Австралиец уапсен откако речиси 100 кенгури беа пронајдени мртви

Австралиец е уапсен откако речиси 100 кенгури беа пронајдени мртви, соопшти денеска локалната полиција.

Полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека 98 мртви кенгури биле пронајдени во октомври во регионот Хантер, северно од Сиднеј, заедно со кутија со муниција и два чаури.

Еден човек е уапсен и обвинет за прекршоци на суровост кон животните во петокот, соопшти полицијата. Тој, исто така, беше обвинет за прекршоци со огнено оружје, додаде полицијата.

Запленети се три огнени оружја, а мажот ќе се појави пред суд во јануари, соопшти полицијата./МИА

Снежно невреме: Камиони заглавени на Стража, сообраќајка кај Буково

Снежното невреме што ја зафати Македонија во попладневните часови предизвика сериозни проблеми на патиштата и во сообраќајот.

На речиси сите планински превои во западниот дел од Македонија има забрана за тешки товарни возила.

На превојот Стража, еден од најкритичните патишта за сообраќај, два камиона се заглавија во снегот и го блокираа сообраќајот, што доведе до значителен застој.

Поради сообраќајна незгода, во прекин е и сообраќајот на патот Ресен-Охрид преку планинскиот превој Буково.. Порталот Плусинфо јави дека на патот Маврово-Дебар се превртел автомобил, откако возилото се излизгало поради мразот на патот, но среќа нема повредени лица.

Силни врнежи на снег има и на автопатот Скопје – Гостивар, а отежнато е и движењето на Плетвар... Од попладнево забрана за тешки товарни возила е воведена и на патот Прилеп-Македонски брод..

Од МВР велат дека полицијата и надлежните институции постојано работат на расчистување на патиштата и обезбедување на безбедноста на граѓаните и повторно апелираат до сите возачи да бидат внимателни, да возат споро и да се придржуваат до сообраќајните правила…

Сондата „Паркер“ лета кон Сонцето- се очекува рекордот да биде соборен утре попладне (ВИДЕО)

Соларната сонда Паркер утре ќе биде најблиску до „допирање на Сонцето“.

Ќе биде 8 пати поблиску до нашата најблиска ѕвезда од Меркур, а за време на тој лет ќе го собори и сопствениот рекорд на брзина и ќе потврди дека е најбрзиот објект направен од човечка рака.

Сондата Паркер е лансирана во август 2018 година за да го проучува Сонцето одблизу. Оттогаш лета директно низ Сончевата корона, надворешниот дел од атмосферата, а новиот рекорд ќе биде пристигнувањето на растојание од 6,1 милиони километри од површината на ѕвездата, пишува LiveScience.

Во 12:53 часот на 24 декември, Паркер ќе достигне брзина од 700.000 километри на час и ќе се приближи до Сонцето што е можно поблиску. За да успее во тоа, сондата ќе треба да издржи температура од 1.371 степени, а се верува дека ќе успее во тоа благодарение на речиси неуништливиот штит.

- Ова е монументален потфат за целото човештво. Тоа е исто како слетувањето на Месечината во 1969 година - изјави претходно Нур Рауафи, астрофизичар од Универзитетот Џон Хопкинс.

Научниците се надеваат дека конечно ќе откријат зошто Сончевата корона е стотици пати потопла од површината, како и што ги придвижува сончевите ветрови.

Претходниот рекорд за брзина на сондата Паркер беше 635.266 километри на час. Ако вселенското летало на Земјата би имало ваква брзина, би можело да направи 15 кругови околу планетата за еден час или да лета од Њујорк до Лос Анџелес за нешто повеќе од 20 секунди.

Се зголемува бројот на загинати во уривањето на мостот во Бразил, и деца меѓу исчезнатите

Најмалку две лица загинале, а осум лица се водат како исчезнати откако вчера во Бразил се урна мостот Јуселино Кубичек де Оливеира, долг 533 метри, кој ги поврзува државите Токантинс и Марањао.

Вчера мостот попуштил во раните попладневни часови, а се урнал откако дел од структурата паднал на територијата на државата Маранџао, пренесува порталот Метрополис.

"Националната агенција за транспортна инфраструктура предупредува на целосна блокада на мостот на реката Токантинс. Централниот дел на мостот долг 533 метри се урна напладне", изјави министерот за транспорт Ренан Фиљо.

Противпожарната служба на Маранџао и воената полиција на Токантинс ја потврдија смртта на две лица во уривањето на мостот меѓу двете држави. Меѓу загинатите има 25-годишна жена и 42-годишен маж.

36-годишен маж е спасен со скршена нога и пренесен во болница во Естреито, државата Маранџао.

Според Воената полиција на Токантис (ПМТО), осум лица, меѓу кои две деца на возраст од три и 11 години, се водат како исчезнати. Меѓу возрасните исчезнати има две жени, двајца возачи на камион кои превезувале опасни производи како сулфурна киселина, возач на камион кој превезувал земјоделски пестициди и уште еден возач на камион.

„Истрагата во врска со несреќата на мостот е привремено прекината откако припадници на Противпожарната служба утврдиле дека два камиони што превезувале опасни производи паднале во реката“, соопшти ПМТО.

Гувернерот на Токантис, Вандерлеј Барбоза, на социјалната мрежа изјави дека државната администрација започнала напори за санирање на штетите и пружање помош на повредените.

Мостот е отворен во 1960 година, а структурата на мостот е дел од важен сообраќаен коридор, бидејќи го поврзува Белем со Бразилија, патот Трансамазон, како и железницата Норте-Сул.

притисни ентер