Полициски единици во петокот околу полноќ во Урошевац запреле „ауди“ со македонски регистарски таблици, при контрола и преглед на автомобилот биле пронајдени три пиштоли и муниција. Уапесни се четири лица, македонски државјани. Според информациите се работи за Агим Красниќи, Бесим Красниќи, Фадил Точи и Сеад Рамадани Цапи.
Потврда добило и македонското министерство за внатрешни од Интерпол, потврдуваат за Канал 5.
Косовоската полиција соопшти дека тројца од нив се бараат за тепачка и пукање што се случило лани во Урошевац.
-Четири лица се спроведени во полициска станица, поради сомнение дека се барани лица, инволвирани во кривични дела, а три од нив приложиле лажни документи за идентификација. При проверка на лицата, констатирано е дека трите лица се осомничени и барани за случајот во Урошевац на 17.10.2023 година. Лицето Б.К. македонски државјанин, се барало со меѓународна потерница, распишана од властите во Македонија,--Полиција на Косово.
Агим Красниќи во 2008 година во Македонија беше осуден на 15 години затвор поради тоа што во 2005 година во неговото родно село Кондово со својата група подготвуваше напад на Скопје. Беше прогласен за виновен за серија кривични дела меѓу кои и изборни нерегуларности. По скоро 13 години поминати зад решетки, Красниќи избега по слободен викенд од штипскиот затвор каде ја извршуваше казната во 2020 година, на два месеци пред тогашните парламентарни избори.
Активна е и меѓународната потерница за Бесим Красниќи кој се бара за дела како кражба, разбојништво, предизвикување општа опасност, тероризам, насилство. И во потерницата за Фадил Точи се наведени тероризам, насилство, тргување со оружје и други дела. На сите им е определен 48 часовен притвор со цел спороведување на истрага. За екстрадиција на Агим Красниќи е рано да се одлучува со оглед на тоа што првин треба да одговараат за делата кои таму ги сториле, а потоа македонското министерство за правда да ја започне постапката.