Бајден: Недозволиво е да избувне сеопфатна војна на Блискиот исток

Недозволиво е да избувне сеопфатна војна на Блискиот исток, изјави синоќа претседателот на САД, Џо Бајден, а во контекст на воените операции на Израел против Хезболах во Либан и Хутите во Јемен.

Одговарајќи на прашање на новинар за потребата од спречување на регионален конфликт, Бајден рече: „Тоа е неопходно. Мора навистина да се избегне.

Бајден исто така изјави дека планира да разговара со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, но не прецизираше кога тоа ќе се случи.

-Ќе ви кажам што ќе му кажам по нашиот разговор, изјави тој на новинарите.

Израел во неделата изврши удари врз Хутите во Јемен, проширувајќи ја својата конфронтација со сојузниците на Иран во регионот, два дена по убиството на лидерот на Хезболах, Саед Хасан Насрала.

Воздушните удари врз пристаништето Ходеида во Јемен беа одговор на ракетните напади на Хутите врз Израел во последните неколку дена, изјавија во Ерусалим, во услови на стравувања борбените дејства на Блискиот исток да излезат од контрола и во таа војна да бидат вовлечени Иран и главниот сојузник на Израел – САД.

Министерството за здравство на Јемен, управувано од Хутите, изјави дека најмалку четири лица загинале, а 29 биле ранети.

Ударите биле извршени во време кога Израел напаѓаше други цели во Либан, каде што засилените бомбардирања во последните две недели доведоа до загинување на неколку високи лидери на Хезболах и принудија стотици илјади луѓе да ги напуштат своите домови.

Израелската војска вчера вети дека ќе продолжи со нападите.

-Тие го изгубија своето раководство, и ние мора да продолжиме да нанесуваме силни удари врз Хезболах, изјави началникот на Генералштабот на Израел, Херзи Халеви, пренесоа западните медиуми.

Легендарните хитови на Битлси утре ќе воскреснат во оригинална изведба на џез оркестарот

Џезерите во октомври: Легендарните хитови на Битлси утре ќе воскреснат во оригинална изведба на Националниот џез оркестар.

Националниот џез оркестар утревечер (1 октомври) на Летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе настапи со концерт со хитови на Битлси, а веќе на 8 октомври на сцената на МНТ, ќе одржи концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.

Вонвременските хитови на легендарните Битлси, ќе прозвучат на сосема нов начин на концертот на Националниот џез оркестар, што ќе се одржи утревечер, на 1 октомври на Летната сцена „Славиша Кајевски“-МНТ со почеток во 21 часот. Нашите џезери ветуваат оригинална интерпретација и незаборавна вечер со композиции на ливерпулската четворка која ја смени рокенрол музичката историја.

Како солисти на концертот ќе ги слушнеме нашите истакнати музичари: Кирил Кузманов, Славко Георгиев, Трајче Велков, Виктор Филиповски,, Сашко Николовски и Гордан Спасовски под диригенство на маестро Џијан Емин.

Една недела подоцна, поточно на 8 октомври Националниот Џез оркестар со задоволство најавува и специјален концерт, со почеток во 20:00 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје., кој ќе ги спои искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.

Концертот ќе понуди динамична програма, исполнета со разнородни џез композиции и иновативни аранжмани. Ова вечер ќе биде одлична можност, јавноста да ужива во креативноста и свежината на новите таленти, како и да ги поддржи во нивниот музички развој.

Инаку во Македонскиот народен театар изминатата недела се случи отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“, која ги сплоти публиката, актерите, режисерите, музичарите и сите уметници, на едно убаво место – плато/летната тераса покрај течението на реката Вардар. Доколку временските услови не се пријатни за концерт на отворено, утрешниот настап на Националниот џез оркестар, може да се одржи на затворена сцена во МНТ.

Коалицијата Милатовиќ-Абазовиќ ќе биде тасот на вагата за власта во Подгорица

Според прелиминарните резултати од вчерашните избори во Подгорица ниту една од листите поединичено не освоила доволен број гласови за самостојно да формира власт.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) освои 19 мандати во градскиот парламент, Движењето Европа сега (ПЕС) и Демократите освоија 14 мандати, додека коалицијата предводена од некогашниот Демократски фронт (ДФ) има 13 мандати, За подобра Подгорица – шест, Европскиот сојуз – три, Пресврт и Партија на европскиот прогрес (СЕП) освоија по две места.

Градското собрание на Подгорица има 59 места, а за мнозинство потребни се 30 мандати. За формирање на градска власт ќе решава коалицијата За подобра Подгорица, која со Граѓанското движење Обединета реформска акција (ГП УРА) на поранешниот премиер Дритан Абазовиќ и Движењето за промени (ПЗП) на Небојша Медојевиќ.

Ако сојузот помеѓу ПЕЗ-Демократи и коалицијата За иднината на Подгорица обезбедат поддршка за претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ би имале 33 места во Парламентот. Од друга страна ДПС со поддршка на Европскиот сојуз, СЕП и листата За подобра Подгорица би имале до 30 одборници.

Вонредните избори во Подгорица беа распишани по расколот во владејачкото Движење Европа сега помеѓу актуелниот премиер Милојко Спајиќ и претседателот Милатовиќ.

Инсајдер: Поседуваме документи што покажуваат дека Навални е отруен

Рускиот портал Инсајдер објави дека добил пристап до официјални документи поврзани со смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални.

Порталот пишува дека има две верзии на документот потпишани од рускиот истражител Александар Варапаев. Тие се однесуваат на одлуката на рускиот истражен комитет да не отвора кривична постапка по смртта на Навални. Порталот пишува дека руските власти постојано ги отстранувале информациите за симптоми кои не одговараат на официјалната причина за смртта објавена од руската држава.

Претходната верзија ги опиша симптомите на Навални на следниов начин: „На 16.02.2024 година осудениот А.А.Навални додека бил во тренинг дворот број 2 на ТОЧК (стамбена единица од типот на едноќелија), почувствувал нагло влошување на неговата здравствена состојба, за што го известил дежурниот од установата, кој го извадил од просториите на дворот во просториите на одделение бр.4 на ЕПКТ. Таму осудениот А.А. Навални легна на подот и почна да се жали на остри болки во стомакот - почнал рефлексно да ја исфрла содржината од желудникот, имал конвулзии и изгубил свест, што веднаш било пријавено кај медицинскиот персонал од поправниот дом“.

Во подоцнежната верзија на истиот документ, која стана конечна, нема информации за болки во стомакот, повраќање или напади. Инсајдер пишува дека има пристап до друг документ кој содржи список на „конфискувани предмети“ земени од местото на смртта на Навални. Списокот вклучува „примероци од повраќање“, за кои во документот се вели дека биле доставени на тестирање.

Но, информациите за прегледот и наодите од повраќањето не се официјално објавени.

-Документите ги потврдуваат зборовите на Јулија Навална, која изјавила дека во последните минути пред смртта Алексеј се пожалил на акутна стомачна болка, пишува Инсајдер.

Инсајдер го цитира лекарот Александар Полупан, кој го лекуваше Навални во Омск по труењето со Новичок во 2020 година. Тој вели дека симптомите опишани во документите не се совпаѓаат со официјалната верзија.

-Официјалната причина за смртта, нарушување на срцевиот ритам, на никаков начин не ги објаснува симптомите опишани во документите: остри болки во стомакот, повраќање или напади. Овие симптоми тешко можат да се објаснат со ништо друго освен со труење. Краткиот интервал помеѓу абдоминалната болка и конвулзии сугерира можност за изложеност на истата класа на супстанција како и Новичок, но во овој случај можеби е администриран внатрешно наместо локално, изјави Полупан за Инсајдер.

притисни ентер