Царинска управа: Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови....

Спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне.

Во текот на изминатата недела мобилни тимови и царински службеници на граничните премини спречија обиди за криумчарење на поголема количина облека, цигари, нови екрани за мобилни телефони, но и употребувани хардверски делови. Спречен е и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне откриени при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење, информираат од Царинската управа.

Царински службеници на влез на граничен премин Табановце и на граничен премин Богородица во три случаи спречиле обид за криумчарење на 442 парчиња облека.

-Во првиот случај при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин, во патни торби и куфери сместени во багажникот и на задното седиште, пронајдени се 326 парчиња облека. При контрола на автобус кој сообраќал на релација Женева - Битола, управуван од македонски државјанин, во навлака за костум сместена на задните седишта пронајдени се 11 парчиња машка облека. Дополнително, при контрола на камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, на влез во државата на граничен премин Богородица царински службеници открија непријавени 105 парчиња облека. Против сторителите ќе бидат поведени прекршочни постапки, се вели во соопштението од Царинската управа.

Разни производи меѓу кои женски чанти, паричници, тоалетни води, бижутерија со вкупна вредност од 193 илјади денари биле откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, сопственост на водичот на автобусот, инаку македонски државјанин, биле пронајдени во кеси сместени во просторот за багаж над патничките седишта, пред предните седишта и до возачкото седиште.

Како што информираат од Царинската управа во четири случаи спречен обид за шверц на 67 штеки цигари и пет штеки со патрони за електронски цигари.

Осумнаесет штеки цигари без акцизни маркички се откриени од страна на Службата за мобилни скенери, при контрола на цистерна со македонски регистарски таблички управувана од македонски државјанин, пријавена за влез во државата на граничниот премин Богородица. Цигарите се пронајдени во просторот за филтерот за воздух и во торба сместена на горниот кревет во кабината, велат од Управа.

Оттаму додаваат дека 12 штеки цигари и 32 килограми маџун без акцизни маркички биле откриени при контрола на камион со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција наменета за македонски увозник. Непријавените производи биле пронајдени во просторот под креветот за спиење и во фабричка празнина под тапацирот во горниот дел од кабината.

При контрола камион со чешки регистарски таблички управуван од чешки државјанин, пак, помеѓу лични предмети и облека на горниот кревет и во фабрички прегради во горниот дел од кабината, пронајдени се 21 штека цигари и пет штеки со патрони за електронски цигари.

Исто така, 16 штеки цигари без акцизни маркички се откриени при контрола на автомобил со словенечки регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари биле пронајдени во багажниот простор и под предните седишта на возилото.

Од Царинската управа соопштуваат и дека 569 разни производи со проценета вредност од вкупно 594,5 илјади денари, кои не биле опфатени со царинските документи се откриени во два одвоени случаи од страна на мобилни царински тимови, при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга, наменета за две фирми од Струга. Во првиот случај биле откриени 365 разни употребувани производи меѓу коишто и таблети, конзоли за видео игри, рам-мемории, рачни часовници како и 15 нови екрани за мобилни телефони. Во вториот случај биле откриени 189 разни употребувани производи меѓу кои хард дискови, машина за исфрлување тениски топчиња, гуми, бандажи, катализатори, фрижидери.

Царински службеници од царинска испостава Гевгелија во два случаи спречиле нелегален влез на 8 илегални мигранти, државјани на Иран и Сиера Леоне при контрола на товарни моторни возила пријавени за увозно царинење. Четири илегални мигранти, државјани на Иран се откриени при контрола на товарниот дел на камион со турски регистарски таблички управуван од турски државјанин. Во друго товарно моторно возило во просторот за палети на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, се пронајдени четири илегални мигранти, државјани на Сиера Леоне.

Лицата се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

„Нема оправдување“ за незаштитување на девојчињата од родово базирано насилство

Во текот на 16-те дена активизам против родово базирано насилство, се потсетуваме дека борбата за ставање крај на насилството врз жените е и борба за заштита на девојчињата од некои од најраспространетите повреди на човековите права во светот.

Сексуалното насилство, детските бракови и сексуалната трговија се форми на родово базирано насилство чии жртви се девојчињата. Тие се јавуваат во секоја земја, во сите сегменти на општеството. Многу луѓе, вклучително и членовите на семејството и заедницата, често погрешно ги разбираат сексуалната злоупотреба и експлоатација на деца. Нивните реакции може да бидат неверување, па дури и обвинување на жртвата, или пак наметнато молчење и непреземање ништо за да го заштитат сторителот или за да ги зачуваат угледот и честа. Кон овој проблем придонесуваат факторите како што се општествените норми со кои на возрасните им се дава контрола врз децата и се поддржуваат патријархалните практики и ставови, но и слабите закони со кои пречесто се обвинуваат жртвите, а се ослободуваат сторителите.

Овогодинешната тема на 16-те дена активизам против родово базираното насилство е „Нема оправдување“. Со воспоставено цврсто законодавство, нема причина девојчињата да не бидат заштитени од насилство.

Македонија направи значителен напредок во донесувањето закони за заштита на девојчињата од родово базирано насилство, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права. Законот за правда за деца гарантира заштита на децата-жртви преку мерки за спречување ревиктимизација. Тие опфаќаат повеќе заштитни мерки при сведочење на деца, со цел да се избегне повторна трауматизација поради многубројните и повторени распити. Со овој закон се уредува децата-жртви да уживаат засилена заштита и поддршка од сите институции, тела и поединци во системот за детска правда. Ова е клучно за да се обезбеди жртвите да бараат правда од систем што е подготвен да ја исполни.

Кривичниот законик ги штити децата од сите форми на насилство и наметнува строги казни за да ги одврати сторителите. На пример, производство и дистрибуцијата на материјал кој прикажува сексуална злоупотреба на деца се казнува со најмалку пет години затвор. Силувањето дете кое не наполнило 15 години е казниво со најмалку осум години затвор, исто како и трговијата со деца.

Но, цврстото законодавство може да го постигне посакуваното влијание само доколку тоа законодавство ефективно се спроведува. Во контекст на 16-те дена активизам против родово базираното насилство, УНИЦЕФ ја повикува земјата да инвестира во спроведување на законодавната рамка, вклучувајќи:

Градење на капацитетите на стручните лица од правосудниот систем, вклучително и адвокатите, при работа со деца да применуваат пристап кој е воден од доживеаната траума и кој е сензитивен кон децата.

Децата-жртви на сексуална злоупотреба и експлоатација да имаат посебни права на процесна заштита, пристап до услуги за поддршка и навремени, правични правни лекови при повреда на правата.

Прописно спроведување на Кривичниот законик и Законот за правда за деца и обезбедување средства, насочување и обука за професионалците. Сторителите мора да се идентификуваат, соодветно да се санкционираат и да се спречат да го повторат делото. Не треба да има неказнивост за сторителите. Ова е клучно за постепено да се искоренат сите форми на родово базирано насилство врз девојчињата и момчињата и за да се изгради доверба во системот.

Правосудниот систем да обезбедува брза, ефикасна и ефективна правда. Приоритет треба да се даде на случаите во кои се вклучени деца, а судството треба да овозможува итна постапка во сериозни случаи за да се спречат трајни последици врз децата.

Канцеларија на УНИЦЕФ во Скопје

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија

-Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија, јави БТА.

- Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.

- Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“. Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.

- Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но никој не кажува кој е, нагласи Борисов.

Извршниот комитет на ГЕРБ вчера ја потврди претходното одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.

Практична настава за студенти во првиот сензорен центар- реализиран во Ѓорче Петров

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. 

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, заедно со стручни лица од повеќе области, денеска во градинката „Росица“ – објект Пампурче го посетија првиот сензорен центар во Македонија, кој беше отворен пред само неколку месеци и веќе бележи значајни успеси во своето работење.

Овој сензорен центар, кој е прв од ваков вид во земјата, служи како практична база за студентите од 3 и 4 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет. Под менторство на проф. д-р Оливера Рашиќ Цаневска, студентите секој вторник работат директно со дечињата со пречки во развојот, помагајќи во нивната рехабилитација и интеграција во образовниот процес.

Преку оваа програма, децата добиваат континуирана поддршка, а резултатите се веќе видливи – подобрувања во состојбата и напредок кај децата кои ја користат услугата на центарот.

Градоначалникот Стојкоски изрази задоволство од успешната реализација на овој проект, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за унапредување на образованието и грижата за најмладите.

„Сензорниот центар претставува пример за нашата посветеност кон создавање подобри услови за развој на децата со специфични потреби. Продолжуваме со планови за отворање на вакви капацитети и во други објекти во иднина,“ изјави Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров е лидер во создавање иновативни решенија за најмладите, вложувајќи во подобрување на условите во градинките и поддршка за родителите и наставниот кадар. Сензорниот центар е доказ за оваа посветеност и претставува голем чекор напред кон обезбедување квалитетна грижа и едукација за сите деца.

Овој проект е симбол на грижата за иднината на најмладите жители и пример како заедницата може да се обедини за доброто на сите.

притисни ентер