Спуст победи во Аспен за Штухец и за Парис

Словенката Илка Штухец и Доминик Парис од Италија победија на денешните спуст трки што се одржаа во американскиот ски центар Аспен. Штухец триумфираше убедливо со 66 стотинки пред Американката Линдзи Вон, а трета заврши Софија Гоџиа од Италија.

Со денешната победа Штухел ја потврди првата позиција во спуст и го освои кристалниот глобус, пред Гоџиа. Во генералниот пласман води Америкната Михаела Шифрин со 1523 бодови, додека Штухец има 1245.

Во машкиот спуст победи Доминк Парис од Италија со време 1:33.07 минута, пред сонародникот Петер Фил, кој заостана 8 стотинки зад победникот. Место на подиумот избори и Карло Јанка од Швајцарија со време 1:33.25 минута.

По осумте одржани трки во спуст првото место му припадна на Фил со 454 бодови, а втор е Кјетил Јансруд од Норвешка со 431 бод. Во генералниот пласман по 33 трки Марсел Хиршер од Австрија е лидер со 1425 бодови.  

Роналдо: Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри

Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо го спореди Ливерпул со неговиот тим од пред неколку години, најмногу во контекст на триото во нападот - Салах, Мане и Фирмино. 

Тимот од Мадрид за трофејот во финалето ќе се борат против „црвените од „Енфилд“.

- Тие ме потсетуваат на Реал од пред неколку години, со три брзи играчи во нападот. Тие се во финалето заслужено. Имам голема почит кон Ливерпул, но мислам дека сме подобри, изјави Роналдо, цитиран од „Индепендент“.

Португалецот додаде дека ова е историски момент за клубот и дека треба да го покажат искуството во такви ситуации.

- Од суштинско значење е да напишеме историја, а не кој ќе постигне гол. Ја сакам Лигата на шампионите, бидејќи за да ја освоите, мора да ги победите најдобрите тимови на континентот и секогаш се случува нешто возбудливо, вели Роналдо.

Финалето на Лигата на Шампионите се игра во сабота, 26 мај во Киев./MИА

Шкендија фаворит, Пелистер посакува изненадување

Пред утрешното финале на Купот на Македонија тренерите и капитените на финалистите, Пелистер од Битола и Шкендија од Тетово, одржаа заедничка прес-конференција.

Тренерот на „домаќините“ Неџат Хуесин смета дека Шкендија е голем фаворит пред утрешното финале.

- Актуелниот шампион тоа го покажа и низ првенството, каде што играше стандардно добро. Имаат една од подобрите екипи подолго време во македонската лига и несомнено се фаворити. Но, секогаш фаворитот не значи дека ќе победи во финалето на купот. Ние нема да дојдеме со бело знаме и ќе пружиме добар отпор. Очекувам добар натпревар, па нека победи подобриот, рече тренерот на Пелистер, Неџат Хусеин.

И фудбалерот на Пелистер, Благојче Марковски смета дека Шкендија е фаворит, но во купот имало изненадувања.

- Шкендија е секако фаворит, но се надевам на поволен резултат за нас, рече Марковски.

Тренерот на тетовчани, Ќатип Османи, смета дека купот е поразличен од првенството, бидејќи се игра само еден натпревар.

-Ние сосема сериозно го сфаќаме овој натпревар и сигурно дека посакуваме да победиме и да го освоиме купот, рече тренерот на Шкендија, Османи.

Капитенот на Шкендија,Ферхат Асани, го дели мислењето на својот тренер.

- Нашата цел оваа сезона е да ги освоиме двата трофеи. Едниот го освоивме, а утревечер сакаме да го земеме и вториот. За прв пат во историјата на клубот сакаме двете титули да ги донесеме во Тетово, рече капитенот Ферхат Асани.

Двесет и шестото финале на фудбалски куп на Македонија се игра утревечер на Градскиот стадион „Младост“ во Струмица со почеток во 20 часот./МИА

Велковски е нов играч на Ријека

Дарко Велковски е нов играч на фудбалскиот клуб Ријека.

Велковски потпиша договор за три години со можност за продолжување за уште една година, а во Хрватска доаѓа од редовите на Вардар. Тој е и поранешен фудбалер на Работнички, а со двата тима го има освоено македонскиот шампионат.

- Градот е убав, луѓето се одлични, сите се насмеани. Стефан Ристовски ми кажа сѐ најдобро за Ријека, за клубот и навивачите. Исто така, ги знам Жута и Ристовски. Се надевам дека ќе ги оправдаме нашите очекувања и ќе освоиме трофеи во Ријека, изјави Велковски по потпишувањето на договорот, цитиран од клубот.

Тој се заблагодари за дадената шанса во тимот од Хрватска и изрази надеж дека ќе се вклопи во системот на тренерот и дека ќе напредува. /МИА

притисни ентер