ДИК: Заврши увидот во Избирачкиот список и регистрацијата на гласачите од дијаспората

Заврши увидот во Избирачкиот список и регистрацијата на гласачите од дијаспората за претојните претседателски (24 април) и парламентарни  избори (8 мај). 

Заклучно со вчерашниот ден во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија увид на своите податоци во Избирачкиот список направиле 6231 лице. Според ДИК, 23 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 29 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 11 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Електронски проверка во податоците направиле вкупно 56299 граѓани, а поднесени се 47 барања за промена на податоци, девет барања за бришење на податоци и 24 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, според информациите од ДИК, заклучно со 19 март 2024 година, до 9 часот, се пристигнати вкупно 2943 пријави од кои 2369 се прифатени, 396 се одбиени и 178 необработени пријави кои ќе бидат обработени во текот на денешниот ден.

Од ДИК информираат и дека регистрацијата на гласачите во дијаспората завршила денеска во 9 часот, поради продолжување на рокот за пријавување на гласачите.

-Причината за продлжување на рокот беа технички проблеми со интернет страницата www.dijaspora.sec.mk, кој траеше од 17 март 2024 година од 24 часот до 18 март 2024, 9 часот, посочуваат од Државната изборна комисија.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

Волстрит џурнал: Според американските разузнавачи, Путин не стои зад убиството на Навални

Разузнавачките агенции во САД утврдиле дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно директно не наредил да биде убиен опозицискиот лидер Алексеј Навални, објави денеска Волстрит џурнал.

Навални, еден од најжестоките критичари на Путин, почина во арктички казнен затвор во февруари на 47-годишна возраст. Неговите сојузници, вклучително и неговата сопруга, го обвинија рускиот лидер за неговото убиство - обвинение што Кремљ постојано го негира, пишува весникот.

Но, по неодамнешната проценка заснована на низа информации - вклучително и некои доверливи разузнавачки информации и анализа на јавни факти - американските разузнавачки агенции не веруваат дека Путин наредил убиство на неговиот противник.

Проценката, исто така, го зеде предвид времето на смртта и како таа го засени претседателскиот реизбор на Путин во март, пишува весникот, повикувајќи се на свои извори.

Весникот цитира извори кои велат дека заклучокот бил „нашироко прифатен во разузнавачката заедница и споделен од неколку агенции, вклучително и Централната разузнавачка агенција, Канцеларијата на директорот на националното разузнавање и разузнавачката единица на Стејт департментот“.

Коментирајќи го извештајот, Леонид Волков, висок помошник на Навални, ваквите заклучоци ги нарече наивни и смешни, објави Волстрит џурнал.

Велика Британија го повика на разговор рускиот амбасадор поради „злонамерни активности“

Британското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот амбасадор во Лондон по наводите за сомнителни и злонамерни активности на Русија на територијата на Велика Британија.

„Велика Британија и понатаму е длабоко загрижена поради наводите за руска злонамерна активност на наша почва, како и моделот на однесување на Руската Федерација за спонзорирање на такви активности на територијата на други, суверени држави“, се вели во соопштението.

Велика Британија повика на „итно запирање“ на ваквите активности и рече дека ќе продолжи да работи со сојузниците за одвраќање и одбрана од „спектарот закани кои доаѓаат од Русија“.

Одлуката доаѓа откако Британец беше обвинет за „вршење непријателски активности во Обединетото Кралство во корист на Русија“, соопшти вчера британското обвинителство (ЦПС).

ЦПС наведе дека Дилан Ерл е обвинет според Законот за национална безбедност од 2023 година, што е прв случај на обвинение според оваа законска регулатива.

притисни ентер