Надал: Постепено се враќам во посакуваната форма

Поранешниот најдобар светски тенисер Рафаел Надал полека влегува во форма и се надева дека ќе го достигне врвот до почетокот на Ролан Гарос, кој стартува на крајот на овој месец.

Освојувачот на 22 грен – слем титули рече дека се чувствува подобро откако во последно време го мачеа повредите кои го спречија да биде на вообичаеното ниво.

„Во добар момент сум, дури и ако резултатите не се онакви какви што беа“, изјави Надал во пресрет на учеството на турнирот од серијата Мастерс во Рим.

„Го кревам своето ниво и сакам да продолжам на овој начин“, додаде Надал.

Триесетиседумгодишниот Шпанец, кој најави дека ова ќе биде неговата последна година во тенисот, одигра само девет натпревари оваа година, откако ја пропушти речиси цела 2023 година поради повреда на колкот.

Израел извршил воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Израел извршил воздушни напади врз неколку области низ Појасот Газа, вклучително и повеќе локации во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, пренесе Ал Џезира.

Во израелските воздушни напади биле погодени и бегалскиот камп Нусејрат и градот Аз-Завејда во централниот дел на Појасот Газа, како и бегалскиот камп Џабалија на север, јави агенцијата Вафа.

Нема податоци за бројот на загинати и повредени во нападите.

Болниците и другите служби за итни случаи кои обично известуваат за смртни случаи и повредени се борат да продолжат да работат откако Израел минатата недела ги блокираше копнените патишта што се користат за испорака на гориво за генераторите, пишува Ал Џезира.

Македонско-српски лингвистички средби

„Македонско-српски лингвистички средби“ ќе се одржуваат денеска и утре во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. 

Орагнизатори на средбите се Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во соработка со Институтот за српски јазик при САНУ.

Според програмата, денеска ќе бидат презентирани проектите: „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, претставен од проф. д-р Гоце Цветановски; „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, претставен од проф. д-р Лилјана Макаријоска и „Јавниот дискурс во Република Србија“, претставен од проф. д-р Марина Николиќ и м-р Миљана Чопа.

За иницијативата за соработка меѓу проектите ќе зборува проф. д-р Марина Спасојевиќ.

Како што е најавено, утре предавање ќе одржи проф. д-р Софија Милорадовиќ, директорка на Институтот за српски јазик при САНУ.

Иранската влада свика итен состанок по смртта на Раиси

Иранската влада за денеска свика итен состанок по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахиан во хеликоптерска несреќа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Според фотографијата што ја објави агенцијата, столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот.

Иранските државни медиуми емитуваат исламска молитва меѓу извештаите за смртта на Раиси и уште осум други лица откако хеликоптерот со кој патуваа се урна во иранската провинција Источен Азербејџан.

На профилот на Раиси на Х се објавени стихови од Куранот.

„Мир со Ебрахим. Навистина, така ги наградуваме оние што прават добро. Тој беше еден од нашите верни слуги“, се вели во стиховите од Куранот на профилот на Раиси.

Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

притисни ентер