Американскиот боксерски тим одби да учествува на СП поради учество на Русите под свое знаме

Официјалната веб-страница на американската боксерска федерација објави одбивање на учество на американски тимови на светските првенства за мажи и жени.

Причината е одлуката на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) да им дозволи на боксерите од Русија и Белорусија да се натпреваруваат под нивните национални знамиња.

Шефот на „USA Boxing“, Мајк Мекати, ги наведе тврдењата против ИБА, поради кои, според него, учеството на светските првенства „ги крши не само санкциите на Меѓународниот олимписки комитет, потврдени на 2 февруари, туку и принципите на фер-плеј и транспарентност.

Управниот одбор на ИБА, на чело со Умар Кремлев, гласаше за укинување на забраната за боксери од Русија и Белорусија од меѓународни натпревари. Одлуката стапи на сила на 5 октомври.

ИБА сака да остане политички неутрална и независна и повика на мирно решавање на конфликтите.

Светското првенство во бокс за мажи ќе се одржи од 1 до 14 мај во Ташкент (Узбекистан), додека во женска конкуренција од 15 март до 31 март во Делхи (Индија).

Учество на Муцунски на состанок на МНР на земјите од САД – Јадранската повелба (А5)

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста за натамошно одржување на релевантноста на САД–Јадранската повелба.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од САД – Јадранската повелба (А5), кој се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, во рамките на претседавањето на Република Албанија со А5 оваа година.

Во рамките на состанокот, министрите дискутираа за начините за натамошно унапредување на соработката во рамките на Повелбата, во контекст на современите безбедносни предизвици. Заеднички беше оценето дека А5, како посебна платформа за соработка, има постигнато значајни резултати во изминатите две децении, и беше искажана подготвеност за натамошно зајакнување на соработката со цел одржување на стабилноста и просперитетот на регионот.

Министерот Муцунски ја истакна посветеноста за натамошно одржување на релевантноста на САД–Јадранската повелба. Нагласи дека фокусот на соработката во претстојниот период треба да биде ставен на интензивирање на соработката во справување со новите безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, особено хибридните закани, сајбер нападите и природните непогоди, со цел зајакнување на отпорноста на државите.

Во експлозија во судница во Калифорнија две лица се повредени, осомничениот е во притвор

Најмалку две лица се повредени во експлозија што се случи денеска во судницата на југот на американската сојузна држава Калифорнија, соопштија властите.

Едно лице е приведено по експлозијата што била пријавена во судот во Санта Марија во округот Санта Барбара, соопшти канцеларијата на шерифот.

„Имаме извештаи за двајца повредени. Едно лице е веднаш приведено. Местото и понатаму е активно. Ве молиме продолжете да ја избегнувате областа“, соопштија од Канцеларијата на шерифот на округот Санта Барбара на платформата X (Твитер). /МИА

Повеќе од 30 затвореници по грешка ослободени од затвор во Велика Британија

Повеќе од 30 затвореници по грешка се ослободени од затвор во Велика Британија како дел од владиниот план за растеретување на затворите.

Извор од Министерството за правда изјави дека на 10 септември по грешка биле пуштени 37 лица, бидејќи нивните прекршоци биле погрешно евидентирани, јави Скај њуз.

Петмина затвореници се уште не се вратени во затвор, но повеќето се вратени во притвор.

Околу 1.700 затвореници беа ослободени од затворите низ Англија и Велс на 10 септември во обид да се олесни пренатрупаноста на затворите, а речиси исто толку ќе бидат ослободени во октомври. /МИА

притисни ентер