Царинската управа запленила 36 килограми марихуана и голема количина лекови

За оваа заплена говореше и премиерот Мицкоски порачувајќи дека сите криминалци ќе одговараат за стореното.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на денешниот настан за реконструкција на граничниот премин Деве Баир, објави дека пред два дена Царинската управа запленила 36.4 килограми опојна дрога марихуана на граничниот премин Блаце, додека вчера на Jажинце бил спречен шверц на голема количина лекови.

- Од 1 јули до 30 септември годинава или за последното тримесечје, за 70 отсто е зголемен бројот на случаи на заплени, споредено со истиот период 2023 година, лани во тој период биле 54, со 73.631 запленето парче, додека годинава бележат 92 заплени, со 396.592 парчиња. Тоа значи дека за она што се бориме, а тоа е професионално врешење на работата на царинските службеници, тоа и се забележува, резултатите се видливи и мерливи, и од аспект на финансии, полнење на буџетот, но и од аспект на нашето оперативно работење. Со реконструкцијата на управната зграда ќе добиеме нови помодерни услови, современи услови за работа на царинските но и на полициските службеници, но се создаваат и услови за подобро оперативно работење, што за нас како службеници е многу битно, со фокус на квалитет, што значи откривање и спречување на недозволената трговија со забранети стоки, рече Николовски, објавувајќи ја големата заплена од пред два дена на Блаце.

За оваа заплена говореше и премиерот Мицкоски порачувајќи дека сите криминалци ќе одговараат за стореното.

-Пред два дена е спречена нелегална трговија на 36 килограми опојна дрога, марихуана, а во текот на вчерашниот ден имаше нелегална трговија на лекарства, исто така, во огромна количина. Ќе продолжиме во периодот којшто следи да работиме на спречување на вакви појави, а криминалците нема да бидат повеќе безбедни. Со заминување на власта на претходната Влада на СДСМ и ДУИ пораката којашто сакаме да ја упатиме е дека секој оној што ги почитува законите и Уставот ја има и нашата почит, но секој оној криминалец без разлика дали е тоа политички или поинаков ќе биде фатен, спроведен и однесен да одговара за тоа што го прави, рече Мицкоски.

Авиокомпанијата „Емирати“ забрани пејџери и воки-токи по нападите во Либан

 Авиокомпанијата „Емирати“ од Дубаи забрани на патниците да носат пејџери и воки-токи на своите летови, откако минатиот месец беа детонирани уреди користени од либанската група Хезболах.

„На сите патници кои патуваат кон, од или преку Дубаи им е забрането да пренесуваат пејџери и воки-токи во пријавениот или рачниот багаж“, се наведува во соопштението на авиокомпанијата објавено на нејзината веб-страница.

Се додава дека сите забранети предмети ќе бидат запленети од полицијата на Дубаи како дел од засилените безбедносни мерки.

Илјадници пејџери и радио уреди кои ги користеле припадници на Хезболах експлодираа во септември. Се верува дека за нападот е одговарен Израел, иако тој не презеде одговорност.

Најголемата авиокомпанија на Блискиот Исток исто така објави дека летовите за Ирак и Иран остануваат суспендирани до вторник, додека летовите за Јордан ќе бидат обновени утре.

Летовите за Либан ќе останат суспендирани до 15 октомври поради ескалацијата на израелските напади врз Хезболах, вклучувајќи напади во близина на аеродромот во Бејрут.

Неколку други авиокомпании исто така ги суспендираа летовите за Бејрут и други регионални аеродроми поради зголемените тензии. /MИА

Синер ја запроси руската тенисерка Калинскаја

Светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер ја запроси руската тенисерка Ана Калинскаја, пренесува „Кориере дело спорт“.

Според „Кориере“ 25-годишната спортистка добила предлог за брак на забава во Њујорк. Таа се согласила.

Врската меѓу Синер и Калинскаја стана позната во мај оваа година. Тенисерите присуствуваа на натпревари кога играше едниот партнер неколку пати во текот на сезоната.

Дваесет и тригодишниот Италијанец е победник на два Грен слем турнири (Australian Open 2024 и US Open 2024). Вкупно има 17 АТП титули (од нив 16 во сингл).

Калинскаја освои три ВТА турнири во двојки во текот на нејзината кариера.

Макрон: Приоритет е враќање на политичкото решение за Блискиот Исток

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во интервју емитувано на радио „Франс Интер“ изјави дека „приоритет е враќање на политичкото решение“ за конфликтот на Блискиот Исток.

Францускиот претседател притоа побара прекин на испораките на оружје за Израел, кое се користи во конфликтот во окупираниот Појас Газа, пренесува порталот БФМ ТВ.

- Мислам дека денес приоритет е да се вратиме на политичко решение и да престанеме да испорачуваме оружје за водење борби во Газа, изјави Макрон./МИА

притисни ентер