Уставните измени за внесување на Бугарите ќе се случат тогаш кога владејачката коалиција ќе биде сигурна дека има политичка волја и предвидливост во процесот со ЕУ, без опасност од нови блокади за членство во Унијата, вели претседателот на Собранието, Африм Гаши. На неколку дена до Нова Година, рок кој од коалицијата „Вреди“ беше посочен како краен датум за носењето на уставните измени, Гаши изјави дека не се сеќава дека тоа било напишано во програмата, но оти промената на Уставот е комплексно прашање, кое не зависи од еден политички елемент.
- Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата, но секако имаше такви изјави. Коалицијата ‘Влен’, сите пратеници, стојат зад тоа и ние, ако би дошле на дневен ред, уставните измени би ги гласале и денеска, но мислиме дека треба заеднички да се договориме кога тоа е најдобро за државата, за сите граѓани и затоа правиме максимални напори како парламентарно мнозинство да ги донесеме уставните измени кога ќе биде најдобро за нашата држава, кога ќе има политички договор за тоа и кога ќе бидеме убедени дека имаме предвидливост во процесот. Тоа значи дека нема да имаме повторно вето за три месеци, за шест месеци и така натаму“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Интерпелациите кои ги поднесе „Европскиот фронт“ за работата на вицепремиерите Меџити и Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик, Исени, како и онаа од Левица за пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути заради блокада на Законот за бранители, собранискиот спикер очекува да бидат ставени на пленарна седница на почетокот од Новата година. Сепак, според него тие ќе немаат правен ефект.
- Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, а ако не ќе ги ставиме во дневен ред како што доаѓале. Во однос на ефектот на интерпелациите, интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието, рече тој.
Идејата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за креирање наднационална платформа за најважните државни прашања од сите парламентрани партии, за Гаши е прифатлива но како претседател на Собранието, рече, дека ќе се огради од дополнителни коментари на политички изјави од партиски лидери.