Данела Арсовска нема да се кандидира за нов мандат

„Апсолутно не размислувам за нов мандат“ – се зборовите со кои градоначалничката Данела Арсовска денеска откри и ги отфрли сите можности повторно да се кандидира за прв човек на Скопје на локалните избори догодина. 

Причина за тоа, како што кажа, е поларизираната атмосфера која ја наметнуваат политички елити во државата, кои според нејзе не заслужуваат соработка со луѓе кои сакаат да донесат позитивни промени. Обвини, ако некој не „игра“ по нивно, тогаш се соочува со блокади и саботажи од страна на градскиот совет, а на тој начин вели одбива да работи.

-Јас кога се кандидирав за градоначалник ја имав поддршката од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која за жал не успеа да се надмине себеси, односно неговото раководство, суетите се преголеми да му дозволите некому да работи без да му кажувате што и како да прави и благодарам, меѓутоа јас од такви луѓе и од луѓе кои што знаат само да саботираат и да блокираат не би сакала ни сакала никогаш повеќе да работам. - Данела Арсовска – Градоначалник на Скопје.

Арсовка ова го откри на претставувањето на новите шест ЦНГ - автобуси со кои се поднови ЈСП и се од турско производство, а се донација од ЕУ. Засега истите не се знае на која линија ќе сообраќаат, а на улица граѓаните ќе можат да ги видат за околу две недели, откако ќе завршат техничките процедури. Амбасадорот на ЕУ во земјава Рокас и министерот за животна средина Меџити кажаа дека пред се, со ваков тип на автобуси, целта е да се намали загадувањето.

Сепак, овие шест автобуси се далеку од решение на моменталната состојба на ЈСП. Се уште се користат владините 250те тони гориво кои беа позајмени на претпријатието, а се доволни за 10 до 14 дена. Во меѓувреме распишана е јавна набавка по скратена постапка за директно преговарање со добавувач, но до каде е процедурата, градоначалничката не откри. Арсовска сепак посочи дека главниот проблем останува долгот од државата кон претрпијатието за студентски стандард кој во јануари ќе изнесува 10 милиони евра, пари кои се потребни за сервисирање на автобусите, од кои повеќето се со дефекти паркирани во депоата.

Омилениот нискобуџетен филм на Тарантино

 Квентин Тарантино е познат по љубовта кон среднобуџетните и нискобуџетните тн. „Б-филмови“ и слични „жанровски експерименти“.

Оние филмови, пак, коишто тој ги режираше, како „Убиј го Бил“ 1. и 2. дел и „Отпорен на смртта“, се класици што неодоливо потсетуваат на акционите филмови од 1970-тите. Таа страст го навлекла режисерот и на култниот филм „Побрзо, маче, убиј, убиј!“ (Faster, Pussycat! Kill! Kill!) во режија на Рас Мајер, од 1965 година.

А пак, една од глумиците во тој филм - Сузан Бернард имала посебно влијание врз Тарантино. Следствено, нејзиниот син - режисерот Џошуа Џон Милер за „Колајдер“ (Collider) споделува како, додека работел на својот филм „Егзорцизам“, Тарантино неочекувано му се јавил...

- Тој ми рече: „Само што гледав филм со Вашата мајка, и тоа е најдобриот филм што некогаш сум го гледал, и никој не знае за тоа!“, открива Милер.

Тој тоа го сфатил како знак на поддршка и дополнителна мотивација да го заврши својот проект.

Филмот на Милер, во којшто глуми Расел Кроу, имал тежок пат до реализацијата. Снимањето почнало 2019 година, но пандемијата го одложило, па тоа продолжи дури во 2023 година „Егзорцизам“ беше премиерно прикажан на 21 јуни оваа година - на истиот датум, но пет години по смртта на Сузан Бернард. Тарантино, пак, дента го прикажа филмот „Побрзо, маче“ во полноќната програма на неговото омилено кино. Милер се пошегува:

- Ако не Ви се допаѓа филмот, внимавајте - мајка ми ќе дојде по вас.

Иако „Побрзо, маче, убиј, убиј!“ беше критички и комерцијален неуспех по издавањето, подоцна стана култно дело поради субверзијата на родовите улоги во 1960-тите. Очигледно, Тарантино го смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. /МИА

Претседателката Сиљановска Давкова го прими Венко Филипче

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.

На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент, со посебен акцент на политичките и безбедносните состојби.

Во разговорот Венко Филипче ја информираше претседателката за актуелните партиски промени врзани за изборот и конституирањето на новите партиски органи и функционери.

Во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче ја нагласи потребата од активна соработка на Советот со Владата во функција на спроведување на Планот за раст и Реформската агенда.

Претседателката го информираше за нејзиното видување на евроинтеграцијата и можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија, соопштуваат од Кабинетот.

Некои од најубавите Божиќни базари во Европа

Интернет-страницата „Тајмаут“ (Time Out) објави листа на најдобрите божиќни базари, коишто не се само места каде што можете да се ужива во греено вино или топло чоколадо, туку и вистински мали „земји на чудата“...

Стразбур, Франција

Во град во источна Франција се наоѓа најстариот божиќен базар во земјата. Тој постои од 1570 година, а денес вообичаено го посетуваат два милиони луѓе секоја година. Овде, не е само Божиќниот базар што вреди да се истражи. Областа околу катедралата, на пр., е преобразена во блескава „Недојдија“, прошарена со подароци, треперливи светилки, закуски и - мирисот на цимет... Не е за чудо што Стразбур е познат како „главниот град на Божиќ“.

Базарот „Кристкинделсмарик“ (Christkindelsmärik) во Стразбур трае од 27 ноември до 27 декември.

Нирнберг, Германија

Можеби една причина зошто толку многу луѓе се собираат на Божиќниот базар во овој јужногермански град околу празниците е, се разбира - германскиот обичај „Кристкинд“ (Christkind) којшто е меѓу најпривлечните знаменитости... Исто како и целокупната атмосфера, со традиционални закуски и домашно вино, како и украсената кула на фонтаната „Шене брунен“ (Schöne Brunnen) од 14. век.

„Хауптмаркт“ (Hauptmarkt) во Нирнберг трае од 29 ноември до 24 декември.

Клисура Равена, Германија

Околу 40 метри под сводовите на огромниот Железнички мост во германската облат Шварцвалд се наоѓа Празничниот базар на клисурата Равена. Се работи за шаренило од колиби и необични божиќни светилки, некаде покриено со дебел слој снег. За уште поубав поглед, навечер целиот мост е осветлен во темно црвена боја.

Базарот во Равена трае од 22 ноември до 15 декември.

Виена, Австрија

Следниот базар на оваа листа, по правило, е најголемиот и, според многумина - навистина најдобар „Божиќен свет“. Со своите над 100 висококвалитетни тезги, едноставно, „ги вовлекува“ гостите во празнично расположение. „Ратхаусплац“ ќе трае од 11 ноември до 26 декември.

Единбург, Велика Британија

„Зимскиот фестивал“ во шкотската престолнина е голем и полн со настани, како и неговите легендарни новогодишни прослави. Се протега од „Источната улична градина на принцезите“ (East Princes Street Gardens) сè до „Ројал мајл“ (Royal Mile). Празничната екстраваганција вклучува лизгање на мраз, продавници за занаетчиски производи, храна и - многу тезги со виски.

Базарот на „Источната улична градина на принцезите“ трае од 18 ноември до 5 јануари.

Фалкенбург, Холандија

Некои од пештерите на градот се стари, велат - колку и самиот Божиќ... Имено, подземниот систем во југоисточна Холандија првично бил ископан од Римјаните пред речиси 2.000 години.

Базарот во Фалкенбург трае од 15 ноември до 5 јануари.

Келн, Германија

Божиќните базари во поранешната староримска колонија секоја година привлекуваат четири милиони гости. Траат од 18 ноември до 23 декември.

Бирмингем, Велика Британија

Овој Божиќен базар се смета за најголемиот „автентичен“ базар вон Германија и Австрија. Иако не може да говориме за автентичност, со сигурност може да се говори за добро поминато време. Тука се пробуваат ѓевреци, колбаси, греено вино, пиво и топло чоколадо, додека разгледувате рачно изработени дрвени украси и стаклени топчиња за на елка.

Базарот во Бирмингем трае од 1 ноември до 24 декември.

Севиља, Шпанија

Можеби најнеобичното искуство тука би било - санкање под палми на попријатна температура. Но, тоа не е сè што добивате на божиќниот пазар во Севиља, којшто, исто така, е познат и по својата музика во живо и карактеристичните андалузиски ракотворби.

Базарот во Севиља трае од 29 ноември до 23 декември. /МИА

притисни ентер