Битиќи: На мала врата се туркаат законски измени кои ќе им наштетат на земјоделците

Пратеникот Битиќи предупреди дека  по скратена постапка се носат законски измени со кои суштински се  менува начинот на кој ќе функционира Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и начинот на распределба на земјоделско земјиште.

„Кога Владата на СДСМ со законски мерки гарантираше обработливата земја да не може да се продаде како градежно земјиште, опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ блокираа и бурно реагираа, а сега истите тие носат катастрофални измени на законот со кои лесно ќе ги направат сите тие трансформации меѓу категориите државно земјоделско земјиште, создавајќи реална можност да станат нечија приватна сопственост. Но ве уверувам, дека последиците од овие измени, усогласени со некои закони од сегментот на градба и инфраструктура, но неусогласена со сите други ќе нанесе штета на земјоделците“, предупреди пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната расправа за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, на расправата во Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Пратеникот Битиќи предупреди дека по скратена постапка се носат законски измени со кои суштински се менува начинот на кој ќе функционира Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и начинот на распределба на земјоделското земјиште.

„ Со измените се овозможува продолжувањето на концесии да може да се направи директно, што е суштински проблематично во владеењето на правото, се што е директно преговарање е проблематично за мене“, рече Битиќи.

Во дискусијата пратеникот од СДСМ Битиќи предупреди дека со предложените измени ќе се изврши концентрација на моќ во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во делот на распределба на државно земјиште.

„Навидум изгледа дека кратењето на една позиција во Владата, вицепремиер за економија, и менувањето на еден член не менува ништо. Но од друга страна, со тој член се зголемуваат ингеренциите на министерството за земјоделство, се концентрираа моќ и тоа ќе одлучува за сè во државата. Елиминирањето на можноста за договарање во начинот како се распределува земјоделското земјиште не беше направено од претходната влада, туку од неколку влади наназад, и тоа поради заштита од концентрација на моќ. И за жал, што правиме ние сега, се враќаме дваесет години наназад, кај што ќе имаме можност тројца од иста институција, од иста канцеларија, да седнат и да кажат дека некој им се „допаѓа“, па ќе му се додели земјиште. Концентрацијата на моќ е болната точка на овие измени“, рече Битиќи и појасни дека носењето на суштински измени треба да оди во редовна процедура за да има дијалог, за на крајот на денот да се елиминираат сите евентуални дилеми.

Малку е веројатно дека Трамп ќе се сретне со Зеленски за време на неговата посета на САД

Зеленски ќе има билатерални средби со американскиот претседател Џозеф Бајден и со американската потпретседателка и демократски кандидат Камала Харис, објави Политико.

Малку е веројатно дека ќе има средба меѓу поранешниот американски претседател и републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за време на посетата на украинскиот претседател на САД.

По обраќањето на Генералното собрание на ОН, Зеленски ќе има билатерални средби со американскиот претседател Џозеф Бајден и со американската потпретседателка и демократски кандидат Камала Харис, објави Политико

минатата недела Трамп објави дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски за време на посетата на украинскиот претседател на САД.

Сепак, официјален претставник од изборниот штаб на Трамп вчера за Политико потврди дека средба не била закажана./МИА

Сиљановска Давкова и претставници на земјите од Западен Балкан на средба со Борел во Њујорк

Давкова присуствува на работниот ручек со претставникот на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел со шефовите на делегациите на земјите од Западниот Балкан.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, попладнево по американско време, присуствува на работниот ручек со претставникот на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел со шефовите на делегациите на земјите од Западниот Балкан.

На работниот ручек покрај Сиљановска Давкова, присуствуваат албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Србија Александар Вучиќ, косовската претседателка Вјоса Османи - Садриу, претседавачот на БиХ Денис Бечировиќ, потпретседателот на Владата на Црна Гора за надворешна политика и евроинтеграции Филип Ивановиќ, како и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за преговорите Приштина - Белград.

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, на работниот ручек, којшто се одржува во Мисијата на ЕУ во Њујорк, се разговара за евроинтеграциите, регионалната и билатерната соработка, како и актуелните случувања во светот.

Доцна попладнево, по американско време, Сиљановска Давкова со членови на македонската делегација ќе учествува на прием што го организира претседателот на САД Џо Бајден со сопругата по повод 79. Генерално собрание на ОН.

Орав до владите од Западен Балкан: Завршете си ги домашните задачи ако сакате во ЕУ

Орав денеска испрати порака до земјите од Западен Балкан, кои не се дел од Европската унија, дека владите мора да ги завршат „домашните задача“.

Новиот шеф на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Аиво Орав денеска испрати порака до земјите од Западен Балкан, кои не се дел од Европската унија, дека владите мора да ги завршат „домашните задача“ ако сакаат да влезат во ЕУ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Орав во својот говор на годинешното издание на Самитот на Косово за мир и демократија истакна дека владите на овие држави мора да докажат дека дејствијата кои ги преземаат се за доброто на државата, а не само за приближување кон ЕУ.

Тој рече дека ЕУ сериозно ја сфатила работата за проширување и дека „не треба да се изгубат надежите поради тоа што никој не кажува датуми кога ќе се случи овој процес“.

„Европската унија по сиве овие години повторно размислува посериозно за проширување. Пред 2022 година, земјите од Западен Балкан многу слушаа дека вашата земја е во Европската унија, но не се случуваше многу затоа што. од еден извештај за напредокот до друг извештај за напредокот, од Брисел веќе не слушате дека нема да има проширување во наредните пет или следните шест години. Наместо тоа, слушате многу различни годишни бројки дека можеби оваа година треба да се случи проширување“, рече Орав.

За членството во ЕУ е важна и улогата на граѓанското општество, бидејќи, според европскиот претставник, тие треба да ги туркаат владите и да ги водат во вистинската насока.

„Домашната работа мора да се заврши. Ова е нашата порака до владите, бидејќи е напорна работа да се направат сите тие реформи, бидејќи тие реформи воопшто не се популарни. И владите мора да објаснат дека, не, ова не е за Европската унија, туку ние самите веруваме дека тоа е добро. И улогата на граѓанското општество е исклучително важна овде, затоа што треба да ги туркате владите, треба да ги водите во вистинската насока, и оваа критика што ја правите е исклучително важна за владите, за општествата, а исто така и за нас“, додаде тој.

Клуч за членството, според естонскиот дипломат, е и дијалогот меѓу Приштина и Белград.

„Сега сме овде во Косово, доаѓате од различни земји, но морам да го истакнам, се разбира, процесот на нормализација меѓу Приштина и Белград преку дијалог, бидејќи тој е апсолутно клучен. Исто така, ги знам очекувањата за новата комисија, новиот состав, но само би сакал да изнесам уште еден цитат од мандатот што ми го дадоа 27-те земји-членки, а тој вели: ‘Морам да промовирам стабилно, одржливо, мирно, демократско и мултиетничко Косово, кое се посветува на регионална соработка’. И јас ќе го сторам тоа“, порача Орав.

Ова е трето издание на Косовскиот самит за мир и демократија, (КПДС) насловен „Радикални реалности: етно-политичка динамика и евроатлантска интеграција на Западен Балкан“./МИА

притисни ентер