Државен завод за ревизија: Општина Прилеп со буџет без програми

Отсуствува граѓанското учество при креирањето и реализирањето на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а Советот на општината усвојува буџет за кој нема донесено програми за активностите .

По извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година, Државниот завод за ревизија констатирал состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за минатата година и за усогласеноста со законската регулатива на сметките 630 и 637 на основен буџет.

Според Државниот завод за ревизија, во буџетот на општината не се уплатени 447.154 евра или 27 милиони и 500 илјади денари, надоместоци за одржување на јавна чистота и урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а за побарувањата од 263.626 евра не постои законски основ за нивна наплата, зашто должниците се избришани од евиденција во Централниот регистар на Република Македонија. Mатеријалните средства во подготовка не се соодветно сметководствено евидентирани, не е обезбедена заштита на општинскиот имот, а се констатирани и неправилности во извршување на пописот на средствата и обврските.

-Отсуствува граѓанското учество при креирањето и реализирањето на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а Советот на општината усвојува буџет за кој нема донесено програми за активностите кои се во надлежност на општината, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија.

На ЈКП „Комуналец“ како субвенција му се исплатени 1.028.276 евра или 63 милиони и 239 илјади денари без целосна поткрепувачка документација за извршениот обем на активности од годишниот план на претпријатието. На спортски клубови, здруженија на граѓани, фондации, талентирани ученици и социјални бенефиции се исплатени средства без донесени програми, а корисниците не доставуваат извештај за потрошените средства и не се објавени на веб-страницата на општината.

Државниот завод за ревизија има забелешки на средствата исплатени како субвенции за потрошена вода на ранливи групи граѓани, како и на исплата на еднократна парична помош без прецизно утврдени критериуми.

Општината како инвеститор не обезбедила соодветна законска документација при изградба и реконструкција на локални патишта и улици, канализациона мрежа и нема завршни извештаи за нив, ниту технички прием. Слична е состојбата со реконструкцијата и доградбата на мостот на Градска река на улицата „Трајко Николоски“ кој е пуштен во употреба без комплетна изведбена документација што е ризик за безбедноста.

-За изградбата на подрачното основно училиште „Рампо Левката“ во месноста викана Баба Чаир, Општината исплатила средства но не го презела ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект, поради што објектот е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен пазар и Жабени, се без училишна зграда, стои во соопштениот на Државниот завод за ревизија за работата на општина Прилеп за 2022 година.

Што се однесува до привремено ангажирани лица во работата на локалната самоуправа, од 41 ангажирано лице 10 од нив се за подолг период од две години и тоа укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица, повластена положба во постапката на нивно ангажирање. На Ревизијата не и биле презентирани документи за направени расходи, проектна документација, налози за работа, одобренија за градба, по склучени договори за услуги за поправки и одржување на јавното осветлување, за реконструкција и изградба на улици, патишта, тротоари и пешачки патеки и изградба на детска градинка.

-Изградбата на градинката во населбата Точила се реализира како тригодишна капитална инвестиција и по спроведена јавна набавка на работи, склучен е договор со вкупна вредност од 2.166.943 евра или 133 милиона и 267 илјади денари, со рок на изведба не подолг од седум месеци. По започнување на изведбата, изведувачот го известува инвеститорот за утврдени неусогласености на предвидените позиции во проектот со предмер. Завршната ситуација не е одобрена од Општината како инвеститор, зашто вредноста на договорот е надмината за 9 милини и 570 илјади денари, за која не е склучен анекс на договорот. Несоодветно изработената предмер пресметка и неусогласеноста со проектната документација влијае на реализацијата на градбата и доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на започнатата инвестиција, соопштува Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година

За утврдените состојби, ревизијата дала препораки за надминување на утврдените состојби.

Израел го доби списокот на заложници кои Хамас треба да ги ослободи во текот на денешниот ден

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека добиле список со имиња на киднапирани Израелци кои Хамас треба да ги ослободи денеска во текот на денот.

Тоа ќе биде шеста група заложници што се ослободуваат како дел од привременото примирје во Газа меѓу Израел и палестинските милитанти.

Во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер се наведува дека се информирани семејствата на оние на списокот, без да се наведат дополнителни детали.

Денеска е втор ден од дводневното продолжување на примирјето во Газа. Како дел од договорениот привремен прекин на огнот, Хамас ослободи некои од заложниците земени од палестинските милитанти за време на големиот напад врз јужен Израел на 7 октомври, во замена за ослободување на палестинските затвореници и влез на поголема хуманитарна помош во Газа.

Состојба на патишта, сообраќај по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.

ФРЕКВЕНЦИЈА: Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

ЗИМСКА ОПРЕМА: Од 15.11.2023 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2024 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.

ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

ИЗВЕСТУВАЊЕ: Од настанатите поплави на 14.06.2023 год. во Делчево и околината оштетени се темелите на мостот на Црвена река на магистралниот пат А3 делница Македонска Каменица – Делчево. Сообраќајот на мостот се одвива наизменично, по една коловозна лента.

СЕЗОНСКИ РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ: Од 15.11.2023 година, патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, ќе биде затворен за сообраќај за сите видови на возила. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. Овој времен режим ќе трае се до 01.04.2024 година.

РАБОТИ НА ПАТ:

ГД Гранит АД Скопје известува дека согласно ново издаденото одобрение за времен режим на сообраќај поради изведување на градежни работи на Автопат А4, делница ГП "Блаце" - Скопје (клучка "Стенковец") Подделница 1 – од 08.11.2023 г. постоечкиот локален пат до с. Блаце од магистраниот пат А4 пред Граничниот Премин ќе биде затворен, а пристапот до с.Блаце ќе биде обезбеден по привремен пат пред Граничниот Премин, согласно поставената сообраќајна сигнализација.

Останува и претходно воспоставениот времен режим на сообраќај согласно кој на 2 км пред Граничниот Премин "Блаце" на местото на изведување на градежните работи сообраќајот се одвива по двонасочен режим на сообраќај (со два нови кружни тека) и поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

На 07.11.2023 година од 13:00 ч. извршена е времена измена на режимот на сообраќајот на делницата од Автопат А1, Пeтровец – Катланово - рехабилитација со проширување на автопатот А1 (лево и десно коловозот во двата правца) во должина од 6000 м, сообраќајот ќе се одвива по новоизградената коловозна лента (Катланово - Петровец) двонасочно, со вертикално поставена сигнализација, додека коловозната лента Петровец - Катланово ќе биде затворена за сообраќај.

Oд 24.10.2023 година ќе се започне со реконструкција на регионалниот пат 1301 (Охрид-Свети Наум). Сообраќајот ќе се одвива непречено и ќе биде регулиран со содветна сообраќајна сигнализација.

Од 23.10.2023 г. ќе започне реконструкција на постоечката наплатна станица Желино, на државен пат А2 - делница Скопје – Тетово. Сообраќајот на автопатот ќе се одвива согласно одобрен времен режим на сообраќај.

ГД Гранит АД Скопје известува дека согласно издаденото одобрение за времен режим на сообраќај на Автопат А4, делница ГП “Блаце”-Скопје (клучка “Стенковец”) Подделница 1 – проширување на постоен пат А4 од ГП “Блаце” до с. Блаце, до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување со локален пат до с. Блаце, на 2км пред Граничниот премин “Блаце” од 06.10.2022 г. на местото на изведување на градежните работи се одвива нов времен двонасочен режим на сообраќај (со два кружни тека) со поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива континуирано без застој.

Oд 11.9.2023 г. воспоставен е времен режим на сообраќај во тунелот на патниот правец Блаце – Скопје, поради изведување на градежни работи – санација на тунелот. Поставена е светлосна сигнализација со наизменично пропуштање на возилата.

БИОН ДОО Тетово известува дека од 20.05.2023 година на патниот правец "Државен пат А3, делница: Буково - Охрид, подделница Буково - влез во Охрид" ќе има измена на времениот режим на сообраќај поради изведување работи што се предвидени на објектот "Поставување на сообраќајна сигнализација и опрема на државен пат А3, делница Буково - Охрид, подделница Буково - влез во Охрид". Режимот ќе биде според сообраќајниот проект. Работите на објектот се предвидени да завршат на 29.02.2024.

Од 14.06.2023 година почнува проектот „Санација на трупот на патот Р1303, делница Македонски Брод – Прилеп, премин Барбаpос. Сообраќајот на овој патен правец ќе се одвива непречено, со ограничување на максимална брзина до 30 км/час.

Поради изведување на градежни работи (реконструкција на коловозот) на патниот правец Подмоље – Охрид на магистралниот пат А3, сообраќајот ке биде пренасочен преку регионалниот пат Р-1208. Работите започнуваат на 09.6.2023, а на местото ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

ДТГ Жикол Доол извести дека од ден 10.5.2023 г. поради вршење на градежни активности на делницата Струмица – Дабиље, е поставен времен режим на сообраќај.

Од ден 26.4.2023 г. започнаа градежни активности на Државен пат А1, во насока од Демир Капија кон Неготино, за што ќе се изврши промена на режимот на сообраќај со целосно затворање на автопатот на клучката Демир Капија, а сообраќајот е пренасочен на Регионалниот пат Р1102.

Почнувајќи од 06.03.2023, на автопатот А1, делница Петровец – Катланово, започнуваат градежни активности поради што има изменет режим на движење на возилата. Сообраќајот се одвива непречено и се препорачува внимателно пристапување.

Според информација од ДГТ Жикол, поради изведување на градежни работи на државен пат А2, делница Миладиновци – Хиподром, сообраќајот на автопатот ќе се одвива според времен режим.

Поради изведување на работи на експресниот пат од Градско до Дреново, на државен пат А1, делница Велес - Неготино, ќе се применува времена измена на режим на сообраќај. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од V=80km/h во зона на градилиште. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.

”Стентон градба ДОО” известува за времена измена на режим на сообраќај на државен пат крак А1 ,делница Градско – Прилеп (Фариш-Прилеп), поточно после мостот на р. Раец кон Плетвар заради градежни активности од 02.03.2022 г. во врска со проект Рехабилитација на државен пат А1,Делница Фариш-Прилеп и ќе трае во наредните 12 месеци. Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница.

На патниот правец А2 Кичево - Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.

Авто мото сојуз на Македонија

Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ во Скопје

Авиосообраќајот ќе се одвива регуларно за време на состанокот на ОБСЕ во Скопје, не се очекуваат доцнења.

Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, за време на одржувањето на 30. Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, денеска, утре (30 ноември) и задутре (1-ви декември), ќе се одвива регуларно, информираат од ТАВ Македонија. И од Македонска навигација М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, не очекуваат доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените за министерскиот состанок на ОБСЕ.

Од ТАВ апелираат патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот за да стигнат навреме на аеродромот.

-ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена - 29-ти ноември, 30-ти ноември и 1-ви декември, за време на одржувањето на 30-тиот Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме, велат од ТАВ Македонија.

Од М-НАВ, пак, во изјава за МИА истакнуваа дека, согласно објавените капацитети и расположливиот човечки потенцијал, не очекуваат никакви доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените летови поврзани со Министерскиот состанок на ОБСЕ.

-Сите воздухоплови ќе бидат опслужени на ефикасен и безбеден начин согласно потребите, најавуваат од М-НАВ.

притисни ентер