Во Судан од колера во семптември починаа најмалку 430 лица

Повеќе од 430 луѓе починаа од колера во Судан во изминатиот месец, а над 14.000 беа заразени, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во соопштението се вели дека властите прават сè што можат „во услови на зголемување на бројот на заразени“.

Лекувањето во погодените области е многу комплицирано поради граѓанската војна во Судан, изјави специјалниот претставник на САД за Судан, Том Периело.

Организацијата „Лекари без граници“ извести дека нивната работа „редовно е попречувана од двете завојувани страни, па хуманитарниот одговор останува многу под потребното ниво“.

Колерата е болест што брзо се развива и е многу заразна. Може да предизвика дијареја, дехидрација и смрт. Според Светската здравствена организација (СЗО), релативно лесно се лекува, но потребно е тоа да се направи брзо.

Министерот за здравство Хаитам Мохамед Ибрахим прогласи епидемија на колера во средината на август.

Покрај војната, обилните дождови и поплавите придонесоа за епидемијата која се влоши поради гужвите во камповите за раселени лица.

Есперанса Сантос, координаторка на Лекари без граници за итни случаи во Судан, изјави дека овие елементи создадоа „совршена бура“ за ширење на колерата.

Во некои области, беше наредено затворање на училиштата, пазарите и продавниците за да се спречи ширењето на болеста.

Бремените жени и децата се меѓу најтешко погодените од колапсот на здравствениот систем, се вели во новиот извештај на Лекари без граници. /MИА

Учество на Муцунски на состанок на МНР на земјите од САД – Јадранската повелба (А5)

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста за натамошно одржување на релевантноста на САД–Јадранската повелба.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од САД – Јадранската повелба (А5), кој се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, во рамките на претседавањето на Република Албанија со А5 оваа година.

Во рамките на состанокот, министрите дискутираа за начините за натамошно унапредување на соработката во рамките на Повелбата, во контекст на современите безбедносни предизвици. Заеднички беше оценето дека А5, како посебна платформа за соработка, има постигнато значајни резултати во изминатите две децении, и беше искажана подготвеност за натамошно зајакнување на соработката со цел одржување на стабилноста и просперитетот на регионот.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста за натамошно одржување на релевантноста на САД–Јадранската повелба. Нагласи дека фокусот на соработката во претстојниот период треба да биде ставен на интензивирање на соработката во справување со новите безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, особено хибридните закани, сајбер нападите и природните непогоди, со цел зајакнување на отпорноста на државите.

Во експлозија во судница во Калифорнија две лица се повредени, осомничениот е во притвор

Најмалку две лица се повредени во експлозија што се случи денеска во судницата на југот на американската сојузна држава Калифорнија, соопштија властите.

Едно лице е приведено по експлозијата што била пријавена во судот во Санта Марија во округот Санта Барбара, соопшти канцеларијата на шерифот.

„Имаме извештаи за двајца повредени. Едно лице е веднаш приведено. Местото и понатаму е активно. Ве молиме продолжете да ја избегнувате областа“, соопштија од Канцеларијата на шерифот на округот Санта Барбара на платформата X (Твитер). /МИА

Повеќе од 30 затвореници по грешка ослободени од затвор во Велика Британија

Повеќе од 30 затвореници по грешка се ослободени од затвор во Велика Британија како дел од владиниот план за растеретување на затворите.

Извор од Министерството за правда изјави дека на 10 септември по грешка биле пуштени 37 лица, бидејќи нивните прекршоци биле погрешно евидентирани, јави Скај њуз.

Петмина затвореници се уште не се вратени во затвор, но повеќето се вратени во притвор.

Околу 1.700 затвореници беа ослободени од затворите низ Англија и Велс на 10 септември во обид да се олесни пренатрупаноста на затворите, а речиси исто толку ќе бидат ослободени во октомври. /МИА

притисни ентер