Големи протести во Либан , земјата парализирана (ВИДЕО)

Либанските сили за безбедност се обидуваат да гиубедат демонстрантите повторно да ги отворат патиштата низ земјата , за да нема насилство , откако целата држава е парализирана во антивладините протести.

За да не дојде до ескалација на протестите , владата на премиерот Саад ал- Харири најави сет мерки , меѓу кои и долго најавуваните мерки против корупцијата.

Стотици илјади протестираат од четвртокот на улиците на Либан, обвинувајќи ја политичката елита дека ја води економијата во пропаст.

Банките и училиштата сè уште се затворени. Рано наутро, бројот на демонстранти во центарот на Бејрут и северниот град Триполи се чинеше дека е помал од порано.

Протестите се главно мирни од петокот вечер кога безбедносните сили се судрија во центарот на Бејрут.

Доцна вчеравечер, војниците во Бејрут се судрија со млади луѓе со мотоцикли кои ги носеа знамињата на Хезболах и Амал.

Протестите ги обединија Либанците од сите фракции и не ги предводи ниту една доминантна политичка партија.

Некои големи патишта денеска беа отворени повторно за сообраќај, но други сепак останаа блокирани.

Реформите што вчера ги најави Харири вклучуваат симболично намалување на платите на министрите и пратениците, како и мерки за балансирање на јавните финансии кои беа одложувани подолго време.

Либан е меѓу најзадолжените земји во светот, со невработеност од 37 проценти. Економијата е лошо погодена од политичката криза и регионалните конфликти.

Францускиот нон-пејпер на разгледување во Владата, Париз бара новата методологија да се објави до јануари 2020.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година.

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки".

Како „пребавни" ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка" на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Според Париз, таквиот принцип е нужен во ситуации кога земјата кандидат делумно или воопшто не исполнува одредени критериуми или престанала да ги исполнува преземените обврски. Во таков случај, европскиот одговор би можел да се движи од запирање на финансиската помош до општа суспензија, во случај да се доведени во прашање основните вредности на ЕУ.

Со нон-пејперот се предвидува дополнителна финансиска помош во предпристапниот период за Западен Балкан, што би подразбирало поголеми предпристапни инструменти и пристап до структурните фондови кои сега се резервирани само за земјите-членки на ЕУ.

-Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

-Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ, велат од Владата.

За нон-пејперот вчера се огласи и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, кој посочи дека е важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето да се определи датум за почеток на преговорите.

-Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата, посочи Османи за Алсат – М.

Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.

За новата методологија Мицкоски рече дека претставува рамка чии детали дополнително ќе се прецизираат и утврдуваат.

– Колку време сега ќе биде потребно оваа рамка испорачана како „нон-пејпер" од Франција да биде уредена и детализирана во документ, како и колку ќе биде подолг патот за членство на Македонија. Очигледно е дека нашите партнери од ЕУ констатирале дека постојат двојни стандарди кај земјите аспиранти за членство. Доколку видат дека вие формално, а не суштински затварате поглавја, постои можност повторно да се навраќате на иста група поглавја, а тоа може да прерасне во приказна која нема завршеток. Затоа потребно е да се европеизираме одвнатре, за да можеме да бидеме конкурентни во Европа, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Документот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки. /МИА

Стопанственици бараат увоз на работници од странство

Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство.

Toa е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување.

Прашањето го постави Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица" од Струмица. Образложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020, за кој се разговараше на панел дискусијата на Локалниот економско социјален совет што се одржа во Струмица.

-И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат, додаде Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

-Градежни работници во моментот доаѓаат од Косово, а од Албанија се присутни насекаде. Измената во законот треба да се направи за признавањето на стажот, бидејќи имаме ситуација со градежни инженери кои работеле по 20 години надвор во познати компании, но нашата Агенција за вработување тоа не го препознава како стаж, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

-Јас не би давал субвенци и бенефиции на никој, туку да се намалат давачките на сите стопански субјекти и да бидеме сите рамноправни и исти, бидејќи има одредени субјекти кои прават злоупотреби во делот на бенефициите и кои придонесуваат за појава на нелојална кокуренција, а институциите тоа не може да не го знаат и сум фрапиран од инертноста, тромоста и немањето храброст да се спротивставиме на овие аномалии, рече Ванчо Чонев, стопанственик од Делчево.

И градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски забележа дека немањето доволно работна сила и одбивањето работа е голем проблем за сите.

-Јас лично сум сведок како некои луѓе одбиваат работа за 300-400 евра за нивната квалификација или не ја прифаќаат и тоа е за мене феномен. Тоа треба да се земе предвид кога се прават проекции и најверојатно тие луѓе имаат други приходи. Претпоставувам дека се работи за сива економија, која е голем проблем и можеби не е лошо да се размислува за некоја кампања или едукација за надминување на овој проблем, смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Според Миле Милановиќ од „Струмичката бизнис заедница" стопанствениците активно учествуваат во креирањето на Оперативните планови и сите забелешки кои биле искажани од бизнис секторот биле имплементирани во планот за 2019 година.

-Убаво е за оперативниот план за 2020 година да се слушне гласот на „Струмичката бизнис заедница". И оваа година наша забелешка е синхронизирано, односно хронолошки и пред време да ни ги најават мерките за да може да ги внесеме во нашите развојни планови во компаниите и во развојните планови за зголемувањето на бројот на работниците, рече Милановиќ, кој се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар" смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката „Гаранција за млади" е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем./МИА

Кофинансираните специјализанти за утре најавија протест, за Филипче нивното барање е легитимно

Група од 130 лекари на кофинансирана специјализација за утре најавија протест пред Министерството за здравство, на кој ќе го изразат своето незадоволство од условите и договорите по кои работат. 

 Како причина за протестот го наведуваат тоа што нивните специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита.

За протестот, кој беше најавен и на Фејсбук профилот на Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС, министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека дознал ден претходно, при што напомена дека нивното барање го смета за легитимно.

Тој потенцира дека имале работна средба, а закажана е и нова за да видат што може да се направи, затоа што, како што посочи, станува збор за потреба од измена на Закон за здравствена заштита.

-Ве известуваме дека на ден понеделник, 18.11.2019 година, ќе се организира протест на кофинансираните приватни специјализанти пред просториите на Министерството за здравство поради следниве причини: Нашите кофинансирани приватни специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита, бидејќи содржат елементи и од приватни и од државни и не се целосно дефинирани, се вели во нивната објава.

Почитувањето, односно непочитувањето на договорот од страна на Јавните здравствени установи за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време по завршувањето на специјализацијата  се уште претставува проблем, додава ЗЛС, со тоа што млади доктори кофинансирани кои се завршени специјалисти добиваат плата во висина на една просечна плата на ниво на Република Македонија.

-И покрај тоа што земаме пониска плата од нашите колеги кои немаат никаква обврска кон државата (ниту да работат во одредена институција, ниту да враќаат енормни суми на државата), плаќаме   одреден дел од нашата партиципација за специјализација сами и годините што треба да ги одработиме за установата се исти како и државните специјализанти, финансиите што треба да ги вратиме се повисоки од тие на државните специјализанти кои се во однос 1:2, а ние кофинансираните сеуште остануваме со однос 1:5  (5 пати повисоки од износот кој што е кофинансиран) доколку би се откажале од истата, нагласува ЗЛС.

Во врска со висината на нивната плата, велат изнесува колку една просечна плата на ниво на Република Македонија, која е пониска од платата на државен специјализант во иста „ЈЗУ", кој е со иста ангажираност, исти услови, ист обврзувачки договор, како и кофинансираниот. Со тоа, како што појаснува ЗЛС кофинансираните специјализанти не се опфатени со никакво покачување на плата за лекари специјализанти предвидено со закон.

-Очигледно овој пилот проект на кофинансирана специјализација има суштински проблеми кој треба детално да се разгледаат. Бараме трансформација на работниот однос од определено во неопределено и прецизно дефинирање и усогласување на решенијата за горе наведените проблеми во најкраток можен рок, се нагласува во нивната објава на Фејсбук.

Министерот Филипче вчера истакна дека во текот на минатата недела имал состанок со кофинансираните специјализанти и нагласи дека оваа Влада е првата, која одвоила средства во 2018 година приватните специјализанти за прв пат да бидат платени за својот труд.

-Тие до тогаш работеа практично без пари. Кофинансираните специјализанти се една посебна група која што има направено посебни договори заради тоа што преку специјализацијата тие имаат направено и договор на определено работно време.

Согласно Законот, кога ја завршуваат специјализацијата, нивниот работен однос се трансформира во работен однос на неопределено работно време, истакна Филипче.

За него е сосема легитимно барањето да се направи трансформација уште за време на специјализацијата за што во овој момент не постои законска можност, а се со цел да го добијат зголемувањето на средствата. кое сега го добиваат здравствените работници.

-Ние договоривме дека ќе направиме неколку работни средби во рамки на Министерството со правната служба во рамки на нашата соработка со Фондот за здравствено осигурување и веројатно со пратениците со цел да се види каква е можноста тој Закон во тој дел да се промени. Закажавме уште една средба за тогаш кога ќе ги имаме информациите во текот на следната недела за да видиме што и како можеме да направиме во однос на динамиката за тоа што следува во Собранието, истакна Филипче./МИА

притисни ентер