Берлин планира да тестира „лебдечки воз“ – ќе биде поевтин и без возач

Градот Берлин планира да тестира воз со магнетна левитација (маглев) на патека долга пет километри, изјави претседателот на фракцијата на Демохристијаните (ЦДУ) во градското собрание, Дирк Штетнер.

„Се очекува дека „лебдечкиот“ воз ќе биде поевтин и дека изградбата на пругата ќе потрае помалку време од изградбата на нова подземна железничка линија“, изјави претставник на берлинската ЦДУ.

„Покрај тоа, интересна е информацијата, особено ако се земе предвид хроничниот недостиг на работници во берлинската јавна сообраќајна компанија БВГ, дека возот маглев ќе сообраќа без машиновозач“, нагласи Штетнер.

Берлинските медиуми пишуваат дека на тој план се согласиле и социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц.

Изградбата на пробната патека ќе чини, според Штетнер, од 80 до 85 милиони евра, а ќе се финансира од посебен фонд вреден пет милијарди евра за проекти кои треба да ги ублажат климатските промени. Функционерот на ЦДУ не соопштува детали за трасата, а не се знае ни кога треба да почне изградбата.

Западен Берлин имаше од 1984 до 1991 година кратка M-Bahn линија за магнетни возови, која првично беше тест проект, а потоа накратко беше вклучен во редовниот сообраќај. По обединувањето на Германија, проектот беше напуштен, забележува агенцијата dpa.

Претставник на Стејт департмент: Путин нема да склучи мир во Украина

Путин нема да склучи мир во Украина пред да ги дознае резултатите од претседателските избори во САД.

Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина додека не ги знае резултатите од американските избори во ноември 2024 година, изјави синоќа висок функционер на американскиот Стејт департмент. Трамп, кој бара реизбор во 2024 година и е фаворит за републиканската претседателска номинација, остро ја критикуваше американската поддршка за Киев.

Висок функционер на Стејт департментот, кој ги брифираше новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека Алијансата ја потврдува својата поддршка за Украина, знаејќи дека мировен договор следната година е малку веројатен.

„Моите очекувања се дека Путин нема да склучи мир, или барем суштински мир, пред да го види исходот од нашите избори“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван.

„Ова беше контекстот во кој сите сојузници изразија силна поддршка за Украина“ на состанокот на НАТО, додаде изворот, без да го спомене Трамп по име или да каже конкретно како изборниот резултат ќе влијае на поддршката за Украина.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, обезбеди огромна воена помош и други форми на поддршка за Киев по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но дополнителното финансирање за Украина беше одложено од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.

Борел: Потребен е напредок на учесниците во дијалогот за состојбите во Западен Балкан

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, објави дека шефовите на дипломатиите на членките на НАТО на синоќешната средба во Брисел имале важна размена на мислења за состојбите во Западен Балкан.

-Ги информирав шефовите на дипломатиите за актуелната ситуација во однос на дијалогот што се води под покровителство на ЕУ. Потребен е напредок на учесниците во дијалогот, напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.

Тој укажа на важноста БиХ да го искористи моментот за одлучувачки напредок на патот кон членството во ЕУ.

Пред почетокот на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, чија агенда го вклучува Западен Балкан, Борел рече дека мисијата ЕУЛЕКС на Косово ќе продолжи да соработува со КФОР за обезбедување стабилност и безбедност на северот на Косово, соопшти Европската служба за надворешна политика.

Борел додаде дека стабилноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан и нивното усогласување со надворешната политика на Унијата се од витално значење за ЕУ.

Мбапе: Мора да победиме во Дортмунд, бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата

Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе не се откажува од првото место во групата во Лигата на шампионите и покрај „киксот“ со Њукасл во 5. коло.

Парижаните синоќа на домашен терен одиграа 1:1 спасувајќи се од пораз со пенал во осмата минута од судиското надополнување.

- Резултатот е тешко да се прифати, имавме толку многу шанси за гол. Во фудбалот може да се биде подобар, но не и да се победи. Така се случи вечерва. Во Дортмунд треба да победиме бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата. Мојата работа е да постигнувам голови и да им помагам на моите момци. Сепак, можев повеќе да му помогнам на мојот тим бидејќи имав многу шанси. Во Лигата на шампионите треба да постигнете гол кога имате можност. Имавме 9-10 шанси, но не ги реализиравме, з ана крај да се спасиме со пенал, изјави Мбапе за „TNT Sports“.

На едно коло пред крајот во Ф-групата, Борусија Дортмунд е лидер со 10 бода, ПСЖ има седум, Њукасл и Милан собраа по пет бода.

притисни ентер