Дескоска: Уредбите може да имаат правно дејство и по завршувањето на вонредната состојба

Слушам дека во изминатиов период се отвораат повеќе прашања околу уредбите со законска сила, што може да регулираат, до кога важат и слично. 

Кога се разгледуваат овие прашања, мора да се има предвид дека вонредната состојба е прогласена заради полесно справување со епидемијата, но и со последиците кои произлегуваат од неа, а тие последици се економски, социјални, образовни и слично, вели во изјава за МИА министерката за правда Рената Дескоска.

Уредбите со законска сила се акти кои, како што посочува министерката, се на исто рамниште со законите и самото име кажува дека се со еднаква правна сила, а основно правно начело е дека еден акт можеш да го измениш, дополниш, суспендираш со акт којшто има иста правна сила.

-Оттаму, на сите им е јасно дека во ситуација кога нема активно Собрание, Владата, согласно членот 126 од Уставот, ја презема нормативната функција преку уредбите со законска сила, со кои ги нормира новонастанатите околности, со цел да се даде ефикасен одговор на настанатите проблеми, истакнува Дескоска.

По прашањето околу важењето на уредбите со законска сила, како што посочува министерката за правда, се има произнесено и Венецијанската комисија којашто прифаќа дека одредени мерки кои се донесени за време на вонредната состојба можат да имаат правно дејство и по нејзиното завршување.

Во контекст на тоа, Дескоска посочи дека вчера Владата донесе неколку уредби со законска сила во областа на образованието коишто овозможуваат упис на факултет на средношколците кои оваа година ќе завршат четврта година средно образование – без да полагаат матурски испит.

-Сите очекуваме и се надеваме дека вонредната состобја нема да трае до септември кога се уписите на универзитетите. Навистина би било апсурдно некој да помисли дека оваа уредба нема да предизвикува правно дејство во септември и дека цела една генерација средношколци ќе останат без можност да го продолжат своето образование на некој од факултетите. Истото се однесува и на економските мерки кои треба да се справат со економските и социјални последици од корона-кризата, преку кои се обезбедува економска сигурност на граѓаните коишто се најмногу погодени од економските последици на кризата, истакнува министерката Дескоска.

Од тие причини, како што вели, дури и ако погледнете компаративно во другите системи постојат и изречни уставни одредбри, коишто бараат уредбите со законска сила да бидат упатени во Собранието на нивна потврда во моментот во кој тоа ќе може да се состане, што јасно укажува дека тие може да важат и по завршување на вонредна или воена состојба.

-Уредбите коишто Владата ги донесе досега ги почитуваат препораките на Венецијанската комисија да не содржат системски и трајни решенија, но некои од уредбите содржат одредени индивидуални, привремени мерки коишто ќе имаат ефект и во одреден разумен период и по престанокот на вонредната состојба, вели во изјава за МИА Дескоска.

За траењето на уредбите со законска сила, министерката за правда потенцира дека и нашиот Уставен суд со отфрлање на една од иницијативите коишто беа покренати за уредбите, веќе прифати дека одредени мерки може да важат по престанок на вонредната состојба, а таква уредба беше Уредбата со законска сила за Законот за работните односи. /МИА

На Борис Џонсон не му дозволиле да гласа без лична карта, самиот тој го вовел овој закон

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон, кој ја воведе контроверзната обврска гласачите да приложат лична карта со фотографија при гласањето, вчера беше отстранет од гласачкото место бидејќи заборавил да си ја донесе.

Британските медиуми објавија дека Џонсон, кој се повлече од функцијата во 2022 година по скандалот со локдаун забавите, првично бил одбиен на избирачко место во Оксфордшир, јужна Англија, додека се обидувал да гласа на локалните избори одржани низ Англија.

Неговиот портпарол рече дека Џонсон гласал за конзервативците, не оспорувајќи дека поранешниот премиер првично не носел лична карта со фотографија.

Во 2022 година, владата на Џонсон воведе барање за лична карта на гласачките места за да се спречи можната изборна измама, а владата тогаш беше жестоко критикувана за потенцијалот да ги обесправи деловите од електоратот.

Претходно, гласачите требаше да го наведат само своето име и адреса за да гласаат.

„Мислам дека не е неразумно да се бара од оние што првпат гласаат да покажат некаков доказ за идентитет“, рече Џонсон за новите правила од 2021 година.

Минатата година, при првото гласање со спроведување на новите правила, на околу 14.000 луѓе во Англија им била ускратена можноста да гласаат на локалните избори, бидејќи не приложиле лична карта.

Ова е само последниот инцидент во шарената политичка кариера на Џонсон.

Како градоначалник на Лондон, тој еднаш беше оставен да лебди во воздух од зип-лајн, а како премиер беше снимен како се повлекува во голем ладилник додека новинарската екипа бараше интервју.

Анкетата на YouGov покажа дека 14 отсто од Британците сè уште не знаеле, во деновите пред вчерашните избори, дека има правило за задолжително носење лична карта за гласачите.

Емили Ратајковски во „жежок“ фустан на црвениот тепих

Емили Ратајковски присуствуваше на настанот на глобалната гала The King's Trust одржан во Casa Cipriani во Њујорк, каде што ги заврте главите со храбар фустан.

Познатата убавица носеше свилен крем фустан со длабоко деколте, кој стигнуваше речиси до папокот и кој ја истакнуваше нејзината витка линија. Фустанот имаше и гол грб.

Глобалната гала „The King's Trust 2024“ е основана од британскиот крал Чарлс III. со цел да им се помогне на младите, свечениот настан собра многу познати фаци, како манекенката Ирина Шајк, актерката Кејт Бекинсејл, славната двојка Криси Тајген и Џон Леџенд, поранешната манекенка Кејт Мос и плус сајз манекенката Ешли Греам.

УНЕСКО: Убиени се 44 новинари, кои известувале за еколошките проблеми

Новинарите кои известуваат за еколошки прашања се соочуваат со зголемено насилство ширум светот од страна на државните и приватните актери, објави УНЕСКО, истакнувајќи дека 44 од тие новинари биле убиени меѓу 2009 и 2023 година.

Повеќе од 70 отсто од 905 новинари анкетирани од агенцијата на ОН во 129 земји рекле дека биле нападнати, им биле упатени закани или притисоци и дека насилството врз нив се влошило, а само во последните пет години биле пријавени 305 напади.

УНЕСКО, културната агенција на ОН, во својот извештај извести за физички напади, повреди, апсења и малтретирање, како и правни дејствија против новинари, вклучувајќи тужби за клевета и кривични постапки.

Најмалку 749 новинари, новинарски групи и медиумски куќи биле нападнати во 89 земји во сите региони, се вели во извештајот, при што државните актери се одговорни за најмалку половина, а приватните актери најмалку за една четвртина.

„Државните актери, полицијата, воените сили, државните службеници и вработени, локалните власти се одговорни за повеќето напади за кои се достапни информации за сторителите“, се вели во извештајот.

Овие новинари покриваа широк спектар на теми, вклучувајќи протести, конфликти за рударство и земјиште, сеча и уништување на шумите, екстремни временски услови, загадување и еколошка штета и индустријата за фосилни горива.

Мажите обично се почесто напаѓани, а жените почесто дигитално, се вели во извештајот.

Од 44 новинари убиени во 15 земји додека известувале за еколошки прашања, само пет случаи резултирале со пресуди, се вели во извештајот. Во 19 од 44 убиства, сторителите останале неидентификувани.

Најмалку 24 новинари ги преживеале обидите за атентат.

притисни ентер