Во објавата на социјалните мрежи, Макрон наведе дека Франција останува на страната на земјава, за да ја придружува во реформите на евроинтегративниот пат.
-Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Силјановска Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција останува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина- напиша Макрон.
Давкова пак, на честитката одговори на македонски и француски јазик и изрази надеж дека поддршката од Макрон ќе го отвори патот на Македонија кон ЕУ.
-Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. – стои во одговорот на Силјановска.
Честитки за изборот до новата претседателка испрати и високиот американски дипломат за европски прашања Џејмс О’Брајен, кој упати порака дека како сојузници, партнери и пријатели, очекува со земјава да продолжи соработката на потребните реформи и заедничи цели, на патот кон евро – атлантската интеграција.
Со порака за заедничка обнова на мирот и стабилноста во Европа, преку социјалните мрежи, честиташе и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-И посакувам успешен и плоден мандат. Го цениме нашето силно партнерство и ја цениме поддршката на Скопје за Украина во борбата против руската агресија. – стои во честитката на Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
Честитки до сега, испратија и српскиот претседател Вучиќ, албанскиот шеф на државата Бајрам, косовската претседателка Вјоса Османи, унагрскиот претседател Суљок...
Се уште нема од Софија и Атина. Бугарскиот државен врв се огласи само со коментар за македонскиот евроинтегративен пат, а исходот од изборите изминатите два дена е главна тема и во Грција, каде акцентот е ставен на употребата на името „Македонија“ почитувањето на преспанскиот договор, но и на ставот на официјална Атина за конкретното прашање.