Буфон: Мојот најголем срам е што ја купив средношколската диплома

Џанлуиџи Буфон (46) е еден од најголемите голмани на сите времиња.

Беше светски првак со Италија, повеќекратен италијански шампион со Јувентус, а двапати бранеше за Парма и француски ПСЖ. Буфон има исклучителна спортска кариера, но призна дека се срами од еден негов потег од младоста. Имено, славниот италијански голман веќе на 18 години беше ѕвезда на италијанската лига. Немал време да оди на училиште, па платил за да добие диплома.

„Направив многу грешки кога бев млад. Она од што најмногу се срамам е што ја купив дипломата. Никогаш не би го направил тоа бидејќи е нечесно. Не сакам да одам по кратенки до успехот. Но, добро , не сум совршен и мислам дека затоа сум близок со луѓето“, изјави Буфон на конференцијата Campioni sotto le stelle.

Играчката кариера ја заврши на 1 август минатата година. Буфон веднаш по завршувањето на кариерата најде нова работа. Легендарниот голман стана шеф на италијанската репрезентативна делегација и ќе ја преземе функцијата што некогаш ја извршуваше покојниот Џанлука Вијали.

Украинскиот премиер побара од САД економска помош во износ од 11,8 милијарди долари оваа година

Украина очекува да добие 11,8 милијарди американски долари економска поддршка оваа година, изјави денеска нејзиниот премиер Денис Шмигал.

Киев се соочува со буџетски недостиг од 37 милијарди долари во 2024 година поради двегодишната руска инвазија и се потпира на западните партнери за оваа витална помош.

Шмигал изрази надеж на форумот во Киев по повод втората годишнина од руската инвазија дека американските пратеници ќе ја одобрат долгоочекуваната економска и воена помош.

„Длабоко сме убедени дека САД нема да ја напуштат Украина“, рече тој, мислејќи на помошта од 60 милијарди долари што со месеци беше блокирана во американскиот Конгрес. /МИА

Абас го повтори своето противење на плановите на Израел за операција во Рафа

Абас денеска во разговор со јорданскиот крал Абдула Втори во Аман изјави дека се противи на израелските планови за воена операција во Рафа.

Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас денеска во разговор со јорданскиот крал Абдула Втори во Аман изјави дека се противи на израелските планови за воена операција во Рафа, најјужниот град во Појасот Газа, каде што има повеќе од милион Палестинци.

Повеќето од тие Палестинци заминале во Рафа бегајќи од борбите во другите делови на енклавата, објавија медиумите на арапски јазик.

Абас и јорданскиот крал разговараа за последните случувања во војната меѓу Израел и Хамас во Газа, како и за напорите за зголемување на количината на хуманитарна помош за Палестинците во енклавата, особено нејзиниот северен дел.

Во разговорот беше истакната потребата да се дозволи слобода на вероисповед за Палестинците во џамијата Ал Акса за време на претстојниот Рамазан, откако минатата недела беше објавено дека израелската влада размислува да го ограничи бројот на луѓе на кои ќе им се дозволи да влезат, објави Тајмс оф Израел. /МИА

Нетанјаху: Израел ќе биде блиску до целосна победа со операцијата во Рафа

 Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека офанзивата во Рафа, дури и ако биде одложена поради прекинот на огнот, ќе му овозможи на Израел да биде на дофат на целосна победа.

„Целосната победа ни е на дофат, не за неколку месеци, туку за неколку недели, кога ќе ја започнеме операцијата“, рече Нетанјаху во интервју за американскиот телевизиски канал Си-Би-Ес.

Како што пренесуваат странските агенции, Рафа е „последното упориште“ на палестинското движење Хамас во очите на израелскиот премиер, кој е решен таму да започне копнена офанзива за да го порази Хамас и да ги ослободи заложниците кои се држат во Појасот Газа, и покрај предупредувањата од меѓународната заедница.

Според ОН, околу 1,5 милиони луѓе се во Рафа, град кој се наоѓа на границата со Египет. Тој граничен премин сега е затворен.

„Ако постигнеме договор (за прекин на огнот), таа (офанзивата) на некој начин ќе биде одложена, но ќе се случи“, додаде израелскиот премиер. /МИА

притисни ентер