Бурна атмосфера на Конгресот на СДСМ

СДСМ одлучува кој да ја води партијата. На денешниот конгрес делегатите ќе гласаат ЗА или ПРОТИВ раководството на партијата на чело со Зоран Заев.Гордан Георгиев, Митре Велјановски и Есад Рахиќ побарале Заев да си оди, а Оливер Спасовски и повеќе делегати од Радовиш, Свети Николе дале поддршка за Заев.
СДСМ одлучува кој да ја води партијата. На денешниот конгрес делегатите ќе гласаат ЗА или ПРОТИВ раководството на партијата на чело со Зоран Заев.

На почеток на конгресот лидерот беше пречекан со овации и аплауз од најголемиот дел од делегатите.

Но, потоа почнала бурна дебата. Поранешните пратеници Гордан Георгиев, Митре Велјановски и Есад Рахиќ побарале Заев да си оди, оти немал капацитет да ја води партијата. Раководството пак добило поддршка од Оливер Спасовски и повеќе делегати од Радовиш, Свети Николе кои сметале дека за само 10 месеци откако го презеде кормилото на партијата Заев покажал храброст и истрајност во обидите да ја обедини партијата.

На конгресот како гостин бил поканет претседателскиот кандидат Стево Пендаровски но тој изјавил дека сака да остане дистанциран од внатрепартиските случувања на Конгресот.

Токму неговото име како најдобар иден лидер на партијата го исфрли поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Сепак Заев се надева дека ќе ја добие довербата од делегатите и во своето обраќање повикал на единство во партијата.

На овој 18 конгрес присутни се 563 од вкупно 707 делегати, а гласањето е тајно. 

Основците од Карпош ќе отворат новинарски клуб и ќе изработуваат училишни веб страници

Во рамки на денешната 36. седница, советниците од општина Карпош ги изгласаа сите предлог – Одлуки со кои се одобруваат финансиски средства за проекти од областа на образованието, локалниот економски развој и  рамноправниот пристап на жените.

Како што соопштуваат од општина Карпош, здружението „Профицио“ ќе го реализира проектот „Основи на веб програмирање и изработка на веб сајт“, во кој ќе биде инволвирана одредена група на осмоодделенци од сите училишта во Карпош. Покрај тоа што ќе се стекнат со основите на HTML, CSS и веб програмирањето, основците со помош на професионалци ќе изработат информативен веб сајт за училиштето од кое доаѓаат, којшто потоа ќе остане во негово владение.

Советниците гласаа позитивно за проектот на Центарот за поддршка и креативен развој, со кој десетина ученици од осмо и девето одделение ќе се запознаат со новинарските техники преку четиримесечна обука, која опфаќа формирање на новинарски клуб од основните училишта од општина Карпош. Притоа, основците ќе учествуваат во  подготовка на весник, печатење и негова промоција. Во проектот ќе бидат вклучени и наставници по македонски јазик и општествени науки.

Локалната самоуправа обезбеди средства за  проектот „Второ семејство“, кој ќе го реализира Здружението за заштита на правата на децата - „Поврзани“. Се работи за специфичен пристап кон основците, во рамки на училишната паралелка - како второ семејство, која на еден начин треба да претставува безбеден микросистем на интеракции во воспитно – образовниот процес. Во таа насока ќе се организираат повеќе училишни работилници, каде ќе се воспостават воспитни вредности за градење на меѓуврсничка соработка и поддршка на ранливата категорија на ученици (пр.во случај на попреченост, развод и сл.), преку вклучување на инклузивни содржини.

Здружението за едукативно – креативна детска работилница „Играј и учи“, ќе го спроведе проектот за подигнување на свеста за животната средина преку уметност, театар и раскажување на приказни – „Еко театар“. Со него ќе бидат опфатени 180 деца од шесто до девето одделение, во девет основни училишта од општина Карпош. Основците ќе се запознаат детално со екологијата, глобалното затоплување, рециклирањето и одржувањето на здравата околина.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за проектот на невладината DFCCA (Drive for colon cancer awarnes), која ќе организира еднодневен настан за собирање на средства, кои потоа ќе бидат наменети за кампања за борба против ракот на дебелото црево и малигнитетот кај децата.

Од областа на локалниот економски развој, советниците од Карпош дадоа поддршка и за проектот на „Центарот за поддршка и креативен развој“, кој подразбира стручна обука на 12 жени – жителки на Карпош, за започнување на сопствен бизнис. Станува збор за жени од ранливи категории кои се наоѓаат во потешка социо – материјална состојба, кои со помош на искусни обучувачи и експерти, треба да ги осознаат правните и економските принципи на водењето бизнис.

Со одлука на Советот, едукативниот центар „Идеа“ ќе добие финансиски средства за реализација на проектот „И жените можат“, чија стратешка цел е да се зголеми нивото на вработеност  на жените од сите делови на општина Карпош. Во рамки на проектот ќе се спроведе и истражување на цела територија на локалната самоуправа, кое ќе се движи во насока кон добивање на конкретни анализи за потребите на три целни групи на жени.

На седницата беше усвоен и Годишниот Извештај за работа на полициската станица „Карпош“ за 2019 година, се наведува во соопштението од општина Карпош.

Алијанса за Албанците и Алтернатива ја официјализираат коалиција

Алијанса за Албанците и Алтернатива, утре официјално ќе го потпишат договор за коалиција за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. 

Во соопштението на Алијанса за Албанците, се вели дека договорот за соработка ќе биде потпишан откако двете парти се согласиле заеднички да учествуваат во изборите што следат.

Свеченоста за потпишување ќе биде проследена со прес-конференција на која ќе се обратат Зијадин Села и Африм Гаши во Холидеј Ин. По потпишувањето, двајцата претседатели и другите членови на партијата ќе се сретнат со граѓаните во скопската чаршија. 

Жбогар очекува фер избори, а изборната кампања да се фокусира на реалните прашања

Европската комисија неодамна уште еднаш ја повтори нејзината препорака и нејзиното убедување дека е време да се отворат преговори со вашата земја, истакна евроамбасадорот Самуел Жбогар при денешната негова прва посета на Пробиштип.

Тој забележа дека минатиот октомври земјите членки на ЕУ побараа нова методологија, односно нов процес на отварање на преговори со земјите кои бараат да влезат во ЕУ.

-Во тој конктекст Европската комисија изготви документ, којшто сега е во процес на дискусија меѓу земјите членки на ЕУ. Ние се надеваме дека и тој услов или предуслов или таа патна препрека наскоро ќе може да биде тргната се со цел за да можеме понатаму да земјите членки отвараат или да дадат датум за преговори, рече Жбогар.

Прашан што  Македонија треба да направи за да влезе во ЕУ,  Жбогар истакна дека има уште работи коишто земјата треба да ги испоарача.

-Има многу работи кои вашата земја треба да ги испорача и токму поради таа причина постои процес на проширување и во овој момент не може да влезете во ЕУ. Прво би требало вашата економија, вашето општество, животна средина и државни институции сите да се подготват за да влез во ЕУ и токму поради тоа постои процес на преговори со цел да се подготвите. Со еден збор вашата земја треба да ги имплементира стандардите на ЕУ, кажа Жбогар.

Прашан како гледа на изборниот процес, којшто претстои во Македонија, Жбогар со одговор дека очекува да се спроведат фер и демократски избори, како и до сега.

-Собранието само што се распушти и какошто вие рековте веќе влегуваме во изборен период. Тоа што сите го видовме во текот на минатите избори, било тие да се за претседателски или парламентарни избори, на некој начин ги крена очекувањата многу високо. Затоа што сите тие беа спроведени на перфектен, соврешен начин, ние како Европската унија не очекуваме ништо помалку, па ниту подолу од тие очекувања, односно од начинот какошто беа спроведени минатите избори. Ние се надеваме дека овие избори ќе бидат слободни, и дека ќе бидат фер, вели Жбогар.

Тој рече дека очекува изборната кампања да се фокусира на реалните прашања, за коишто денеска и разговарал со младите во Пробиштип, а поврзани со образованието, здравството, миграцијата, а политичките прашања помалку да доминираат.

-Така да ние како ЕУ се надеваме дека острата реторика меѓу политичките партии ќе се намали и оти политичарите ќе можат конечно да се фокусираат на прашања или на реални резултати да можат да ги испорачаат за своите граѓани, вели Жбогар. /МИА

притисни ентер