Јаневски: Мора добро да се подготвиме за пролетниот дел

Актуелниот македонски шампион Вардар денес во Скопје ги започна подготовките за пролетниот дел од сезоната за кои тренерот Чедомир Јаневски очекува да поминат со висок интензитет.

- Во првите денови од подготовките ќе ги направиме потребните физички тестови на играчите, и тоа ќе почне од утре. Тука сме до вторник, кога заминуваме во Анталија каде што ќе го одработиме оној главен дел од подготовките и ќе играме пријателски натпревари. Нашата цел е и во оваа 2018 година повторно да освоиме трофеј. За да го направиме тоа треба многу добро да се подготвиме, затоа што пролетниот дел го почнуваме со негатива од осум бодови, меѓутоа пред нас се уште 18 натпревари. Затоа е важно подготвени да го дочекаме пролетниот дел од сезоната, изјави Јаневски.
„Црвено-црните“ ќе работат во Скопје до 16 јануари, а потоа заминуваат во Анталија (Турција), каде ќе останат до 7 февруари и ќе одиграат шест контролни натпревари.

Јаневски во изјава за клупскиот сајт се осврна и на засилувањата.

- Добивме нови, млади играчи. Приликите се такви, и мора во иднина младите таленти низ цела Македонија да доаѓаат во Вардар. Сигурно дека покрај нивната младост, тие се и искусни играчи затоа што имаат по 50 прволигашки настапи во изминатите 2-3 години, што е бројка за почит, и јас очекувам со нивната работа да се наметнат и да бидат идни стандардни првотимци на Вардар, вели тренерот на Вардар. 

СП 2018: Шаќири: Мојата радост беше полна со емоции

Швајцарскиот фудбалер Ѓердан Шаќири изјави дека не сака да ги коментира реакциите на радоста на неговиот победнички гол против Србија.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а стрелец на решавачкиот гол беше Шаќири во 90-та минута.

Швајцарскиот фудбалер со косовско потекло на голот и на победата се радуваше гестикулирајќи орел како симбол на албанското знаме, а многумина особено од српската страна го сфаќaат како политичка провокација.

- Не сакам да го коментирам тоа. Ја видовте мојата радост беше полна со емоции. Оваа победа е за Швајцарија и тоа е се што би рекол за темата, истакна Шаќири.

На сличен начин и неговиот соиграч Гранит Џака, кој исто така има албанско потекло, се радуваше на првиот гол кој го постигна за израмнување на Швајцарија. /МИА

СП 2018: Митровиќ: Многу наивно ги примивме головите

Српскиот фудбалер Александар Митровиќ по натпреварот со Швајцарија изјави дека многу наивно доволиле да примат два гола.

Швајцарската репрезентација ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија, а Митровиќ во петтата минута го постига единствениот гол за српската репрезентација.

- Не знам што се случи, ги примивме головите многу наивно и многу глупаво. Наместо да го браниме резултатот...Не може да се оди како мува без глава, разочаран сум, истакна Митровиќ.

За Србија сега единствена шанса за пласман во осминафиналето е победа против Бразил.

- Треба да се бориме против Бразил и да играме за победа. И Костарика и Швајцарија покажаа дека може да се игра против нив, наведе српскиот фудбалер.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман. /МИА

СП 2018: Швајцарија ја совлада Србија

Швајцарија ја совлада Србија со 2:1 во натпревар од групата Е на Светското првенство во Русија.

Во возбудливиот натпревар со сериозни шанси на двете страни, српската репрезентација дојде до водство од 0:1 со голот на Александар Митровиќ во петта минута, резултат со кој се замина на паузата.

Во почетокот на вториот дел Гранит Џака беше прецизен и Швајцарија во 52-та минута израмни на 1:1.

Швајцарската репрезентација со голот на Џердан Шакири во 90-та минута дојде до победа од 2:1.

Во оваа група Бразил и Швајцарија сега имаат по четири бода, Србија има три, додека Костарика остана без бодови и без шанси за натамошен пласман./МИА

притисни ентер