Бројот на загинати во невремето Трами на Филипините се искачи на 138

Бројот на жртвите во невремето Трами, што го погоди северозападниот дел на Филипините, се искачи на 138, а голем број луѓе се водат за исчезнати, соопшти денеска владината агенција за одговор при катастрофи.

Агенцијата соопшти дека бројот на жртви најверојатно дополнително ќе се зголеми поради поплавите и одроните предизвикани од невремето.

Полициски и противпожарни единици се ангажирани во операции за помош и спасување во погодените области на Филипините./МИА

Најмалку 16 повредени откако автомобил удри во толпа во Мексико

Најмалку 16 лица се повредени кога автомобил вечерва удри во толпа пред катедрала во Мексико, соопштија локалните власти.

Едно лице украло пикап во близина на локалниот пазар и се упатило кон плоштадот пред катедралата во Гвадалахара во обид да избега.

Мануел Ромо, генералниот секретар на владата, за локалните медиуми изјави дека повредените имаат 14 години. Тој рече дека осомничениот е во притвор.

- За среќа, сите се стабилни и ги контактиравме сите семејства, рече Вероника Делгадило, градоначалничка на Гвадалахара./МИА

Шарл Мишел ја повика Грузија да спроведе истрага за наводните нерегуларности на изборите

Европската унија продолжува да го повикува раководството на Грузија да покаже силна посветеност на патот на земјата кон Европската унија. 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска повика на итна и транспарентна истрага за наводните нерегуларности за време на парламентарните избори во Грузија и најави дека ова прашање ќе го вклучи во агендата на самитот на ЕУ во ноември.

- Ја добивме прелиминарната оценка на ОБСЕ/ОДИХР и ја повикуваме Централната изборна комисија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност и брзо, транспарентно и независно да ги истражат и разгледаат изборните прекршувања и наводи. Овие наводни прекршувања мора сериозно да се истражат и отстранат, изјави Мишел.

Според него, Европската унија продолжува да го повикува раководството на Грузија да покаже силна посветеност на патот на земјата кон Европската унија. /МИА

Грузиската претседателка повика на протести, тврди дека изборите се украдени со помош на Русија

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, денеска изјави дека нејзината земја е жртва на руска „специјална операција“ и ја поддржа грузиската опозиција, која не ги признава резултатите од гласањето.

Таа ги повика Грузијците утре да излезат на главната улица во главниот град Тбилиси за да протестираат против резултатот, кој според неа е „тотален фалсификат, целосна кражба на гласови“.

Централната изборна комисија денеска соопшти дека владејачката партија Грузиски сон добила речиси 55 отсто од гласовите, според речиси 100 отсто преброени гласачки ливчиња.

Европските набљудувачи на изборите соопштија дека гласањето се одржало во средина обележана со заплашување и случаи на физичко насилство што го загрозило исходот од гласањето. /МИА

притисни ентер