Двајца пациенти добија бубрези од починат донор - извршена уште една трансплантација

На хируршките клиники во текот на вчерашниот ден e изведена уште една трансплантација на органи од починат донор. 

На хируршките клиники во текот на вчерашниот ден e изведена уште една трансплантација на органи од починат донор. Благодарение на хуманиот чин, храброста и емпатијата на едно семејство кое одлучи да даде согласност за донирање на органите од свој близок, двајца пациенти со ретка крвна група добија бубрег и ќе продолжат да живеат нормален живот, без потреба од дијализа, информираат денеска од Министерството за здравство.

-Во тек на изминатото деноноќие извршивме трансплантација од починат донор. Изразувам посебна благодарност на семеството на донорот, кои во најболен момент на лична загуба, се одлучија да ги донираат органите, покажувајќи силна емпатија и човекољубие кон пациентите кои чекаат трансплантација. Пациентите кои примија органи се со уреден постоперативен тек. Им посакувам брзо закрепнување и долг живот. Изразувам благодарност и на медицинските тимови од сите клиники кои беа вклучени во процесот на трансплантација, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.

Од Министерството додаваат дека поради ретката крвна група на починатиот, овојпат на националните листи немало реципиенти за другите органи.

-Трансплантацијата за најголем дел од пациентите е единствена шанса за живот. За други, пак, е можност за поквалитетен живот. Но, таа не може да се случи доколку не постои актот на органодарување. Само благодарение на храброста, несебичноста и емпатијата на семејствата на донорите, трансплантацијата е возможна. Да се подари органи, значи да се подари некому втора шанса за живот, велат од Министерството за здравство.

Пукотница во близина на израелската амбасада во Јордан, напаѓачот е убиен

Вооружен напаѓач загина, а тројца полицајци се повредени во пукање во близина на израелската амбасада во Јордан, објавија безбедносни извори и државни медиуми.

Полицијата застрелала и убила вооружен маж кој пукал кон полициска патрола во областа Рабија во Аман, објави државната новинска агенција Петра, повикувајќи се на јавната безбедност, додавајќи дека истрагата е во тек.

Јорданската полиција претходно ја опколи областа во близина на амбасадата под силен полициски надзор откако се слушнаа истрели, изјавија очевидци. Двајца сведоци изјавија дека полицијата и брзата помош се упатиле кон населбата Рабија, каде што се наоѓа амбасадата. Оваа област е во фокусот на честите демонстрации против Израел.

Кралството беше сведок на некои од најголемите мирољубиви митинзи во целиот регион додека антиизраелските чувства се зголемуваат поради војната во Газа. Полицијата ги повика жителите да останат во своите домови додека полицајците трагаат по сторителите, изјави извор од безбедносните сили.

Многу од 12-те милиони граѓани на Јордан се со палестинско потекло. Тие или нивните родители биле протерани или побегнале во Јордан во борбите што следеа по создавањето на Израел во 1948 година. Многумина имаат семејни врски на израелската страна на реката Јордан.

Мировниот договор на Јордан со Израел е непопуларен меѓу многу граѓани кои сметаат дека нормализацијата на односите е предавство на правата на нивните палестински сонародници.

Јокиќ ги декласира Лејкерси среде Лос Анџелес- си играше одбојка на паркетот (ВИДЕО)

Никола Јокиќ одигра блескава партија во победата на Денвер над Лос Анџелес Лејкерс 127:102.

Српскиот центар постигна 34 поени, со 16 скока и 8 асистенции, а неговата „кошаркарска магија“ повторно ги воодушеви навивачите.

Јокиќ покажа спектакуларни потези, а најпосебниот момент се случи во последните секунди од третата четвртина, кога на 0,3 секунди до крајот се обиде да го погоди кошот со одбојка.

Неговата одлична реакција и контролата на играта беа клучни за триумфот на Денвер.

Погледнете ги најдобрите потези на Никола Јокиќ и како сето тоа изгледаше:

Утрово минус 10 степени се измерени во Берово, „најтопло“ во Гевгелија со 1 степен

Во текот на ноќта и изутринава преовладуваше ведро и многу студено време.

Дуваше слаб до умерен ветер од северен и северозападен правец. Најниска температура од -10 степени Целзиусови е измерена во Берово, а најтопло беше во Гевгелија каде е измерен 1 степен Целзиусов.

На Попова Шапка е измерена температура од -8 степени Целзиусови, -7 во Крива Паланка, Битола и Маврови Анови, -6 во Скопје-Петровец, Крушево, Тетово, и Прилеп, -5 во Велес, Демир Капија, Охрид и Претор, -4 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Струмица, Виница и Куманово, а -3 степени Целзиусови во Кавадарци.

Според извештајот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во изминатите 24 часа дожд врнело во Битола, Маврови Анови, Крушево и Тополчани, но секаде наврнатиот воден талог е понизок од еден литар на квадратен метар.

Од УХМР најавуваат дека времето денеска ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне од 5 до 12 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 8 степени Целзиусови.

притисни ентер