Примени се повеќе од 20.000 нарачки за целосно електричниот проект „ ID. Buzz“ во Европа, и покрај тоа што ова комбе допрва треба да се појави во салоните.
„Volkswagen ID. Buzz“ моментално се нуди само во Европа со батерија од 82 kWh и погон на задните тркала, а е достапен во комерцијални или патнички верзии.
„Уште пред лансирањето на пазарот, од почетокот на авансната продажба, веќе успеавме да продадеме повеќе од 20.000 примероци од моделот ID.Buzz“, се пофали Ларс Краус, член на управниот одбор на брендот „Volkswagen“.
„Со нивната достапност во салоните, сега очекуваме понатамошен раст на побарувачката“, додава тој.
„Volkswagen“ започна со производство на моделот „ID. Buzz“ во Хановер на почетокот на јуни и има намера да произведе 15.000 возила до крајот на годината.
Тој очекува дека кога ќе го достигне максималниот производствен капацитет, ќе произведува и до 130.000 примероци од ова возило годишно.
Првите 6.000 автомобили наскоро треба да пристигнат во салоните, а потоа и кај крајните клиенти.
Веста доаѓа два месеци откако Ларс Краус рече дека првите 10.000 нарачки пристигнале, и покрај тоа што ниеден клиент немал шанса да го вози електричното комбе.
Единствената варијанта на моделот „ID. Buzz“ моментално достапен за клиентите во Европа има опсег на возење од 423 km, според „WLTP“ стандардот за мерење.