично-правни дела кои во Кривичниот законик се предвидени и санкционирани како кражби и тешки кражби.

Во краток временски период, за неколку дена во декември 2024 година, 16-годишникот влегувал во влезови од згради, подрумски простории и дворови на куќи, провалувал во затворени простории и одземал велосипед, електрични тротинети, алати, алкохолни пијалоци и други предмети во вкупна вредност од над 160.000 денари.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз оштетените и опасност да го повторува делото, јавниот обвинител од судот побара да определи притворска мерка за малолетникот.

притисни ентер