Дали имало состанок за враќање на Груевски во Македонија?

Четири дена по ред, откако неделникот Фокус објави текст за наводната средба кај поранешниот претседател Пендаровски лани на која се договорало враќање на Груевски, коалицијата ВРЕДИ ги прозива ДУИ и Ахмети и бара одговори.

Преку соопштение од ВРЕДИ тврдат дека планот, кој за нив е нож во грб на Албанците, бил оркестриран токму од високо позиционирани луѓе во ДУИ.

-За враќање на Груевски и амнестија беа искористени тајните средби, притисокот врз институциите и вмешаноста на високи функционери. Но, овој срамен план пропадна и сега Албанците бараат одговори. Од Скопје му велиме на Али Ахмети, немој да се криеш во Швајцарија, туку врати се и дај отчет. Зошто сета оваа љубов кон Груевски? Што имаш ти со тоа? Какви пазарења направивте и што се обидувате да скриете од Албанците?....прашуваат од ВРЕДИ.

Темата за наводната средба што се одржала во март 2023 година во Вила Водно, за која и претходно се шпекурираше во јавноста, се актуелизира откако Фокус објави детали, според кои целата операција била пробиена од вработен во кабинетот, близок до Блерим Беџети, кој според информациите на недлелникот не забележан од никого успеал да го сними состанокот на кои присуствувал целиот државен врв, челниците на ДУИ и дел од највлителните амбсадори..

-Административен службеник во кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски тајно снимил дел од разговорите што се воделе на тој начин што влегол во кабината каде што се вршел превод за потребите на еден учесниците на таа средба, и успеал без никој да го забележи да го остави телефонот вклучен на снимање, после исто така без никој да го примети да го земе телефонот. Од таа аудио снимка која трае некои 40 минути направен е извештај. За тоа говореше и Груевски во контекст дека тој бил наводниот крунски доказ за тој да биде обвинет од сегашното раководство на ВМРО ДПМНЕ дека имал таен договор со власта за амнестија,- изјави – Влатко Стојановски – новинар во Фокус .

Транскриптот од средбата, како што пишува Фокус, завршил кај Блерим Беџети кој тогаш беше дел од огнената група која се отцепи од ДУИ, а откај него извештајот дошол до ВМРО ДПМНЕ.

Беџети, исто како и ДУИ претходно, во целост ги демантира наводите. Во телефонски разговор за Канал 5 вели дека ќе бара извинување од Фокус, а ако не го добие ќе поднесе тужба.

За оваа наводна средба, во јавноста уште тогаш се говореше во контекст на устваните измени и обидот да и се наштети на тогашната опозиција, но никој официјално не ја потврди. Единствено претседатлот Пендаровски во интервју кажа дека од некои актери на политичката сцена неформално бил консултиран за помилување на Груевски, но рече дека тоа експресно го отфрлил како можност.

Некои од најубавите Божиќни базари во Европа

Интернет-страницата „Тајмаут“ (Time Out) објави листа на најдобрите божиќни базари, коишто не се само места каде што можете да се ужива во греено вино или топло чоколадо, туку и вистински мали „земји на чудата“...

Стразбур, Франција

Во град во источна Франција се наоѓа најстариот божиќен базар во земјата. Тој постои од 1570 година, а денес вообичаено го посетуваат два милиони луѓе секоја година. Овде, не е само Божиќниот базар што вреди да се истражи. Областа околу катедралата, на пр., е преобразена во блескава „Недојдија“, прошарена со подароци, треперливи светилки, закуски и - мирисот на цимет... Не е за чудо што Стразбур е познат како „главниот град на Божиќ“.

Базарот „Кристкинделсмарик“ (Christkindelsmärik) во Стразбур трае од 27 ноември до 27 декември.

Нирнберг, Германија

Можеби една причина зошто толку многу луѓе се собираат на Божиќниот базар во овој јужногермански град околу празниците е, се разбира - германскиот обичај „Кристкинд“ (Christkind) којшто е меѓу најпривлечните знаменитости... Исто како и целокупната атмосфера, со традиционални закуски и домашно вино, како и украсената кула на фонтаната „Шене брунен“ (Schöne Brunnen) од 14. век.

„Хауптмаркт“ (Hauptmarkt) во Нирнберг трае од 29 ноември до 24 декември.

Клисура Равена, Германија

Околу 40 метри под сводовите на огромниот Железнички мост во германската облат Шварцвалд се наоѓа Празничниот базар на клисурата Равена. Се работи за шаренило од колиби и необични божиќни светилки, некаде покриено со дебел слој снег. За уште поубав поглед, навечер целиот мост е осветлен во темно црвена боја.

Базарот во Равена трае од 22 ноември до 15 декември.

Виена, Австрија

Следниот базар на оваа листа, по правило, е најголемиот и, според многумина - навистина најдобар „Божиќен свет“. Со своите над 100 висококвалитетни тезги, едноставно, „ги вовлекува“ гостите во празнично расположение. „Ратхаусплац“ ќе трае од 11 ноември до 26 декември.

Единбург, Велика Британија

„Зимскиот фестивал“ во шкотската престолнина е голем и полн со настани, како и неговите легендарни новогодишни прослави. Се протега од „Источната улична градина на принцезите“ (East Princes Street Gardens) сè до „Ројал мајл“ (Royal Mile). Празничната екстраваганција вклучува лизгање на мраз, продавници за занаетчиски производи, храна и - многу тезги со виски.

Базарот на „Источната улична градина на принцезите“ трае од 18 ноември до 5 јануари.

Фалкенбург, Холандија

Некои од пештерите на градот се стари, велат - колку и самиот Божиќ... Имено, подземниот систем во југоисточна Холандија првично бил ископан од Римјаните пред речиси 2.000 години.

Базарот во Фалкенбург трае од 15 ноември до 5 јануари.

Келн, Германија

Божиќните базари во поранешната староримска колонија секоја година привлекуваат четири милиони гости. Траат од 18 ноември до 23 декември.

Бирмингем, Велика Британија

Овој Божиќен базар се смета за најголемиот „автентичен“ базар вон Германија и Австрија. Иако не може да говориме за автентичност, со сигурност може да се говори за добро поминато време. Тука се пробуваат ѓевреци, колбаси, греено вино, пиво и топло чоколадо, додека разгледувате рачно изработени дрвени украси и стаклени топчиња за на елка.

Базарот во Бирмингем трае од 1 ноември до 24 декември.

Севиља, Шпанија

Можеби најнеобичното искуство тука би било - санкање под палми на попријатна температура. Но, тоа не е сè што добивате на божиќниот пазар во Севиља, којшто, исто така, е познат и по својата музика во живо и карактеристичните андалузиски ракотворби.

Базарот во Севиља трае од 29 ноември до 23 декември. /МИА

Македонија стана членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиско оружје

За време на 29-та сесија на Конференцијата, Македонија, денеска успешно е реизбрана за членка на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) за периодот 2025–2027 година.

На гласањето, кое се одржа денес во Хаг, нашата кандидатура освои 86 гласови, во конкуренција со три држави за две слободни места.

Министерот Муцунски на својата фејсбук страна истакна дека овој реизбор е потврда за нашата посветеност кон глобалните напори за разоружување и уништување на хемиското оружје, како и за нашата активна улога во поддршката на целите и принципите на Организацијата.

„Во следниот период, остануваме целосно посветени на зајакнувањето на меѓународната безбедност и примената на Конвенцијата за забрана на хемиското оружје.“, заклучи министерот Муцуски во својата објава.

Кац: Израел нема да покаже толеранција за какво било прекршување на примирјето во Либан

Израел бара од ОН ефикасно спроведување на договорот за прекин на огнот во Либан и ќе покаже „нула толеранција“ за секое негово прекршување, изјави денеска министерот за одбрана Израел Кац, пренесен од британските медиуми.

-Секоја куќа во јужен Либан што ќе биде обновена и каде што ќе се формира терористичка база, ќе биде уништена, секое вооружување или прегрупирање на терористите ќе биде погодено, секој обид за шверц на оружје ќе биде спречен и секоја закана за нашите сили или за израелските граѓани веднаш ќе бидат уништена, му рече Кац на специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашарт.

Во сличен императивен дух беше и изјавата на портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер, кој рече дека договорот со Либан ќе го остави Израел слободно да дејствува во самоодбрана за да ја елиминира заканата од шиитското движење Хезболах и за да може безбедно да ги врати дома жителите на северните израелски заедници.

Шефот на либанската дипломатија, Абдала Бу Хабиб, од своја страна, изрази надеж дека договорот за примирје меѓу Израел и Либан ќе биде потпишан до крајот на денот. Тој додаде дека либанската армија ќе биде подготвена да распореди најмалку 5.000 војници на југот на земјата кога израелските борци ќе се повлечат од областа и дека САД ќе играат клучна улога во обновата на инфраструктурата уништена од израелските напади.

Во последните часови се почесто се зборува за можен прекин на огнот во Либан. Договорот бара во следните 60 дена израелските единици да се повлечат од јужниот дел на земјата, што се смета за упориште на Хезболах, а на нивно место да бидат распоредени либанските вооружени сили. Самиот Хезболах ќе го прекине своето вооружено присуство во близина на границата јужно од реката Литани.

Предлогот веќе доби одобрување во Бејрут, каде заменик-претседателот на либанскиот парламент Елиас Бу Сааб вчера за Ројтерс изјави дека нема сериозни пречки за неговото спроведување доколку израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не се премисли.

Знаците за дипломатски пробив беа придружени со воена ескалација. Денешните израелски воздушни напади предизвикаа дополнително уништување во јужните предградија на Бејрут, контролирани од Хезболах, додека милитантната група продолжи да истрелува ракети кон Израел./МИА

притисни ентер