Бугаринот Жељасков нов селектор на одбојкарската репрезентација на Македонија

Бугарскиот тренер Николај Жељасков од денеска ја предови сениорската одбојкарска репрезентација на Македонија. Новиот селектор на оваа позиција доаѓа на местото на Александар Тасевски.



Жељасков досега како тренер има работено во екипи во Бугарија, Грција, Италија, а бил и селектор на младинските селекции на Бугарија. Како играч има играно во Бугарија, Грција, Бразил и Италија, а на ЛОИ во Атланта 1996 година бил прогласен за најдобар среден блокер на Игрите.

- Прифатив да работам со македонската репрезентација. Во стручниот шаб е мојот колега Георги Петров. Имаме доволно време за подготовки, а имав можност да погледам и неколку натпревари на Македонија одиграни минатата година. Потребно е да се направи добра атмосфера во тимот, истакна новиот македонски селектор на денешната прес конференција.

За нешто повеќе од три недели репрезентацијата ја очекуваат и квалификациите за Светското првенство, каде нашата селекција ќе настапи за првпат.

- Нема лесни ривали во квалификациите. Можеби Албанија е селекција со најслаб квалитет, но јас не потценувам никого. Натпреварите со Црна Гора и со Украина ќе бидат потешки, но ако ние функционираме како тим, само така имаме шанси за првото место во групата.

Македонија е домаќин на квалификациите, кои од 24 до 26 мај ќе се одиграат најверојатно во Скопје, во СРЦ „Кале“, но за тоа е потребно да се постигне договор со ракометниот клуб Вардар Про. Резервна варјанта е салата „Гемиџии“ во Велес.

Подготовките на репрезентацијата почнуваат денеска и ќе се одвиваат во Крушево, каде ќе се тренира до 12 мај, потоа се заминува за Босна и Херцеговина каде е закажан еден пријателски натпревар и потоа следуваат три контролни дуели со Хрватска.

Првопласираната селекција од квалификационата група ќе игра директно во третиот круг квалификации за СП, додека второпласираните селекции од шесте групи ќе играат меѓусебе за пласман во третата фаза од квалификациите.

На подготовките во Крушево ќе доцнат играчите од Вардар и од Струмица, кои ја играат финалната серија од плеј-офот, а поради клупски обврски (Катар) подоцна ќе се приклучи и Вук Карановиќ. Поради повреда до недела од обврските е ослободен Ѓоко Јосифов, која има двонеделна терапија.

Полските земјоделци ја прекинаа повечемесечната блокада на границата со Украина

Полските земјоделци денеска ја прекинаа повеќемесечната блокада на граничниот премин со Украина. 

Британските медиуми ја пренесуваат позитивната оценка на украинскиот министер за земјоделство за напорите на Полска да стави крај на блокадата и најави дека се деблокирани сите гранични премини со Полска.

Блокадите започнаа кон крајот на минатата година, по протестите на полските земјоделци поради изземањето на украинските земјоделци од барањето да аплицираат за влез во Полска.

Варшава и Киев со месеци преговараа за изнаоѓање решение за блокадата, а Украина ја повика Европската унија да интервенира. /МИА

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка

 Шкотскиот премиер Хумза Јусаф поднесе оставка откако неговата одлука да се откаже од коалицискиот договор на СНП со шкотските Зелени доведе до владина криза.

-Иако патот низ барањето недоверба за владата оваа недела беше апсолутно возможен, јас не сум подготвен да ги променам моите вредности и принципи или да склучувам договори со некого само за да ја задржам власта, кажа премиерот.

Затоа, додаде Јусаф, „откако го поминав викендот размислувајќи за тоа што е најдобро за мојата партија, за владата и за земјата што ја водам, заклучив дека поправка на нашите односи преку политичкиот јаз може да се направи само со некој друг на чело“.

-Од тие причини, ја известив националната секретарка на СНП за мојата намера да се повлечам од позицијата лидер на партијата и барам што поскоро да се почне со конкурсот за мој наследник“, рече Јусаф.

Тој истакна дека ќе остане прв министер на Шкотска се додека не биде избран неговиот наследник како лидер на СНП. /МИА

Кина со предупредување до САД поради законот за Тајван и законот за ТикТок

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Јиан денеска изјави САД да не спроведува „негативни делови од законот што се „однесуваат на Кина“.

Доколку САД упорно опстојат на својата одлука, Кина ќе преземе решителни чекори за да ги заштити своите безбедносни и развојни интереси, посочи Лин, без да наведе детали.

Неговата изјава уследи откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за зајакнување на одбраната на Тајван, како и законот со кој се бара од кинескиот сопственик „БајтДенс“ (ByteDance) на ТикТок да ја продаде платформата во рок од една година.

Владата на Тајван го поздрави новиот американски закон оценувајќи дека ќе помогне во зачувување на безбедноста во регионот. /МИА

притисни ентер