Адвокати: Трамп не може да плати гаранција од 464 милиони долари

Трамп не може да плати гаранција од 464 милиони долари во случајот за граѓанска измама во Њујорк.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не може да најде осигурителна компанија која ќе ги гарантира 464 милиони долари што судот му наложи да ги плати во случајот за граѓанска измама во Њујорк, соопштија неговите адвокати.

Адвокатите на Доналд Трамп велат дека обезбедувањето кауција од таа големина е „практично невозможно“.

Трамп е прогласен за одговорен за погрешно прикажување на нето сумата на пари што ја поседува во случајот за финансиска измама што ја покрена њујоршката обвинителка Летиша Џејмс.

Обвинителката Џејмс најави дека е подготвена да започне процес на запленување на имотот на Доналд Трамп доколку тој не може да ја плати сумата утврдена со пресудата.

„Ако нема средства да плати, ќе бараме механизми за извршување на пресудата на суд и ќе побараме од судијата да му го заплени имотот“, рече Џејмс во интервју за Еј-Би-Си Њуз.

Трамп, републикански кандидат на претседателските избори во САД во ноември, има намера да поднесе жалба на пресудата на њујоршкиот граѓански суд усвоена во февруари, со што автоматски ќе се запре извршувањето на одлуката на судот.

За да поднесе жалба, тој прво мора да уплати пари на сметка на апелациониот суд или гаранција за целиот износ, но, според адвокатите, 30 осигурителни компании ги одбиле неговите барања да му помогнат.

Адвокатите на Трамп побараа од апелациониот суд да го одложи издавањето гаранција додека не заврши неговата жалба на случајот, тврдејќи дека вредноста на имотот на Трамп далеку ја надминува пресудата.

Судијата Артур Енгорон минатиот месец пресуди дека Трамп и неговата компанија незаконски ја преувеличувале вредноста на нивното богатство и манипулирале со вредноста на имотот за да добијат поволни заеми од банките и поволни услови од осигурителните компании. Тој нареди Трамп да и плати на државата Њујорк 355 милиони долари, со камата, 464 милиони долари.

Енгорон, исто така, им нареди на синовите на Трамп, Доналд Трамп Јуниор и Ерик, да платат по речиси 4,7 милиони долари.

На поранешниот финансиски директор на организацијата Трамп, Ален Вајзелберг, му беше наложено да плати 1,1 милион долари.

Енгорон, исто така, издаде тригодишна забрана за Трамп да раководи со која било њујоршка компанија или да бара кредит од банки регистрирани во државата Њујорк, додека на неговите два сина им беше забрането да заземаат лидерски позиции во фирми на две години.

Судијата рече дека „целосното отсуство на каење кај обвинетите се граничи со патологија“.

Трамп минатиот месец плати кауција од речиси 92 милиони долари во тужба за клевета, додека ја обжали пресудата во тужбата поднесена од њујоршката писателка Е. Џин Керол, која го тужеше за сексуален напад и клевета.

Велика Британија го повика на разговор рускиот амбасадор поради „злонамерни активности“

Британското Министерство за надворешни работи го повика на разговор рускиот амбасадор во Лондон по наводите за сомнителни и злонамерни активности на Русија на територијата на Велика Британија.

„Велика Британија и понатаму е длабоко загрижена поради наводите за руска злонамерна активност на наша почва, како и моделот на однесување на Руската Федерација за спонзорирање на такви активности на територијата на други, суверени држави“, се вели во соопштението.

Велика Британија повика на „итно запирање“ на ваквите активности и рече дека ќе продолжи да работи со сојузниците за одвраќање и одбрана од „спектарот закани кои доаѓаат од Русија“.

Одлуката доаѓа откако Британец беше обвинет за „вршење непријателски активности во Обединетото Кралство во корист на Русија“, соопшти вчера британското обвинителство (ЦПС).

ЦПС наведе дека Дилан Ерл е обвинет според Законот за национална безбедност од 2023 година, што е прв случај на обвинение според оваа законска регулатива.

Анчелоти: Ѓулер ќе биде клучен играч на Реал

 Турскиот талент Арда Ѓулер следната сезона ќе биде меѓу носителите на играта на Реал Мадрид, најави тренерот на Кралскиот клуб, Карло Анчелоти.

Деветнаесетгодишниот Ѓулер прв пат се најде во почетниот состав во Ла Лига и го постигна својот втор гол во дресот на Реал Мадрид во вчерашната победа од 1-0 на гостувањето против Реал Сосиедад.

Според информациите, турскиот играч за врска е незадоволен од малата минутажа што ја добива и размислува да ја смени клупската средина како позајмен фудбалер во новата сезона, но Анчелоти во него гледа еден од клучните играчи во новата сезона.

„Арда ќе биде многу важен играч за нас во иднина и нема сомнеж дека ќе остане тука следната година. Тој е многу млад, но малку по малку учи каква е неговата улога во овој тим. Тој постигна повеќе голови отколку што одигра натпревари. Тоа е талент“, рече Анчелоти.

Сончево со мала до умерена облачност, следува период на релативно топло време

До крајот на денот сончево со мала до умерена облачност. Попладне, особено во северозападните делови ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. 

Ќе дува слаб ветер од јужен правец, информираат од УХМР.

Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 24 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд.

Од УХМР известуваат дека следува период на сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува кон средината на следната седмица.

притисни ентер