„Гренланд е наш. Не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Не смееме да ја изгубиме нашата долга борба за слобода“, рече Егеде, пренесе Ројтерс.
Во неделата Трамп објави дека го избрал Кен Хавери, поранешниот американски амбасадор во Шведска, за нов американски амбасадор во Данска.
Трамп на својата платформа Truth Social напиша дека е апсолутно неопходно САД да ја преземат сопственоста и контролата на Гренланд за, како што наведе, националната безбедност и слободата ширум светот.
Американскиот конгресмен од Џорџија Мајк Колинс, сојузник на Трамп, во ноември сугерираше дека САД би можеле повторно да се обидат да го купат Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска.
Во 2019 година, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд, нарекувајќи го „голем договор за недвижнини“.
Волстрит журнал потоа објави дека Трамп всушност ги сака богатите природни ресурси на данскиот остров, но данската премиерка Мете Фредериксен ја нарече идејата „апсурдна“, посочувајќи дека Гренланд „не е на продажба“.
Гренланд содржи огромни наслаги на ретки елементи кои се користат во производството на електрични возила и турбини на ветер.
Островот е автономен од 1979 година, а Данска ја задржува контролата над надворешните работи, одбраната и монетарната политика.
Од 2010 година, автономијата на Гренланд се прошири на подземните ресурси, вклучувајќи ги и активностите за истражување и експлоатација на минерали.
САД се обидоа да го купат Гренланд од Данска неколку пати, вклучително и во 1867 година, кога државниот секретар Вилијам Х. Севард преговараше за купување на Алјаска од Русија.
Друг обид да се купи се случи во 1910 година, а во 1946 година американската влада ѝ понуди на Данска понуда од 100 милиони долари, која таа ја одби.