ЕК ја одобри кандидатурата на Ѕиѕикостас за комесар за одржлив транспорт и туризам

 Со 39 гласа, девет повеќе од потребното двотретинско мнозинство, Европската комисија ја одбори кандидатурата на Апостолос Ѕиѕикостас за комесар за одржлив транспорт и туризам, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации против гласала германската крајна десница, а левичарската група (LEFT) била воздржана.

Дел од медиумите во Грција пишуваат дека за време на сослушувањето на Ѕиѕикостас не изостанала и тензијата поради железничката несреќа кај Темпи во февруари минатата година, а новиот грчки комесар во неговиот воведен говор рекол дека безбедноста на железниците ќе биде главен приоритет.

Грчката европратеничка од редовите на Нова демократија Елиза Воземберг на платформата „Х“ синоќа напиша дека сослушувањето на предложениот комесар за одржлив транспорт и туризам „формално е завршено“.

-Како претседател на Комитетот за транспорт и туризам со задоволство можам да информирам дека процесот беше транспарентен и демократски, при што сите членови се придржуваа до процедурите. Иако расправата заврши, нашата работа продолжува бидејќи сега преминуваме во фазата на евалуација од страна на координаторите на комисиите.Вака функционира демократијата во пракса, напиша Воземберг.

Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, Ѕиѕикостас беше кандидат на Грција за комесар во новата Европска Комисија.

Новиот грчки комесар пред да замине за Брисел беше префект на периферијата Централна Македонија во северниот дел на Грција.

Костадинов ги информираше претставниците на американската амбасада за проблемот со водата

 Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов ги информираше претставниците на американската амбасада за проблемот со водата за пиење во Струмица.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, денеска беше домаќин на претставници на Амбасадата на САД во нашата земја предводени од Кели Мекејлеб офицер за политички прашања во Амбасадата и нејзините соработници. На средбата посебен акцент бил ставен на предизвиците со коишто се соочуваше и се уште се соочува Општина Струмицаво последниот месец, како што се водата за пиење и недобивањето средства за новиот градски пазар од унгарскиот кредит, информираа од локалната самоуправа.

- Претставниците на Амбасадата се интересираа, а градоначалникот Костадинов детално ги информираше за голготата со водата којашто Општината и ЈПКД „Комуналец“ ја поминаа исклучиво сами и без никаков интерес и поддршка од владините институции иако тие имаат надлежности, како и за тоа дека Струмица остана единствена општина којашто не само што не доби средства, туку остана и без писмено известување зошто е одбиена од унгарскиот кредит иако и струмичани ќе ја имаат обврската за неговото враќање. При тоа градоначалникот им ги објасни и причините за подигањето на алармот во ЗЕЛС, се наведува во информацијата од Општина Струмица.

Се додава дека струмичкиот градоначалник и се заблагодарил на Мекејлеб за покажаниот интерес и дадената поддршка на Струмица и струмичани во време кога тие се соочуваат со сериозни предизвици и сами бараат и наоѓаат решенија за нив.

Собраниска делегација на брифинг во седиштето на НАТО во Брисел

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и НАТО, денеска и вчера се одржал редовниот брифинг за новоизбрани пратеници во седиштето на Алијансата во Брисел.

На состанокот учествувале пратеници од девет земји членки и пет асоцијативни делегации, кои прв пат се дел од телата на Парламентарното собрание, меѓу кои и делегацијата од Собранието во состав Драган Ковачки, шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска, членови на делегацијата.

Како што денеска соопштија од собраниската прес-служба, настанот бил уникатна можност учесниците изворно да се информираат за начинот на функционирање и соработката меѓу парламентарниот и владиниот дел на Алијансата, како и за нејзините актуелните приоритети, политики и идни предизвици во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг следната година.

- Беше поздравено значителното инвестирање и одвојување средства во делот на одбраната кај сите земји членки, со потенцијал истите да продолжат да се зголемуваат во следните години. Особено беше потенцирана потребата од континуирана комуникација меѓу земјите членки, координацијата на заедничките активности, како и зголемената соработка со индустријата, како клучни за нивно поуспешно делување, се наведува во соопштението.

Присутните биле согласни дека заштитата на универзалните вредности треба безусловно да продолжи и во иднина.

Во тој контекст, биле разменети мислења за ситуацијата во Украина, но и за случувањата во Блискиот Исток, Медитеранот, Западниот Балкан, северот на Африка и Индо-Пацификот.

Што се однесува до идните предизвици, се вели во соопштението од Собранието, било посветено особено внимание на размена на информации и искуства околу користењето на и инвестирањето во вештачката интелегенција, вселената, зајакнување на отпорноста и спречувањето на хибридните и сајбер нападите, злоупотребата на дезинформации и информациите за манипулации за политички и други цели, како и за ре-дефинирањето на односите и соработката со трети земји.

САД Избори: Познатите „првенци“ американски претседатели

 Џорџ Вашингтон 30 април 1789 година - 4 март 1797 година Првиот и единствен претседател кој победи едногласно, со сите гласови на избирачкиот колегиум.

Џорџ Вашингтон

30 април 1789 година - 4 март 1797 година

Првиот и единствен претседател кој победи едногласно, со сите гласови на избирачкиот колегиум.

-------------

Џон Адамс

4 март 1797 година - 4 март 1801 година

Првиот претседател кој живее во Белата куќа.

Еден ден откако се преселил во Белата куќа, Адамс и напишал на својата сопруга Абигејл: „Се молам небото да ја благослови оваа куќа и сите што ќе живеат во неа од сега па натаму. Никој освен чесни и мудри луѓе нека владеат под овој покрив!“

--------------

Џејмс Монро

4 март 1817 година - 4 март 1825 година

Првиот претседател кој патувал со параброд.

---------------------

Џон Квинси Адамс

4 март 1825 година - 4 март 1829 година

Првиот и единствен претседател кој зборуваше осум странски јазици, делумно или течно.

---------------------

Мартин Ван Бурен

4 март 1837 година - 4 март 1841 година

Првиот претседател кој е роден како американски државјанин, со оглед на тоа дека е роден по потпишувањето на Декларацијата за независност на САД.

(„Што се однесува до тоа да бидам претседател, двата најсреќни денови во мојот живот беа денот кога ја презедов функцијата и денот кога му ја препуштив на мојот наследник“)

----------------------------

Вилијам Хенри Харисон

4 март 1841 година - 4 април 1841 година

Првиот претседател кој почина додека беше на функција. По само 32 дена од инаугурацијата, па го имаше најкраткиот мандат.

-----------------------

Милард Филмор

10 јули 1850 година - 4 март 1853 година.

Првиот претседател кој ја напушти функцијата без наследство или друго независно богатство да го чека.

--------------

Абрахам Линколн

4 март 1861 година - 15 април 1865 година

Првиот претседател кој беше убиен додека беше на функција.

-------------------------

Честер А. Артур

20 септември 1881 година - 4 март 1885 година.

Првиот претседател кој воведе сеопфатен федерален закон за имиграција и им забрани на сиромашните, криминалците и ментално пореметени да влезат во земјата.

-----------------------

Гровер Кливленд

Прв мандат: 4 март 1885 година - 4 март 1889 година Втор мандат: 4 март 1893 година - 4 март 1897 година.

Првиот и единствен претседател во два мандати, но не последователно.

-----------------------

Бенџамин Харисон

4 март 1889 година - 4 март 1893 година

Прв претседател кога е инсталирана струја во Белата куќа.

---------------------

Вилијам Мекинли

4 март 1897 година - 14 септември 1901 година

Првиот претседател кој водел телефонска кампања.

-------------------------

Теодор Рузвелт

14 септември 1901 година - 4 март 1909 година

Првиот претседател и првиот Американец кој ја доби Нобеловата награда за мир, бидејќи помогна да се стави крај на руско-јапонската војна.

----------------------

Вудро Вилсон

4 март 1913 година - 4 март 1921 година

Првиот и единствен претседател кој докторирал политички науки на Универзитетот Џон Хопкинс

-----------------------

Ворен Хардинг

4 март 1921 година - 2 август 1923 година

Првиот претседател роден по Граѓанската војна и првиот избран по усвојувањето на 19-тиот амандман, со кој жените имаат право на глас.

--------------------------

Френклин Д. Рузвелт

4 март 1933 година - 12 април 1945 година

Првиот претседател кој беше избран четирипати и првиот кој редовно им се обраќаше на граѓаните преку радио во таканаречените „разговори покрај камин“.

------------------

Хари Труман

12 април 1945 година - 20 јануари 1953 година

Првиот и единствен претседател кој одобри употреба на атомска бомба против странска држава.

--------------------

Џон Кенеди

20 јануари 1961 година - 22 ноември 1963 година

Првиот претседател на католичка вероисповед и првиот и единствен претседател кој го добил „Пурпурното срце“ - за рани добиени во борба за време на Втората светска војна.

------------------

Линдон Џонсон

22 ноември 1963 година - 20 јануари 1969 година

Првиот и единствен претседател кој положи заклетва во авион - претседателскиот Air Force One, по атентатот на Џон Ф. Кенеди во 1963 година.

---------------

Ричард Никсон

20 јануари 1969 година - 9 август 1974 година

Првиот и единствен претседател кој поднесе оставка по скандалот Вотергејт.

------------------

Џими Картер

20 јануари 1977 година - 20 јануари 1981 година

Првиот претседател кој го прослави 100-от роденден по напуштањето на Белата куќа.

--------------------------------

Роналд Реган

20 јануари 1981 година - 20 јануари 1989 година

Првиот претседател кој беше разведен и првиот што предложи жена за судија на Врховниот суд.

-----------------------------

Бил Клинтон

20 јануари 1993 година - 20 јануари 2001 година

Првиот претседател чија инаугурација беше емитувана во живо на интернет.

-------------

Барак Обама

20 јануари 2009 година - 20 јануари 2017 година

Првиот црн претседател и првиот претседател кој зборувал индонезиски, јазик што го научил додека живеел во Џакарта како дете.

----------------------

Доналд Трамп

20 јануари 2017 година - 20 јануари 2021 година

Првиот претседател кој победи на изборите без ниту политичко ниту воено искуство. Исто така, првиот претседател осуден за кривично дело.

-------------

Џо Бајден

20 јануари 2021 година - 20 јануари 2025 година

Првиот претседател кој на изборите доби повеќе од 80 милиони гласови.

притисни ентер