Амбасадите на САД и Украина во Белград ја осудија посетата на Вулин на Москва

Амбасадата на Украина посочи дека Србија и Украина се стремат кон членство во ЕУ и дека во врска со тоа Србија треба да воведе санкции кон Русија.

Амбасадите на Украина и на САД во Белград во одделни соопштенија го критикуваа учеството на директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија, Александар Вулин, на меѓународната безбедносна конференција во Москва, јави дописникот на МИА од Белград.

Амбасадата на Украина посочи дека Србија и Украина се стремат кон членство во ЕУ и дека во врска со тоа Србија треба да воведе санкции кон Русија, наведува РСЕ.

-Сметаме на фактот дека земјата кандидат за членство во ЕУ ќе се приклучи на заедничката европска политика кон државата агресор, Руската Федерација, соопшти Амбасадата на Украина.

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, во писмена изјава за РСЕ изјави дека „никој не треба да и дава легитимитет на руската акција со соработка со Кремљ како да е сè во ред“.

-Руската агресија против нејзиниот мирен сосед Украина е незаконска и неразумна. Владимир Путин ја започна оваа брутална војна. Тој може и треба веднаш да стави крај и да ја запре смртта и уништувањето што ги предизвикува неговата војна, рече Хил.

Американскиот сенатор Крис Марфи, по повод посетата на шефот на Безбедносно-информативната агенција БИА, Александар Вулин на Москва, изјави дека Русија деновиве бара пријатели, но дека не смета дека е политичко и морално да се поддржи режимот на Владимир Путин.

Руските државни медиуми на 24 мај објавија дека директорот на БИА, Александар Вулин, учествува како претставник на Србија на меѓународната безбедносна конференција во Москва.

Официјални информации за неговото учество на таа конференција не беа објавени на веб-страниците на официјалните институции во Србија.

Здравствените работници од Геријатрија најавија дводневен протест

Независниот синдикат на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина најави дводневен протест в петок и сабота, по повод незадоволството од платите и вработувањата.

Претседателот на Независниот синдикат на геријатрија на денешната прес-конференција најави дека ќе бараат порамнување на платите и потпишување нови договори.

Костовски нагласи дека протестот не би се одржал доколку Министерството за финансии, како што вели тој, имало слух за нивните потреби.

Протестот за Град Скопје ќе се одржи в петок, а за цела држава во сабота со почеток од 11 часот, и ќе започне од МРТ спрема Црвен крст, па се до Собранието на Северна Македонија и Министерство за правда, и ќе заврши пред Владата каде што работниците ќе го изразат своето незадоволство.

„Нефрон“: Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на Јовев

„Повикуваме во прв план да се стават потребите и животите на пациентите кои чекаат трансплантација на срце и други кардиохируршки интервенции, а суетите по страна“

Апелираме да се преиспита одлуката за разрешување на директорот, професор доктор Сашко Јовев, а за евентуално направените грешки и пропусти во работењето, доколку ги има, соодветно нека биде казнет со други мерки, но, да не се казнуваат пациентите или оние кои чекаат трансплантација, затоа што сите сме свесни дека Националната програма за трансплантација на органи се темели најмногу на ентузијазмот на поединците и посветеноста на тимот. Ова се наведува во денешното соопштение на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ од Скопје.

- Сѐ она што се појави како информација по социјалните мрежи и медиумите за разрешувањето на професор доктор Јовев, директор на Клиниката за кардиохирургија, нѐ вознемири како здружение на граѓани, како пациенти кои чекаат трансплантација и како единствено здружение на бубрежно болни, кое наназад 20 години ја води кампањата за органодарителство и трансплантација на органи, пишува во соопштението.

Од таа причина, решиле да го споделат нивното мислење и загриженост во врска со овој случај.

- Ни во еден момент не сакаме да судиме или браниме и доколку постојат основани причини и грешки во работењето на професор доктор Јовев и Клиниката за кардиохирургија со која тој раководи, постојат процедури и дисциплински мерки со кои истите можат да бидат санкционирани. Но, мораме да се сложиме дека во најтешките времиња во текот на пандемијата со Ковид 19, под водство на професор доктор Јовев и тимот за трансплантација се направи голем исчекор во медицината со првата трансплантација на срце во Македонија, која силно и позитивно одекна не само кај нас во државата, туку и пошироко. Направените 8 трансплантации на срце спасија осум животи и влејаа надеж кај пациентите кои чекаа да им се трансплантира срце, дека најпосле и тие ќе имаат решение за нивните проблеми и ќе продолжат да живеат. Се радувавме со нив, особено затоа што пациентите кои чекаат трансплантација на бубрег имаме опција за живот - тоа е дијализата, а за пациентите кои чекаат трансплантација на срце тоа беше единствениот начин да продолжат да живеат, се додава во соопштението.

Од Здружението истакнуваат дека „не смееме да заборавиме дека како предводник на тимот за трансплантација на срце, докторот Сашко Јовев за првпат направи уште еден голем подвиг несвојствен за Македонија и ги обедини најголемите експерти од областа на јавното и од приватното здравство, со што тој успех беше уште поголем“.

- Епилогот на оваа оптужба и разрешување на професорот Јовев најверојатно ќе заврши како и многу досега, со водење на долги процеси за проценка на стручноста и компетентноста на работењето на лекарите во лекувањето на пациентите, со долги беспредметни судски процеси и долги рокови на процесуирање кои на крајот завршуваат со неутврдување на одговорност и вина, но кој ќе ја понесе одговорноста за направените штети кон професорот Јовев, Клиниката за кардиохирургија, целокупното македонско здравство, а посебно кон пациентите, прашуваат од Здружението.

Затоа, додаваат, „повикуваме во прв план да се стават потребите и животите на пациентите кои чекаат трансплантација на срце и други кардиохируршки интервенции, а суетите по страна“.

Вонреден инспекциски надзор од ДСЗИ во психијатриска болница „Скопје“

Вонреден инспекциски надзор од Државен санитарен и здравствен инспекторат бил извршен во психијатриска болница „Скопје“, потврди за МИА в.д. директорот Мухсин Арифи, кој најави повеќе детали нешто подоцна во текот на денот.

- Kако новоназначен директор на психијатриската болница „Скопје“, чувствувам должност да се обратам на пошироката јавност за последните случувања поврзани со агресивните пациенти кои се тепаат меѓусебе. Истите се сместени на судско одделение каде се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд. Се однесува на лица кои сториле кривични дела како убиство, обид за убиство и друго. Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови, се наведува во неговото соопштение до јавноста, а поврзано со видеата објавени на Фејсбук, каде се гледа како лица се тепаат.

Тој додава дека од негова страна по настанатиот случај се преземени сите безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните институции што во моментот се грижат за безбедноста.

- Очекувам во најкраток рок институционално решавање на случајот, а во меѓувреме започнав со воведување мерки и механизми за превенција на вакви идни немили настани. Крајната цел е да се постигне трајно решение за подигнување и одржување на безбедноста во болницата и подобрување на условите за нејзино нормално функционирање, потенцира Арифи во обраќањето до јавноста.

притисни ентер