Алонсо: Мојот тим покажа карактер

Тренерот на Баер, Чаби Алонсо изрази задоволство од играта на неговиот тим кој синоќа го совлада Милан (1:0) во натпреварот од 2. коло на Лигата на шампионите.

- Милан добро не тестираше. Првите 60 минути од натпреварот ги одигравме одлично. На крајот, заморот си го направи своето по натпреварот од Бундеслигата што го одигравме во саботата, но тимот покажа карактер и успеа да победи. Во Лигата на шампионите треба да бидете способни да се борите и да покажете тимски дух. Оваа победа е важен чекор за нас. Да, малку потфрливме на физички план, но јас сум среќен со резултатот, изјави Алонсо за веб-страница на УЕФА.

Баер е трет на табелата во Лигата на шампионите со 6 бода од 2 натпревари. Во следното коло екипата на Леверкузен гостува кај Брест.

Уапсени две лица на аеродромот во Ларнака со околу 35 килограми канабис скриени во куферите

Со околу 35 килограми канабис скриени во куферите, двајца патници пристигнале на аеродромот во градот Ларнака на Кипар, по што биле уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Дрогата била откриена при контролата спроведена од припадници на Секторот за борба против дрога на кипарската полиција и царински службеници, а уапсени се две лица на возраст од 19 и 25 години.

Кипарскиот информативен портал „Филелефтерос“ повикувајќи се на свои извори пишува дека станува збор за лица со грчко потекло, кои од Барселона преку Минхен пристигнале во Ларнака.

Ова е втор ваков случај на Кипар, откако кон средината на септември било уапсено едно лице на аеродромот во Ларнака откако во неговиот куфер биле пронајдени речиси 27 килограми канабис.

Зидан отворен за преговори со Манчестер Јунајтед

„Црвените ѓаволи“ го забележаа најлошиот почеток на сезоната во Премиер лигата.

Легендарниот француски поранешен фудбалер и тренер на шпански Реал Мадрид, Зинедин Зидан ќе инсистира на конкретен трансфер во Манчестер Јунајтед доколку се постигне договор со англискиот клуб, со кој моментално е отворен за преговори, тврди football365.com.

Зинедин Зидан би сакал францускиот дефанзивец на Барселона, Жил Кунде, да биде првото ново засилување во Јунајтед доколку го преземе тимот. Според него, Кунде би имал фундаментална улога во зајакнувањето на одбраната на англискиот тим.

„Црвените ѓаволи“ го забележаа најлошиот почеток на сезоната во Премиер лигата, откако тимот на менаџерот Ерик тен Хаг собра само седум бода од можни 21 и примија пет гола во воведните седум кола.

Меѓу имињата кои се поврзуваат за потенцијални замени на холандскиот стручњак, покрај Зидан се и Масимилијано Алегри, Герет Саутгејт, Томас Тухел, Еди Хау и Томас Франк./МИА

Од Нова Градишка почна ултрамаратонот во чест на Тоше

Во Нова Градишка, Хрватска попладнево започна 17-от ултрамаратон во чест на Тоше Проески. 

Четиринаесетте маратонци ќе трчаат низ Хрватска, па преку Србија, низ Македонија, сѐ до Крушево каде треба да стигнат напладне в среда, 16 октомври, на годишнината од смртта на нашата и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Пред тргнувањето, маратонците положија цвеќиња на спомен обележјето на Тоше во Нова Градишка.

Како што објаснува Наум Капричеваски кој е дел од ултрамаратонот од неговото востановување во чест на Тоше, маратонците цела Хрватска ќе ја поминат штафетно, низ Србија ќе се возат со возила, и се очекува утре, на 15 октомври околу 13 часот да пристигнат на граничниот премин Табановце и да влезат во Македонија. Утре околу 18 часот, маратонците ќе бидат на плоштадот во Скопје, а потоа од 20 часот го продолжуваат ултрамаратонот. Ќе поминат кај Велес, Градско, Росоман, Прилеп, за на 16 октомври, в среда напладне, да пристигнат во Крушево. Во родниот град на Тоше ќе бидат пречекани од учениците од основното и средно училиште кои ќе даруваат 500 рози во чест на Тоше Проески. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.

Маратонците вчера пристигнаа во Загреб, Хрватска. Беа пречекани од претставниците на македонското друштво, а во македонската православна црква во Загреб, ги пречека протојереј ставрофор, отец Кирко Велински и се одржа света литургија за помен на Тоше. /МИА

притисни ентер