Деспотовски: Македонија е стабилна земја со вредни работници

Позитивната деловна клима за инвестирање, брзи и ефикасни процедури и постапки за реализација на инвестиции, како и пристап до квалификувана работна сила се клучни за турските инвеститори во земјава. 

Своето позитивно искуство од инвестирање во ТИРЗ пред повеќе од 30 турски компании го споделија менаџерите на турската компанија Пурпласт и на новиот инвеститор во ТИРЗ, компанијата Шахтерм. На настанот во организација на Стопанската комора на Бурса директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски ги претстави инвестициски можности во Македонија како и можностите за турските компании, а свое обраќање имаа и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски како и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.

„Македонија има клучна географска положба. Нудиме флексибилност, одлична инфраструктура и квалификувана работна сила. Она што е уште поважно е што успеавме да ја промениме сликата од земја на евтина работна сила, во земја на добро платени работни места за нашите сограѓани. Па така не само што континуирано расте бројот на вработени во Зоните, туку и просечната нето плата веќе достигна над 1100 евра. Македонија е стабилна земја со вредни работници. Покажавме и дека Македонија е вистинска бизнис дестинација со оглед на тоа дека во изминативе три години имаме постигнато договори од 1 милијарда евра, што е исто колку инвестицискиот обем за десет години, “ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ. Тој додаде и дека „Турција прераснува во сериозен бизнис партнер на земјава, а само во ТИРЗ во последниве три години имаме три нови турски компании кои инвестираат над 125 милиони евра и предвидуваат отворање на над 1200 нови работни места од кои дел веќе се реализираат“.

Генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, чија компанија е најновиот инвеститор во ТИРЗ посочи дека најважно за одлуката за инвестирање била професионалноста и ефикасноста на Владата и ТИРЗ во преговорите.

„Исклучително брз процес и посветеност кој резултираше во договор по само четири месеци. Во Македонија пронајдовме вистински партнери и ефикасна администрација што беше клучна за нас како бизнисмени, бидејќи времето чини пари. Она што особено не радува е дека во земјата има доволно квалификуван кадар кој сме подготвени добро да го платиме,“ нагласи Шахин. Тој додаде дека почетната плата за неквалификуван кадар ќе почнува од 550 евра, а додаде дека планира новата фабрика во ТИРЗ Скопје 2 да биде центар за снабдување на клиентите во западните земји, од Европа и САД. Компанијата “Шахтерм“ која има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство ќе инвестира над 100 милиони евра и планира отворање на 1000 нови работни места. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.

Мехмед Шишманоглу, извршниот директор на Пурпласт, која има 40 годишно искуство во автомобилската индустрија, посочи дека со поддршката од Владата и соработката со ТИРЗ веќе три години градат успешна приказна во земјава. Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса истакна дека ваквите настани за вмрежување се важни за турските инвеститори, како и дека ќе ги поддржат турските компании во нивниот потфат на македонскиот пазар. Тој додаде и дека според позитивните искуства на турските компании особено верува во потенцијалот на Македонија како стратешка дестинација за инвестирање.

Во своето обраќање и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски истакна дека Република Турција како наш стратешки партнер е многу важен инвеститор во различни инфраструктурни и капитални инвестиции, како и гринфилд и браунфилд инвестиции од турски компании, кои го препознаа потенцијалот и ги користат предностите и придобивките од водењето бизнис во Македонија.

Претставниците на компаниите најмногу се интересираа за пристапот до квалификувана работна сила, елементите на државна поддршка и условите за инвестирање. Инаку Турција е рангирана на прво место по бројот на странски компании во земјава, и во моментов речиси 2000 турски компании се регистрирани и работат во различни сектори.

Иран осуди познат ирански режисер на камшикување и осум години затвор

Судот во Иран го осуди познатиот филмски режисер Мохамед Расулоф на осум години затвор и камшикување за злосторства против националната безбедност, изјави неговиот адвокат Бабак Пакнија.

Тој рече дека судот утврдил дека филмовите и документарците на Расулоф се „примери за заговор со намера да се изврши злосторство против безбедноста на земјата“.

„Судот, исто така, изрече неодредена парична казна и нареди заплена на имотот на Расулоф“, додаде Пакнија.

Расулоф ја доби Златната мечка за 2020 година за најдобар филм на Берлинале за „Не постои зло“, а неговиот филм „Човек со интегритет“ доби признание во Кан во 2017 година. Најновото дело на писателот и режисер, „Семето на светата смоква“, треба да биде премиерно прикажано следната недела на Канскиот филмски фестивал во Франција, пишува Си-Ен-Ен.

Непосредно пред прикажувањето на новиот филм, иранските власти испрашувале некои актери и им забраниле да ја напуштат земјата, а на Расулоф му рекле да го повлече филмот од фестивалот, тврди Пакнија.

Во 2022 година, иранскиот суд го осуди Расулоф на една година затвор и му забрани да снима филмови на две години, бидејќи, како што се наведува, вршел пропаганда против системот.

Иранската асоцијација на независни режисери ја критикуваше најновата казна и истакна дека „независните кинематографери ја осудуваат неважечката пресуда против Мохамад Расулоф и стојат покрај него и сите уметници кои се потсмеваат на цензурата на владата“.

Евролига: Олимпијакос последен учесник во фајнлфорот

 Кошаркарите на грчки Олимпијакос се пласираа на фајнлфорот во Евролигата, откако синоќа во решавачкиот, петти, натпревар на гости ја совладаа Барселона со 63-59 (9-12, 16-15, 15-13, 23-19).

Шекил Мекисик со 12 и Костас Папаниколау со 11 поени го предводео Олимпијакос до големата победа, додека најефикасни во редовите на Барселона беа Николас Лапровитола со 17 и Алекс Абринес со 13 поени.

Во полуфиналето на фајнлфорот Олимпијакос ќе игра против Реал Мадрид, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Фенербахче и Панатинаикос.

Завршниот турнир ќе се одржи од 24 до 26 мај во Берлин.

Апасиев: Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник од Левица

Левица со 6 (шест) пратеника во Парламент резултираше на Парламентарните избори, 2024.

На прес - конференцијата по овој повод, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, имаше свое обраќање кон народот.

- Да прославиме пасокизација на СДС и факторизација на ЛЕВИЦА! Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник на Левица - истакна Апасиев.

Во ИЕ1, Левица освои 2 пратеника и тоа: претседателот Димитар Апасиев и потпретседателот, Реџеп Исмаил - Хактан.

Од ИЕ2, во Парламентот влегува еден пратеник - портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

Во ИЕ3 - влез во Собранието има и актуелниот пратеник Борислав Крмов.

Во Четворка влегува Сашко Јанчев, а во Петка - Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска.

- Она за што се залагавме, тоа ни успеа. Го пасокизиравме СДС, ја кутнавме црвената буржоазија што беше наш детски сон уште од транзицијата на под 20 пратеника - потенцираше лидерот Апасиев.

Резултатите на Парламентарните избори - 2024 ја потврдија и тезата на претседателот Апасиев дека новопојаното т.н. политичко движење е ,,краткотраен проект" или ,,надуван балон".

- Друга значајна победа е тоа што и покрај сета наша маргинализација, а фаворизација на Максо, го преполовивме проектот на ЗНАМ на пола на Претседателските избори - 2024. Но и покрај тоа преполовување на гласовите на ЗНАМ, овој изборен систем повторно нè краде, затоа што некаде го водиме за 4000 гласа, а имаме ист број на пратеници. Ова ќе биде првото барање на Левица, а тоа е воведување на една изборна единица. Ваквиот Д'онтов модел ни краде во секоја изборна единица по еден до двајца пратеници - додаде Апасиев на прес - конференцијата.

Претседателот Димитар Апасиев им се заблагодари на активистите на Левица што заеднички ги донесоа подемот и победата на Левица и што не потклекнаа на малодушноста на одредени субјекти.

- Левица ќе продолжи за петпати појако од сега, затоа што секој наш пратеник вреди колку 10 нивни. Да знаат дека ги чека пекол во Собрание со нашите борбени пратеници! Долу црвената буржоазија! - вака Апасиев го заокружи своето обраќање.

Од Левица потврдија дека уште веднаш почнуваат со подготовка за локалните избори каде очекуваат да го надминат резултатот којшто го освоија на Парламентарните избори - 2024.

Левица

притисни ентер