Седници на комисиите за надворешна политика, за европски прашања и ЗПК

Во Собранието денеска седници ќе одржат Законодавно-правната комисија и комисиите за надворешна политика и за европски прашања.

Пред членовите на Комисијата за надворешна политика е Предлог законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за кинематографска копродукција (ревидирана).

На седницата на Комисијата за европски прашања ќе се одржи јавна расправа за Предлог законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во второ читање.

Законодавно-правната комисија, како што е најавено од Собранието, денеска треба да ги одржи 140-та и 141-та седница.

Членовите на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите на Собранието на Република Северна Македонија ќе оствари работна посета во просториите на Оперативно – техничката агенција (ОТА) во рамки на остварувањето на своите надлежности за надзор над посебните истражни мерки за следење на комуникациите. /МИА

За утре во 11 часот закажана седницата за пратеничкиот мандат на Никола Груевски

Павле Богоевски, како претседател на  Комисијата за деловнички и имунитетно-мандантни прашања за утре во 11 часот ја закажа седницата на која треба да се одлучува за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски.

 Но, опозицијата го оспорува неговиот кредибилитет по скандалот со нелегална набавка на наркотици.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ допрва ќе се координираат дали утре ќе побараат одземање на Богоевски од претседателската функција во комисијата, а се уште немаат прецизен став и како ќе гласаат по предлогот да му се одземе мандатот на поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ.

За пратениците од парламентарното мнозинство најважно за утрешната седница е да се задржи фокусот на Груевски, без одговор дали Богоевски има кредибилитет да ја води комисијата.

По признанието дека нелегално набавувал, како што самиот тврди, масло од канабис, Богоевски досега одбива да се изјасни по повиците во јавноста за негова оставка од пратеничката функција.

Во меѓувреме, обвинителството и МВР по негова пријава работат на утврдување на идентитетот на таксистот што наводно го снимал пратеникот како и на сопственикот на профилите на социјалните мрежи каде беше објавен телефонскиот разговор.

ДУИ не се откажува од идејата за Ветинг

ДУИ не се откажува од идејата за Ветинг преку која би се контролирала работата на функционерите, како тие го стекнале имотот и дали во текот на своето работење имале контакти со лица замешани во организиран криминал.

Пратеникот од оваа партија Артан Груби вели дека оваа идеја набрзо ќе биде преточена во предлог закон, во кој би биле наведени сите детали за неговата содржина, но се уште не е прецизирано дали тој ќе има ретроактивно дејство.

Ветингот би ги опфатил и судиите, обвинителите и судските советници со цел реформирање на правосудниот систем. 

Во Албанија пред три години беа изгласани уставни измени и направени законски измени за спроведување на овој процес.

Според Претседателот на Здружението на судии Џемаили Саити, искуството од оваа соседна земја покажало дека ветингот носи лоши резултати и од тие причини тој смета дека ваков процес во Македонија не е потребен.“Треба самоеваулација, односно некоја форма поблага од ветинг, но цело време повикувам на таа самоевалуација ние судиите да си ја направиме преку нашите одлуки и постапувања. Доколку некој има таква анализа и смета дека самоевалуацијата би била неуспешна тогаш немам против да се спроведе таква анализа. Но при таква постапка мораме да ги имаме во предвид лошите искуства во Албанија, каде што целиот правосуден систем е во банкрот.  Имате седум судии на Врховен суд од дваесет, имате еден судија на Уставен суд и граѓаните се оставени на милост и на немилост на извршната власт, “вели Џемаили Саити – Врховен судија и претседател на Здружението на судии.

Веќе од поодамна се планира спроведување на вакви проверки  и кај полицајците, командирите и началниците во МВР. Во Албанија претходната година за само една недела пред истекувањето на рокот за предавање на потребните формулари, 500 полицајци самоволно ја напуштија својата работа.

Прекршочна пријава од антикорупционерите доби в.д директорката на Клиниката за хематологија

Прекршочна пријава од антикорупционерите доби в.д директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска. 

 Иако имала обврска досега четири пати да поднесе анкетен лист за имотната состојба, бидејќи толку пати и се продолжувал мандатот вршител на должност, тоа не го сторила. Прекршочни оти не поднеле анкетни листови добија и десетици декани и ректори на универзитети и институти од Скопје, Тетово и Прилеп.

Антикорупционерите ќе испитуваат и како се трошат народните пари во државните и јавните институции. Во фокусот ќе бидат пратениците и користењето на патни трошоци.

По сознанија од медиумите, Антикорупциска отвори предмет со кој ќе се испитаат наводи за можни злоупотреби во Министерството за локална самоуправа со кое раководи Сухејл Фазлиу. Постојат сомнежи за вработување на блиски лица во Министерството и за користење на службени возила за приватни потреби.

Под закана од  кривична пријава е и поранешниот претседател на Скопскиот Кривичен суд Владимир Панчевски по наводите за вработувањето на неговиот внук Јордан Тасевски во судот.

Според  сознанијата на Антикорупциска, Тасевски прво го добил решението за вработување, а дури потоа ги поднел документите за конкурсот. Тој воопшто не се ни пријавил на огласот за вработување.

притисни ентер