Актерот Борис Чоревски засади дрвце во Алеја на наградените за животно дело во Битола

 Доајенот на Народен театар-Битола, актерот Борис Чоревски, годинешен добитник на највисокото општинско признание за животно дело, наградата „4 Ноември“, засади дрвце во Алејата на добитниците на наградите за животно дело.

Според востановената традиција, на чинот на засадување учествуваше градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈП „Комуналец“-Битола, Горан Степановски.

Градоначалникот Коњановски истакна дека во блиска иднина ќе се исправи неправдата кон сите останати добитници на наградата за животно дело кои пред 2018 година не засадиле, и да се засадат дрвца во Алејата на добитници на наградата за животно дело. Актерот Чоревски, пак, уште еднаш јавно се заблагодари што стана добитник на наградата како признание на тоа што го направил во Битола.

АХВ спроведе вонредни контроли, парично казнети 23 угостители

Акцент со реализираните 244 инспекциски надзори беше ставен на угостителските објекти, каде се одржуват предновогодишни прослави. 

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога операторите со храна имаат зголемен обем на работа поради поголемата побарувачка и потрошувачка на прехранбени производи, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во изминативе две недели спровеле вонредни, засилени контроли, при што за утврдените недоследности издадени се 55 решенија со наредби за нивно отстранување и изречени се 23 парични казни.

-Акцент со реализираните 244 инспекциски надзори беше ставен на угостителските објекти, каде се одржуват предновогодишни прослави. Кај 43 оператори утврдено е дека не ги задоволуваат хигиенските барања, односно, немаат имплементирано процедури на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а кај 4 констатирано е дека не ги спровеле задолжителни здравствени прегледи на вработените лица, соопштуваат од АХВ.

Во соопштението се додава дека иако имаат законска обврска, пет од контролираните угостители не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. Како небезбедни, уништени се над 200 килограми храна.

Русија се откажа од мораториумот за распоредување ракети со краток и среден дострел

Русија ќе се откаже од предложениот мораториум за распоредување ракети со краток и среден дострел, откако САД почнаа да распоредуваат такво оружје, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Ја оценуваме ситуацијата врз основа на анализа на дестабилизирачките дејствија на САД и НАТО во стратешката сфера и соодветно на развојот на заканите што произлегуваат од тоа“, рече Лавров.

„Денес е јасно дека, на пример, нашиот мораториум за распоредување на ракети со краток и среден дострел повеќе не е практично одржлив и ќе мора да се напушти. САД арогантно ги игнорираа предупредувањата од Русија и Кина и распоредија оружје од оваа класа во различни региони во светот“.

Вашингтон се повлече од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел во 2019 година.

Русија тогаш објави дека нема да распореди такво оружје освен ако тоа не го стори и Вашингтон.

Гвардиола направи список со посакувани засилувања

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола направи список со посакувани нови засилувања. Стручњакот идентификувал пет фудбалери со кои ќе ја промени лошата ситуација кај „граѓаните“. 

Тимот е во кошмарна форма, со само 1 победа во последните 13 натпревари. Во моментов, англискиот шампион е на седмото место во Премиер лигата, далеку од врвот.

„Тајмс“ тврди дека Манчестер Сити веќе во јануари ќе се обиде да ангажира најмалку тројца од играчите кои ги бара Пеп. Инаку, целиот список е подготвен за следните два преодни рока. Ги вклучува следните имиња: Марк Гуехи (Кристал Палас), Џамал ​​Мусиала (Баерн Минхен), Флоријан Вирц (Баер Леверкузен), Мартин Субименди (Реал Сосиедад) и Бруно Гимараеш (Њукасл).

За да го направи тоа, Сити ќе мора да направи некои тешки одлуки во претстојниот преоден рок, а целта на Пеп е да го освежи својот тим и да се справи со некои долготрајни повреди, како онаа на освојувачот на „Златната топка“ - Родри.

притисни ентер