Пожар во комуналното претпријатие во Кочани, оштетени четири возила

Во пожар што избувна вечерва во стопанскиот двор на комуналното претпријатие „Водовод" во Кочани оштетени се четири возила за собирање отпад и за други намени.

Огнот бил забележан од дежурните работници во претпријатието по што веднаш била повикани екипи на Територијалната противпожарна единица кои успеале за краток период да го локализираат и да го стават под контрола. Сепак, според првичните согледувања направена е сериозна материјална штета, а едно возило е скоро целосно изгорено.

Увид на местот на настанот прави екипа од МВР и судија на претходна постапка за да се утврдат причините за пожарот. /МИА

Франција даде зелено светло за Протоколот за НАТО

 Француското национално собрание денеска на пленарна сесија го изгласа законот за ратификација на Протоколот за членството на Македонија во НАТО.

Предлог-законот на министерот за Европа и надворешни работи со кој се овластува ратификација на Протоколот на Северноатлантскиот договор за пристапување на Република Македонија, изутринава беше првата точка на дневниот ред на Француското национално собрание, кое по расправата во која учествуваа претставниците на сите политички групи даде зелено светло за ратификацијата на Протоколот.

Расправата во Националното собрание се одржа по неговото усвојување од францускиот Сенат на 17 октомври.

Влегувањето во сила на Протоколот за пристапување на Македонија ќе и овозможи на земјата да стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса, откако сите 29 земји членки на НАТО ќе известат за ннеговата ратификација.

Пристапувањето на Македонија во НАТО, според објаснувањето дадено од француското министерство за Европа и надворешни работи ќе ја зајакне безбедноста на регионот и на Алијансата како целина.

Франција ќе остане особено будна во однос на клучните принципи на процесот на проширување на НАТО, а тоа се проценка на сопствените вредности на земјите-кандидатки и нивниот придонес за безбедноста на евроатлантската област.

По зеленото светло од Франција, останува Протоколот да го ратификува уште Шпанија. Очекувањата беа дека Протоколот ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки до Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон, но во Шпанија на 10 ноември се одржаа избори, а таму според процедурите новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на земјава во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници, документот треба да биде ратификуван и во Собранието на Македонија, со што земјата станува 30-та членка на НАТО.

СДСМ: Мицкоски е лажен патриот

Јавноста вчера го виде лажното лице на Христиjан Мицкоски, неговото лицемерие и лажен патриотизам.

Едно зборува пред граѓаните друго зборува надвор од државата.

На средбата со премиерот на соседна Бугарија, Бојко Борисов, Мицкоски рече дека го поддржува Договорот за добрососедство и пријателство.

Две години Мицкоски зборува дека е против Договорот со Бугарија, за вчера за само две минути да каже дека го поддржува Договорот.

Кога лаже Мицкоски?

Кога на прес конференции од белиот дворец и на средби со граѓани низ државата велеше дека Договорот е штетен и капитулантски?

Или вчера излажа Мицкоски, во Загреб кога кажа дека тој и ВМРО-ДПМНЕ го поддржуваат Договорот за добрососедство и тоа на бугарски јазик.

Кому сега ќе му се извини Мицкоски за неговите лажги со опашки?

На граѓаните или на бугарскиот премиер Борисов?

Овој скандалозен однос на Мицкоски е нечесен кон граѓаните, нечесен кон државата и нејзините национални интереси!

Се потврди, Мицкоски нема став.

Едно зборува пред домашната јавност, а сосема друго пред странските политички претставници.

Тоа е истата матрица на Никола Груевски.

Мицкоски не може да понуди ништо освен лажен патриотизам, лицемерие и одбрана на криминалот.

Затоа граѓаните ќе го казнат таквиот нечесен однос на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните не сакаат лицемерни и политичари кои немаат став, кои едно зборуваат дома, друго надвор.

На 12 април доаѓа  поразот на лажниот патриотизам на Христијан Мицкоски.

Хари Ловенец, пратеник на СДСМ

Пендаровски: Да се инвестира во образованието за подигнување на свеста за климатските промени

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска вети дека ќе преземе се што е во негова надлежност со цел да се ублажат негативните ефекти од климатските промени и упати јавен апел до сите надлежни во земјава да го зголемат својот ангажман.

Пендаровски денеска се обрати на конференција „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува", на која професори и експерти од земјава и регионот дискутираат за постоечките ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.

Конференцијата е во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

-Ние политичарите и раководителите во институциите, експертите, едукаторите и бизнисмените имаме обврска активно да работиме за да креираме поздрава животна средина, рече Пендаровски и потсети дека минатата седмица се сретнал со претставници на десетици граѓански организации, кои дејствуваат во оваа сфера и им ветил дека тој ќе стори се што е во негова надлежност за заштита на животната средина.

Напомена дека иако била во завршна фаза пред да ја потпише ја вратил Стратегијата за одбрана за да биде дополнета со посебни мерки и активности за еколошка безбедност.

Пендаровски нагласи дека кон средината на следниот месец на седницата на Советот за безбедност прв пат на дневен ред ќе биде ставена точка за заштита на животната средина, а на седницата се поканети и претставници на  граѓански организации, кои ќе имаат можност да ги предложат своите мерки.

Претседателот изрази поддршка до граѓанскиот сектор, кој се залага да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина, со цел да се приближиме до просекот во ЕУ. Исто така даде поддршка и за создавање на национален фонд за заштита на животната средина, но додаде дека е потребно и да се инвестира во образованието со цел учениците во основно и средно образование да добијат интегрирано еколошко образование за заштита на животната средина.

Пендаровски нагласи дека нашата држава е една од најважните точки на биодиверзитетот во Европа и повтори дека како претседател на државата се залага за заштита на политиките на животна средина и на националниот биодиверзитет.

Британската амбасадорка, Рејчел Галовеј напомена дека денеска на повеќе начини  – со кампањи, протести, документарци се прават обиди за подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина и напомена дека светот на глобално ниво се соочува закани, кои ќе влијаат на сите нас.

Истакна дека до крајот на векот се прогнозира зголемување на температурите на глобално ниво за два до четири степени и  додаде дека е потребно да се сменат овие негативни промени.

Особено важно во таа насока е вијанието што до даваме на индивидуално ниво, рече Галовеј, напоменувајќи оти, секој граѓанин треба да де свој придонес, рециклирајќи пластични предмети.

-Мора да бидеме строги кога станува збор за еколошките и економските промени, рече Галовеј и додаде дека е потребна долгорочна стратегија со цел итно и правилно да се адресира проблемот.

Енергетската индустрија, отпадот, сообраќајот и градежништвото најмногу придонесуваат во емисиите на стакленички гасови во Македонија, додека шумите и урбаното зеленило кои се главни апсорбирачи на гасовите, се карактеризираат со низок квалитет и мал годишен прираст, нагласуваат организаторите на денешната конференција.

Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1.9 степени Целзиусови до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година.

Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето.

Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност…, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места.

Сепак, сериозноста на последиците ќе зависи од способноста на државата да се подготви и да се справи со климатските промени, додаваат организаторите.

Во рамките на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува" предвидени се два панели, првиот е посветен на темата „Како да ги ублажуваме климатските промени", а вториот „Како да се адаптираме кон климатските промени". 

притисни ентер