Еко фестивалот „Sound of Green“ во МКЦ

Во МКЦ денеска ќе се одржи Еко фестивалот „Sound of Green“, во организација на Друштвото за управување со отпад од пакување Пакомак, а во соработка со Швајцарската амбасада во нашата земја.

Како што информираат од „Пакомак“, годинава пред скопската публика од 20:30 часот на две сцени - во паркот зад МКЦ и пред бифето, ќе настапат младата локална група Moira, Игор Џамбазов и Гуру Харе со бендот, како и гостите од Швајцарија, ORPHIA и DJ ALEX NANTAYA.

-И оваа година „Sound of Green“ ќе понуди одлична забава. Уште еднаш сакаме да потенцираме дека нашата цел со овој музички настан е да ја подигнеме еколошката свест кај младите, а воедно и да им понудиме квалитетна забава. Преку овој фестивал ја праќаме пораката дека селектирањето на амбалажниот отпад и рециклирањето треба да ни станат дел од секојдневната рутина. Ги повикуваме нашите сограѓани да ни се придружат, да донесат празни шишиња или лименки а ние ќе се погрижиме за нивното рециклирање, изјави Ико Брдароски, заменик извршен директор на „Пакомак“.

Со настанот покрај долгогодишната успешна соработка со „Пакомак“, ќе бидат одбележани и 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Швајцарија и Северна Македонија. Во рамки на оваа соработка, публиката ќе има можност да ги види и настапите на двајцата швајцарски артисти, како и изложбата „Чиста технологија - швајцарски решенија за предизвиците на денешницата“.

-Технологијата и иновациите се клучни за обезбедување на одржлива иднина, но истите мора да бидат придружени со промена на начинот на размислување и однесување кои ѝ штетат на нашата животна средина. Оваа изложба ги прикажува младите стартапи и компании во Швајцарија кои се посветени на промовирање одржливи решенија и успешни иницијативи на нашите партнери во Македонија кои придонеле за унапредување на заштитата на животната средина или за зголемување на отпорноста на еколошките ризици. Зголемените предизвици од климатските промени, деградацијата на животната средина и неодржливите практики, ни даваат на сите до знаење дека мора да дејствуваме сега за да обезбедиме иднина вредна за славење. „Sound of Green“ е одлична можност за младите да дознаат повеќе за заштитата на животната средина додека се забавуваат. Впрочем, фестивалот создава и платформа за комуницирање со младите луѓе како активни актери во промените и пионери на решенија во овој домен, потенцира швајцарската амбасадорка Вероник Улман.

Влезниците за настанот, како и секоја година не се продаваат, туку ќе се добиваат во замена за едно празно пластично шише од која било големина, празна лименка или инсталирана мобилна апликација „Екомак“. Како дополнителна мотивација, првите 300 посетители кои ја имаат инсталирано мобилната апликација и имаат минимум 10 зелени поени на неа, ги очекува изненадување, подарок од „Пакомак“ на лице место.

Поддржувачи на настанот „Sound of Green“ за 2024 година се Макстил, Факултетот за туризам и менаџмент и МКЦ. /МИА

ЕУ донираше еко автобуси за јавен превоз со Скопје

ЕУ донираше еко автобуси за јавен превоз со Скопје, за редовно сообраќање се чека исход од набавката на нафта.

Во јавниот градски превоз во главниот град следната недела треба да се вклучат шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вчера ги доби преку проект од Европската унија во вредност од 10 милиони евра. По минатонеделниот речиси целосен прекин на јавниот превоз во Скопје, автобусите на ЈСП сообраќаат со нафта од државните резерви и се очекува исходот од итната јавна набавка на нафта. Од Владата најавуваат дека повторно ќе го поддржат ЈСП доколку има потреба. Се подготвува и документацијата за тендерот за набавка на околу 100 електрични автобуси за ЈСП, што се очекува да биде распишан до крајот на годината.

На примопредавањето на автобусите, евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека проектот „ЕУ за чист воздух“ ќе помогне за намалување на загаденоста на воздухот, што, како што рече, е сериозен еколошки проблем со којшто се соочуваме со самиот почеток на грејната сезона и веќе со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните.

-Целта е Скопје заедно со другите градови да се претвори во живописно место за живеење, нагласувајќи дека граѓаните ќе почнат повеќе да го користат јавниот превоз кога системот ќе биде подобро опремен. Не треба да очекуваме уште утре сите да се качат на автобус, меѓутоа мислам дека кога е вистинско време, кога системот ќе биде подобро опремен, ова ќе се случи, рече Рокас.

И министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити укажа на придобивките од збогатувањето на возниот парк на ЈСП и оти се подобруваат условите за користење на јавниот превоз. Во таа насока рече дека е и планираната набавка на 100 до 120 електрични автобуси што ја најави премиерот.

-МЖСПП и Владата работат во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, оваа година проектиравме и низа дополнителни конкретни активности и ги насочивме сите расположливи ресурси во преземање на конкретни мерки со кои ќе се постигне поголем ефект во намалување на загаденоста, изјави Меџити.

Тој најави дека Владата ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП-Скопје доколку не успее тендерот за набавка на нафта.

- Целта на оваа Влада е децентрализација и тоа се покажува и со средствата што се издвоени - оваа година 100 милиони евра за општините, наредната 250 милиони евра, повторно за општините за зајакнување на децентрализацијата. Но, кога не можат општините тука е Владата, бидејќи најбитни ни се граѓаните. Значи и кога не е наша обврска Владата ќе излезе во пресрет...Ние би сакале општините да се јаки и добро изменаџирани, но кога не можат побитни ни се граѓаните, а посебно Скопје кој што е главен град, рече Меџити на новинарско прашање.

За градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, набавката на шесте автобуси е доказ дека кога не е блокирана градската администрација, е способна да спроведе ваков проект. Се надева дека ваквата активност ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат за набавка на уште 250 еколошки автобуси. Одлуката на Владата да набави електрични автобуси ја оцени како задоцнета.

- Најавата, која што ја слушнав од медиумите, доколку е вистина, можам само да ја поздравам и да кажам дека е задоцнета затоа што Владата имаше мнозинство во Советот на Град Скопје и веќе трета година по ред можеше да донесе иста или слична одлука без разлика дали се работи за задолжување или, пак, се работи за средства што градот Скопје ги има од сопствен капацитет и коишто можел да ги покрие, изјави Арсовска.

Како што рече, во изминатите 25 месеци на секоја седница на Советот на Град Скопје постоела точка на дневен ред за набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје и никогаш нема оправдување зошто не се гласа.

- Очигледно е дека се работи или за некаква политичка агенда или за идни аспирации за коруптивно однесување за кое оставам граѓаните сами да проценат. Најважно од се е дека граѓаните ја трпат најголемата штета од ваквото однесување, рече Арсовска.

Таа укажа и дека долгот на централните власти кон ЈСП Скопје од јануари идната година ќе изнесува десет милиони евра и оти Советот треба да дискутира дали воопшто ќе има бесплатен превоз за сите.

Одговарајќи на новинарски прашања, Арсовска рече дека ЈСП е огромен потрошувач на нафтени деривати, нагласувајќи, дека станува збор за тековни побарувања, а проблем е и одржувањето на автобусите и набавката на резервни делови.

Откако поголем дел од автобусите на јавното сообраќајно претпријатие минатата недела останаа во гаражите поради немање гориво, Владата на вонредна седница донесе одлука да додели 250.000 литри нафта како позајмица од државните резерви за ЈСП. Тие количини се доволни за 10-тина дена, а решение се очекува од исходот на почнатата итна набавка на нафта со преговарање, на која на барање на раководството на JCП, Бирото за јавни набавки одговори позитивно.

Премиерот Христијан Мицкоски завчера порача дека обезбедените 250.000 литри нафта ќе бидат доволни за извесен период, но оти градот ќе треба трајно да го реши проблемот.

Тендерот за планираната набавка на 100 до 120 електрични автобуси за јавниот градски превоз се очекува да се распише до крајот на годината, техничката документација се подготвува и се утврдуваат условите за плаќање. Најголемиот дел од новите автобуси ќе бидат за Скопје, а ќе има и за другите општини со организиран јавен градски превоз.

Манчестер сити испушти 3:0 над Феенорд и ја продолжи серијата без победа на шест натпревари

Манчестер сити испушти 3:0 над Феенорд и ја продолжи серијата без победа на шест натпревари.

Манчестер сити синоќа одигра нерешено 3:3 на домашен терен со Феенорд во натпреварот од 5. коло на Лигата на шампионите.

Во текот на натпреварот „Граѓаните“ имаа водство од 3:0. Ерлинг Халанд беше двоен стрелец (44. и 53. Минута), Илкај Гундоган реализира во 50. минута.

Холандскиот клуб возврати во последните 15 минути од натпреварот - по еден гол постигнаа Анис Хаџ-Муса (75. минута), Сантијаго Хименез (82.) и Давид Ганцко (89.).

Манчестер Сити (8 бода) ја продолжи серијата без победа во сите конкуренции на шест меча и се наоѓа на 15. место на табелата во ЛШ. Феенорд е 20-ти со седум бода.

Во следното коло избраниците на Пеп Гвардиола ќе играат со Јувентус, а холандскиот ја пречекува Спарта. Двата натпревари ќе се одиграат на 11 декември.

Вардар 1961 со победа го заврши настапот на европската сцена

Ракометарите на Вардар 1961 синоќа во Скопје го совладаа лидерот во германското првенство Мелсунген со 32-30 (17-17) и со победа го завршија настапот во Лига Европа.

За македонскиот претставник ова беше втора победа и петти освоен бод во групата Ф, заверувајќи го на крајот третото место.

Пласман во нокаут фазата од оваа група обезбедија Мелсунген, кој во Скопје го претрпе првиот европски пораз, како и Порто, кој два пати го совлада Вардар во групната фаза.

До втората европска победа Вардар 1961 вечерва го предводеа Ларс Коиј со осум и Младен Крсманчиќ со шест голови.

Одлична партија на голот на „црвено – црните“ прикажа Мигуел Фереира, кој запиша 15 одбрани.

притисни ентер